Кримските Татари бараат заштита од Турција
7 март 2014Конфликтот околу Крим се заострува, а загриженоста поради можното отцепување на полуостровот расте, особено меѓу речиси 300.000 Татари на Крим. Тоа се потомци на луѓето кои во времето кога Крим припаѓал на Османлиското царство го прифатиле сунитскиот ислам за своја религија и турскиот како официјален јазик. Тие припаѓаат на туркојазичните народи и според турското Министерство за надворешни работи чинат 13% од населението на Крим. Анкара се чувствува поврзана етнички и културно со „Кримските Турци“, како што Татарите се нарекуваат во Турција, и прави напори за мирно решение на конфликтот.
Во понеделникот (3.03) турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу во Анкара разговараше со 50 претставници на турските Крим-здруженија. Притоа нагласи дека Турција секогаш ќе стои на страната на кримските Татари. „Каде и да страдаат наши браќа и сестри, ние ќе бидеме првите што ќе помогнат“, нагласи Давутоглу.
Тој претходно беше во Киев на разговори со новата украинска влада и нагласи дека мора да се заштити територијалниот интегритет на Украина. Турскиот министер не изрази отворена критика на сметка на Русија, туку пледираше за мирно решение на конфликтот.
Дел од дипломатските напори беше и телефонскиот разговор на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган со рускиот претседател Владимир Путин. Според медиумски извештаи, Ердоган предупредил на опасноста од дестабилизација на регионот и од Путин побарал да се заложи за мирен соживот на Украинците, Татарите и Русите.
И во Киев се посакува посредничка улога на Турција. Според турската агенција Чихан, украинската амбасада во Анкара побарала од турската влада да учествува во меѓународните напори за деескалација. Во имејл порака е упатено предупредување дека на Татарите на Крим им се заканува „голема опасност“ доколку Русија го окупира полуостровот.
Кримските Турци во фокус на турската јавност
Ваквите предупредувања наидуваат на отворени уши во Турција. Турските медиуми во своите извештаи за настаните во Украина се фокусираат на Татарите на Крим. Истовремено, претставници на кримските Татари се обидуваат да предизвикаат што поголемо внимание во турската јавност. „Во Анкара, Истанбул, Анталија и други труски градови, луѓето излегоа на улиците на протести. Тие беа организирани од здружението ’Крим’ во Турција“, вели за ДВ професорот по историја Хакан Киримли, етнички кримски Татар и член на здружението „Крим“.
Околу пет милиони кримски Татари кои живат во Турција се бесни поради актуелниот политички развој, нагласува тој. „Тие демонстрираат против руската инвазија во нивната татковина, Украина, и се залагаат за зачувување на територијалниот интегритет на земјата“, вели Киримли. Професорот во разговорот за Дојче веле нагласува дека кримските Татари се против анексија на Крим од страна на Русија. „Причината за антирускиот став лежи во лошото искуство кое го имаат со руското владеење, кое траеше над 200 години.“ Тие стравуваат дека историјата би можела да се повтори и „многу се загрижени за својата иднина“, потенцира Киримли.
Антируски чувства
Полуостровот Крим во периодот од 1475 до 1774 година беше дел од Османлиското царство. По руско-османлиската војна (1770-1774) Крим стекна независност. „Во 1783 година Руското царство го анектираше Крим и го претвори во руска провинција“, раскажува историчарот Караман Сакул за ДВ. Во 1944 година Сталин донесе закон со кој кримските Татари се означени како предавници на Советскиот сојуз, со оглед на тоа што имало татарски легии кои се бореле на страната на нацистите, вели историчарот. „Потоа сите кримски Татари беа протерани од полуостровот. Дури по 1990 година, по распадот на СССР и стекнувањето независност на Украина, почна враќањето на кримските Татари во насока на Крим“, објаснува Сакул.
Украинците го поддржуваат населувањето на полуостровот со кримски Татари, поради тоа што мнозинството од населението на Крим е со руско потекло, вели Сакул и додава: „Тие сакаат да имаат што повеќе Татари на полуостровот. Украинците и кримските Татари се природни сојузници во борбата против руското продирање во регионот.“
Турција е против руска интервенција во Украина, но сепак сака да избегне значително влошување на односите со Москва. Турција нема да дозволи трансформација на кризата на Крим во турско-руска криза, потенцира министерот за надворешни работи Давутоглу. Истовремено, меѓутоа, тој нуди „помош за подобрување на украинско-руските односи“.
И кримските Татари сакаат да избегнат конфликт - тие знаат дека би биле први жртви на руската армија, нагласува Киримли. „Освен тоа, тие ја знаат омразата на паравоените Руси против нивните семејства. Затоа никој од нив не посакува војна“, убеден е Киримли.