Колку е среќен светот?
28 декември 2021Од 1979 година Галуп, меѓународна асоцијација на институти за истражување на пазарот и јавното мислење, ги мери надежите, среќатаи економските очекувања во светот. За 2022 година Галуп соопшти дека и покрај настаните од претходната година, луѓето гледаат со надеж во иднината - 38% веруваат дека 2022 година ќе биде подобра од 2021-ва, додека 28% очекуваат полоша година, а 2% сметаат дека 2022-ра нема да се разликува од 2021 година. Најоптимистични се луѓето во Индионезија, а најпесимистични во Турција. Колумбија е најсреќната земја, а Авганистан најнесреќната земја во светот.
На чело на Галуп е Канчо Стојчев. Го прашавме - каква беше за него 2021-та и што очекува од 2022-ра?
Канчо Стојчев: Се сеќавам само на добри работи, па за мене секоја година е одлична. А што се однесува до иднината, ако добро се сеќавам, Ајнштајн беше тој што рекол дека ако сакаш да го насмееш Бог, треба да му ги кажеш твоите планови.
Само едно нешто знаеме со сигурност, а тоа е - за среќа - не можеме да ја знаеме нашата иднина дури и ако мислиме дека можеме. Така што, јас повеќе сакам да зборувам за желби отколку за очекувања. Јас имам пет желби за иднината: треба да престанеме да се плашиме од смртта, треба да го регулираме светот попрагматично, треба да ја вратиме ЕУ на масата на оние кои одлучуваат на глобално ниво, треба да се бориме за нашата слобода и да престанеме да се откажуваме од нашите права и треба да се дистанцираме од хистеријата за климата.
Што ни кажува традиционалното истражување на Галуп на крајот на годината за 2021-ва и 2022-ра?
Ни вели дека глобалното јавно мислење е сериозно загрижено за економските перспективи и очекува продлабочување на кризата. Во овој поглед, Европа води, особено Источна Европа, каде околу две третини од испитаниците ги намалуваат своите очекувања. Невидената државна поддршка на лично и бизнис ниво одигра позитивна улога и на некој начин го ограничи ширењето на масовниот песимизам. Но, се чини дека допрва доаѓаат полоши денови.
Минатата година беше обележана со надеж дека вакцината против Ковид ќе стави крај на пандемијата, но оваа година завршува со повеќе прашања отколку одговори. По рекордното печатење пари можеше да се очекува зголемување на инфлацијата, но тоа нема да трае само неколку месеци, туку ќе трае со години. Нарушувањето на глобалниот синџир на снабдување и експлозијата на цените на енергијата ќе го зголемат масовното незадоволство и политичките тензии, и тоа не само, па дури и не претежно во помалку развиените земји.
Која е најсреќната земја во светот?
Традиционално, а ова глобално истражување го спроведуваме повеќе од 40 години, најсреќната земја не е меѓу најбогатите, па дури не е и меѓу најразвиените земји во светот. Оваа година Колумбија е на прво место со 79% од испитаниците кои се чувствуваат среќни. Вообичаено, земјите со помлада популација водат во ова рангирање. Побогатите општества обично се постари и помалку среќни. Но, признавањето дека некој е среќен или несреќен содржи многу специфични културни, психолошки и национални предрасуди или стигми. Среќата најчесто се перципира со негација: отсуство на болест, сиромаштија или угнетување. Тоа е прилично субјективен став кој не може да се мери и проучува под микроскоп, а игра важна улога во нашите животи.
Земјата од која Вие потекнувате, Бугарија, е на второ место по песимизам во цел свет, полошо е рангирана дури и од Авганистан. Зошто е така?
Кога го мериме оптимизмот и песимизмот, го бележиме ставот на јавноста, а не на поединци. Традиционалниот песимизам во Бугарија главно се должи на недовербата кон елитата, особено кон политичката елита, тој не е последица на неостварени соништа на јавноста. Тоа е повеќе осуда на начинот на функционирање на бугарското општество и, во тој поглед, е прилично позитивен и продуктивен став.
Нашето мерење на среќата е проценка на самиот себеси. И тука можеме да видиме дека Бугарите се повеќе среќни или барем подеднакво среќни како Германците. Единствената разлика е што на крајот на оваа година малку поголем процент од Германците се сметаат себеси за несреќни, а нешто поголем процент од Бугарите се изјаснуваат за среќни.
Што открива истражувањето за Германија?
Германците се чини се значително помали оптимисти отколку што беа во последните години и се под глобалниот, дури и под просекот на земјите од ЕУ. Поголем е стравот околу економијата. Речиси 50% од испитаниците се сметаат себеси за лично среќни, додека истиот индекс е значително повисок во слично развиените земји, како што се Јапонија или САД. Она што може да се види од анкетата е дека Германците се некако вознемирени, уморни и на некој начин имаат помала доверба во себе. На крајот на краиштата, тоа може да биде цел комплекс на несигурности - поради локдаунот, вакцината, сложеноста на новата коалициска влада, слабоста на Европската унија, растечкиот конфликт помеѓу Западот и Русија или Кина.
Како оваа пандемија влијае на надежите и среќата?
Луѓето ширум светот се сѐ поуморни. Порано сите планиравме за иднината: Каде ќе го поминам следниот одмор? Каков нов автомобил ќе купам? Тогаш барем во врска со овие работи ги знаевме одговорите. Сега се вративме во „нормалноста“, а вистинска нормалност е дека не ја знаеме нашата иднина, дури и ако оваа нова реалност ја гледаме како ненормална. Ги губиме нашите илузии и во исто време се обидуваме да ги замениме со „нови религии“, како што се климатските промени или култот кон нашето тело.
Како можете да ги измерите надежта, среќата и оптимизмот?
Истражувачите секогаш ги мерат субјективните и варијабилните карактеристики, бидејќи таква е и човечката свест. Но, со мерење на субјективните карактеристики, добиваме нешто многу силно и многу објективно, имено јавното мислење, кое е силна колективна санкција во едно демократско општество, притисок на јавноста. Испрашувајќи ги луѓето ширум светот, не ги бараме нивните индивидуални ставови или преференции, туку се обидуваме да ја одразиме перцепцијата на јавноста.
По сите овие години на тестирање и мерење на среќата, надежта и очекувањата, дали Вие лично сте оптимист?
Некои од најголемите мислители велат дека е неспоиво да се биде оптимист и да се биде мудар. Затоа претпочитам да не бидам оптимист.